Со повеќе знаење до почист воздух – на половина пат до целта
април 2, 2024

Справувањето со загадувањето на воздухот во Северна Македонија е значаен предизвик кој бара заеднички напори од сите, но општините имаат клучна улога во креирање/спроведување на планови и акции/инвестиции за подобрување на квалитетот на воздухот за нивните жители. Овие активности претставуваат огромен товар за одговорните лица за животна средина во општината, бидејќи најчесто станува збор за малку луѓе кои треба да покријат многу области од животната средина во својата општина. Тие треба да имаат широки познавања за причините и последиците на лошиот квалитет на воздух, но и за „проверени“ акции/инвестиции кои ќе направат позитивна и ефикасна промена. За таа цел, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ се дизајнираше тренинг програма за чист воздух „по мерка“ на пет општини (Кавадарци, Струга, Куманово, Гостивар и Струмица), која започна да се спроведува во ноември 2023 година.

До крајот на 2023 се реализираа првите 5 од вкупно 11 планирани тренинзи за вработените во општините и за локалните инспектори за животна средина.  Дванаесет врвни научници, експерти, претставници на меѓународни организации, министерства и на граѓанскиот сектор презентираа како да се направи ефективен План за квалитет на амбиентен воздух на локално ниво, која е законската основа и постапката за подготовка на планот, од каде и како да се добијат податоци за негова подготовка, како се одредуваат загадувачите на воздухот, зошто е важна координацијата и како да се дизајнираат субвенции кои ќе одговорат на потребите на различни групи на граѓани. За време на тренинзите, претставниците од општините имаа можност активно да учествуваат во дискусија и да ги споделуваат своите искуства.

Во рамките на секој тренинг се одвои време за практичен дел, каде учесниците активно учествуваа во примена на презентираните анализи/знаења/придобивки/добри практики во рамките на нивната општина и ЗАЕДНО НАОЃАА НАЧИНИ како да се надминат идентификуваните предизвици и проблеми.

Тренинг за подготовка на План за квалитет на амбиентен воздух

Кои се обврските на општините поврзани со воздухот? Што сѐ треба да содржи Планот за квалитет на амбиентален воздух според законот? Што е инвентар на емисии на загадувачки супстанци во воздухот? Како се идентификуваат изворите на загадување на воздухот? Какви се плановите на другите општини? Каква е врската на родовиот аспект со квалитетот на воздухот?

Првиот тренинг го постави првото парче од сложувалката и даде одговори на сите прашања поставени погоре. Општините имаа можност да разменат добри и лоши искуства од својата досегашна работа.

Не случајно овој тренинг се одржа во Штип, каде во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ се наоѓа лабораторијата АМБИКОН за мониторинг и контрола на квалитетот на атмосферата во работните простории и животната средина. Вработените во општините имаа можност „од прва рака“ да ги видат придобивките од соработката со научната заедница: како со соодветни алатки, мерења и научни анализи се доаѓа до изворите на загадување, но и како да се „читаат“ и користат добиените резултати.

Тренинг за дизајнирање на програма за субвенции кои ќе одговорат на потребите на различни групи на граѓани

Фокусот на овој тренинг беше на најчувствителниот дел од проблематиката за чист воздух, како општината да им помогне на оние на кои најмногу им треба помош да не го загадуваат воздухот. Општините веќе трошат значителни средства за доделување субвенции на граѓани за замена на грејни тела, но се покажа  дека истите не се достапни за сите категории на граѓани. Затоа тренингот имаше за цел да ги анализира постоечките механизми за субвенционирање мерки за намалување на аерозагадувањето, начините на кои се вклучени социјално ранливите категории граѓани и добрата пракса за доделување субвенции која веќе функционира во голем дел од општините. Дополнително, им овозможи на учесниците да се запознаат со различните модели за субвенционирање кај нас, во Регионот и во ЕУ и да добијат препораки и насоки за воведување нови модели за субвенционирање.

