Европска ноќ на истражувачи 2026: Науката што нè штити – од климатските промени до воздухот што го дишеме
септември 27, 2026

Европската ноќ на истражувачи е една од најголемите европски иницијативи за доближување на науката и истражувачите до граѓаните. Секоја година, во последните денови од септември, универзитети, истражувачки центри и научници ширум Европа организираат предавања, експерименти, демонстрации, изложби и интерактивни активности со кои науката станува подостапна и поразбирлива за пошироката јавност. Европската ноќ на истражувачи традиционално се одбележува и во Македонија, со активности на повеќе локации и со учество на научни, образовни и истражувачки институции од земјата, како што се: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, МАНУ, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење и Македонското еколошко друштво. На 25 септември, во Скопје, Штип, Битола и Охрид, беа организирани повеќе од 85 активности со кои науката, истражувањето и иновациите се доближија до граѓаните, а особено до младите.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Европската ноќ на истражувачи 2026 беше одбележана со богата и разновидна програма, која започна уште на 24 септември, со предавање на академик проф. д-р Блажо Боев. Активностите продолжија на 25 септември со посета на средношколци на лабораториите на УГД, каде младите имаа можност непосредно да се запознаат со научноистражувачката работа, опремата и можностите што ги нуди Универзитетот. Потоа следуваше панел-дискусија на тема особено интересна за младите, посветена на исхраната, физичката активност и здравите животни навики.
Во продолжение се одржаа пет научно-популарни предавања на реномирани професори од УГД, на теми што директно го допираат современиот човек и општеството.
Посебно значајно за темите на cistvozduh.mk беше предавањето на проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на УГД и редовен професор на Факултетот за природни и технички науки, на тема „Науката што нè штити – Од климатски промени до воздухот што го дишеме“.
Мираковски нагласи дека на прашањето „Дали воздухот што го дишеме е чист?“ не може да се одговори врз основа на претпоставки и лични впечатоци, туку преку мерења, анализи и научно засновани податоци. Тој истакна дека не е доволно само да се утврди присуството на загадување, туку неопходно е да се идентификуваат и неговите извори, за мерките да бидат насочени таму каде што навистина можат да дадат резултат.
Во предавањето беа опфатени главните извори на загадување на воздухот во Македонија, но и квалитетот на воздухот во затворените простории. Беше посочена и опасноста од ширење непроверени информации и од настапите на т.н. „лажни експерти“, особено кога се дискутира за сложени прашања од областа на животната средина.
Пораката со која проф. Мираковски ја сумираше улогата на науката беше: „Науката не нè штити затоа што секогаш е во право. Нè штити затоа што има начин да открие кога не е.“


Богатата програма на УГД заврши со целовечерен настан во салата „Јордан Мијалков“, каде науката беше претставена во поинаков и подинамичен амбиент. Покрај претставувањето на научните и истражувачките активности на Универзитетот, програмата вклучуваше и фолклорен настап, модерен танц и модна ревија “Sci-Waste: FUTURE FORM – Decoding waste, coding future” , со што Европската ноќ на истражувачи ги поврза науката, младите, културата и забавата во една заедничка вечер.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат
септември 11, 2026
Одржан јавен консултативен настан за Националниот план за квалитет на воздухот и Националната програма за контрола на загадувањето на воздухот