Сите држави на Балканот се соочуваат со заеднички предизвик – лош квалитет на воздух, беше заклучокот на регионалната конференција „ ЕУ за зелена агенда во Србија“ која се одржа во Белград денес. Но исто така, секоја држава има добри практики кои ги сподели со останатите учесници. Денес можеа да се слушнат искуства и добри практики од Балканот и пошироко (Хрватска и Шведска), како и од меѓународни организации (Светската здравствена организација и УНИЦЕФ).
Ректорот на Универзитетот ‚‚Гоце Делчев‘‘ од Штип, проф. д-р Дејан Мираковски и раководителката на програмата за животна средина во Програмата за развој на Обединетите Нации, Анита Коџоман, ги презентираа позитивните искуства од Скопје во однос на мерењата и анализите со кои се идентификуваа загадувачите во Скопје и искуствата од конкретните акции како може да се подобри квалитетот на воздух на одредена локалција (во населбата Лисиче).
Резултатите од едногодишните мерења покажаа дека согорувањето на биомаса е главен извор на загадување во Скопје, но само во грејната сезона. Сообраќајот е вториот најважен извор, со конзистентно учество во текот на целата година, особено во Ново Лисиче. Согорувањето на нафта и мазутот и индустриските извори покажуваат нешто помало учество во лошиот квалитет на воздух во Скопје, но се присутни во текот на целата година.
„Интересен податок кој мерењата го покажаа е дека загадувачите на воздухот во Скопје во најголем дел се сезонски. Затоа и предлог планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје е подготвен на иновативен начин, и предвидува акции за секоја временска сезона, за пролет, лето, есен и зима. Само на тој начин можеме да ги опфатиме сите загадувачи и да го подобриме квалитетот на воздухот во Скопје“, изјави ректорот Дејан Мираковски.
Населбата Лисиче во Скопје беше избрана како најсоодветна локација за спроведување на конкретни демонстрациони активности во вкупно 129 домаќинства со различен социјален статус. Мерките беа адаптирани на нивниот социјален статус и на нивните потреби, а резултатите придонесоа до значително подобрување на квалитетот на воздухот во оваа населба.
„Тешко е да се смени перцепцијата дека биомасата е најевтин извор на енергија, особено во периодот на глобална економска и енергетска криза. Оттука, активности за промена на однесувањето и подигнување на јавната свест мора да ја придружуваат секоја програма за субвенционирање на грејни тела“, заклучи г-а Коџоман.
Генералниот заклучок на конференцијата беше дека постојат многу добри примери во регионот за подобрување на квалитетот на воздух, но потребно е нивно поголемо споделување, промовирање, како и подобра соработка со цел истите да се реплицираат.
Искуства од подготовката на детална студија за пропорционирање на загадувачите во Скопје (презентација)
Индивидуално греење – научени лекции (добрите и лошите страни) од демонстрациониот модел во Лисиче (презентација)