Тренинг за обезбедување податоци за подготовка на успешни планови за квалитет на амбиентен воздух

Зошто се потребни податоци? Кои? Кој ги има? Како да се соберат? Овој тренинг даде осврт на потребата од квалитетни податоци за подготовка на План за квалитет на воздух, нивно прибирање и анализа. Беа анализирани тековните планови за квалитет на воздух и презентирани добри практики во однос на собирање податоци од јавните претпријатија или домаќинства во однос на загревање, енергетска ефикасност и сл.

Тренинг за инспекциски надзор во животната средина

Значаен дел од тренинг програмата е посветен на градење на капацитетите на инспекциските служби, па со поддршка на Државниот инспекторат за животна средина се презентираше легислативата за инспекциски надзор во животната средина, но и улогата на инспекцискиот надзор во превенцијата од корупција, нивната „рак рана“ за ефикасно казнување на загадувачите.  Дополнително, се презентираше и Прирачникот за планирање, инспекциски надзор и спроведување на законодавството на ЕУ (aquis) во животната средина, како важна алатка која ќе им ја олесни работата на инспекторите за животна средина. Инспекторите разменија многу важни информации и искуства, во смисла на самата постапка на добивање информации за прекршоци во загадување на воздух, како да се земе доказ, кои докази поминуваат, а кои не на суд или како да се заштитат.

Тренинг за развивање на координативна платформа за чист воздух

Проектот ‚‚Справување со аерозагадувањето‘‘ го посвети овој тренинг да ја презентира КООРДИНАТИВНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ (поставена на www.cistvozduh.mk), која им овозможи на петте пилот општини да ја подобрат својата координација (во рамките на својата општина и во соработка со други општини) и транспарентност вклучувајќи ја јавноста во креирањето на политики за чист воздух и мониторирање на степенот на имплементација на веќе усвоените мерки. Голем дел од тренингот беше посветен да им се даде можност на учесниците сами да внесуваат информации во платформата, но и можност да разговараат за предностите и недостатоците како и начинот на кој тие ќе ја користат платформата за чист воздух, како и за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат нивните општини.

На половина пат до целта – резултати

Самото спроведување на овие тренинзи не беше лесно, бараше огромна посветеност од Центарот за климатски промени како организатор, но и на целиот проектен тим, при што беше предизвик да се најдат најдобрите предавачи на одбраната тема, да се дизајнираат вежби каде општините ќе видат како практично можат да ги применат презентираните материјали и да се мотивираат активно да учествуваат.

На половина пат од ова патешествие кон повеќе знаење за чист воздух, резултатите се навистина импресивни. Вкупно 113 учесници од сите пет општини, од кои 61 % жени, овозможија да се слушне сечиј глас и мислење. Сите тренинзи поминаа со огромно внимание и интерес од стана на општинските службеници што јасно зборува за придобивките и користа од содржините кои беа презентирани. Нивната висока оценка на темите, презентерите и придобивките беше едногласна: научивме многу нови работи, се запознавме со колегите од другите општини, имавме можност да разменуваме искуства, мислења, но и начини како да ги надминеме проблемите со кои се соочуваме во својата работа, каде има ресурси кои може да ги користиме, како да се формира ново јавно претпријатие за јавен превоз, како да се формулира субвенција и сл. Стекнатите информации овозможија продлабочување на знаењето на учесниците кое ќе го користат при ревизија, односно подготовка на плановите за воздух.

Во првата половина од 2024 година, продолжуваме понатаму со нова енергија и мотивација. Следете ја платформата www.cistvozduh.mk  за повеќе информации и вести.

 

Автори:

Павлина Здравева,
автор на Тренинг планот за чист воздух и ментор за негово споведување

Бојана Станојевска Пецуровска,
Претседател на Центар за климатски промени,
граѓанска организација одбрана за реализација на тренинг програмата

Други содржини кои можеби ќе те интересираат