Тренинг план за квалитет на воздух според потребите на пет пилот општини
септември 6, 2023

Интервју со Павлина Здравева, консултант за климатски промени, квалитет на воздух и животна средина

Павлина Здравева

Административните службеници во општините се оние кои треба да ги креираат локалните мерки за подобрување на квалитетот на воздух во нивната општина. Оваа тема е широка и бара постојана надградба и знаење, со цел да се спроведат ефикасни мерки кои ќе го подобрат квалитетот на воздух и ќе го намалат бројот на денови со надминувања на среднодневната гранична вредност (50 µg/m3) на PM10 во тековната година. Затоа, во рамките на втората фаза на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“*, во соработка со консултантката г-ѓа Здравева, се спроведоа активности за дополнително зајакнување на капацитетите на општините за дизајнирање, планирање, спроведување и следење на локални акциски планови за подобрување на квалитетот на воздухот и зголемување на знаењето и свеста за прашања поврзани со загадувањето на воздухот.

Како се прави тренинг план „по мерка“ на општините?

Најлесно е оној што прави ваков план да преложи теми според сопственото мислење и знаење. Но тогаш, обуките нема да бидат посетени од оние за кои се наменети, ниту пак ќе им бидат од корист. Затоа се вложија напори овој тренинг план да биде соодветен на реалните потреби на вработените во општините кои работат на оваа област и на локалните инспекциски служби, но и вработени во други сектори поврзани со квалитет на воздух (локален економски развој; заштита на животна средина, екологија, обуки, инспекциски надзор, урбанизам, инфраструктура, комунални работи, управување со градежно земјиште, сообраќај, комуникација со јавност, меѓународна соработка, ЕУ интеграција, стратешко планирање, економски развој и сл.).

Процесот на подготовка на холистички тренинг план бара време (во овој случај неколку месеци) и се спроведе во следните 5 чекори:

1. Да се слушне мислењето и потребите на лицата за кои обуката е наменета – во овој случај преку прашалник специјално креиран за локалната администрација и анализа на добиените одговори која го зема во предвид и родовиот аспект;
2. Да се идентификуваат областите за кои е потребна обука и зајакнување на капацитетите;
3. Да се препорача најсоодветна форма, структура и содржина на обуките, во координација со секоја општина;
4. Да се предложи соодветно оценување (евалуација) на секоја од обуките – во овој случај двонасочна (учесниците го оценуваат тренингот и предавачите, а предавачите ги оценуваат учесниците), со цел да се идентификуваат недостатоци (ако има);
5. Да се обезбеди менторска поддршка во текот на спроведувањето на обуките, со цел секоја обука да се спроведе најефикасно и со висок стандард.

Training Plan

За кого е наменет овој план?

Овој план е наменет првенствено за вработените во општините кои учествуваат во креирање на Планови за квалитет на воздух и нивно спроведување. Најчесто тоа се вработените во сектор животна средина. Дополнителен фокус на проектот се и локалните инспектори за животна средина, па затоа дел од обуките се фокусира на нивните потреби. За да се обезбеди транспарентност и учество на јавноста, на обуките е предвидено да бидат вклучени и претставници на граѓанскиот сектор, ранливи групи на граѓани и медиуми.

Кои теми ги избраа вработените во општините?

Вработените во општините, кои го одговараа прашалникот, имаа можност да издвојат најважни теми од предложените 15 теми (во прашалникот), но и да предложат нови. Инспекторите имаа можност да бираат приоритетни теми за обука од 9 предложени, и секако, да предложат нови. Дополнително, сите анкетирани лица има можност да одберат која од следниве области поврзани со квалитет на воздух да се вклучи во обуките: родовиот аспект, климатски промени, ЕУ интеграција, здравје, земјоделие, индустија, урбанизам, млади и ранливи групи.

Она што мене многу ми значи е дека ниту една од предложените теми не е оценета со „не е важна“, што потврдува дека истражувањето е добро дизајнирано за да одговара на потребите на административни службеници во општините.

Со оглед на времето на спроведување на проектот, тренинг планот содржи детални предлози за формата, структурата и содржината на 8 обуки за вработените во општините и 3 за локалните инспектори за животна средина. Ова се темите кои предизвикаа најголем интерес:

ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНИТЕ
1. Креирање современи Планови за квалитет на воздух, со механизми за следење на нивната имплементација и оценка на родовиот акспект;
2. Како да се добијат податоци за успешни планови за квалитет на воздух и практики за нивно соодвето искористување;
3. Урбанизам и заштита на животна средина – најдобри практики од регионот и пошироко;
4. Обуки, твининг, менторство – која алатка за градење на капацитети каде дава најдобри резултати?
5. Како да се дефинираат најсоодветни индикатори за следење на квалитетот на воздух, со цел да се олесни известувањето за имплементација на Плановите за воздух?
6. Креирање координативна платформа за чист воздух;
7. Споделување добри практики за чист воздух: од Македонија, од регионот и пошироко;
8. Дизајнирање на субвенции со цел да бидат ефикасни, засновани на специфичните потреби на различни категории на граѓани и достапни за сите (ранливи групи, млади, пензионери, семејства со еден родител и сл.).

ЗА ИНСПЕКТОРИТЕ
1. Развивање на инспекциски стандардни опративни процедури и месечни/годипшни инспекциски планови;
2. Едукација за специјални случаи: Што, кога…?
3. Водич за инспектори.

САКАМ ДА НАУЧАМ ПОВЕЌЕ ЗА ВРСКАТА/ВЛИЈАНИЕТО НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХ СО:
1. здравјето (скоро сите анкетирани лица ја одбраа оваа дополнителна област)
2. индустријата и урбанизмот
3. климатските промени

Кои се следните чекори?

Спроведувањето на тренинг планот треба да започне во октомври оваа година и се радувам што вработените од петте пилот општини (Кавадарци , Куманово, Гостивар, Струга и Струмица) со нетрпение го очекуваат. Иако на подобрување на квалитет на воздух работат само едно до две лица во секоја општина од наведените, сите беа активно вклучени во споделување на нивните искуства и добри практики. Мислам дека овој проект е на добар пат да постигне уште две дополнителни цели од оние кои иницијално беа поставени, а тоа се ВМРЕЖУВАЊЕ на општините и академската заедница за креирање политики и спроведување мерки за чист воздух засновани на наука и податоци и силна МЕЃУОПШТИНСКА СОРАБОТКА за чист воздух.

И за крај, за сите оние кои се заинтересирани, а нема да можат да присуствуваат на обуките, на оваа платформа ќе има посебен дел на кој транспарентно ќе бидат поставени сите материјали.

Scaling-Up Actions to Tackle Air Pollution

Оценка на потребите за градење на капацитетите во пет пилот општини и Тренинг план

Повеќе информации од тренингот може да најдете овде

 

* Ова истражување е подготвена од Павлина Здравева во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
Ставовите изразени во овој документ се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот. “

 

 

 

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат