Од 14 до 18 септември, Штип е домаќин на JRC Summer School 2026, меѓународна летна школа посветена на проценката на загадувањето на воздухот, почвата и водата и поддршката на целите на Европскиот зелен договор.
Петдневната школа се одржува на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде млади истражувачи и студенти од земјите од Западен Балкан имаат можност директно да учат и да работат со научници и експерти од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија – JRC, како и со професори и истражувачи од Универзитетот „Гоце Делчев“ и регионот.
Програмата опфаќа предавања, практични и лабораториски вежби и теренски активности поврзани со квалитетот на воздухот, почвата и водата. Учесниците се запознаваат со современи европски методи, алатки и пристапи за следење и проценка на загадувањето, со посебен осврт на предизвиците во земјите од Западен Балкан.
На официјалното отворање на 14 септември учествуваат ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, претставници на JRC и проректорката за меѓународна соработка на УГД, проф. д-р Ана Никодиновска Крстевска.
Летната школа завршува на 18 септември со заедничка сесија на обучувачите и учесниците, на која ќе бидат сумирани стекнатите знаења и искуства.
Со JRC Summer School 2026, Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“ се домаќини на значаен меѓународен научен настан кој ги поврзува европските експерти со младите истражувачи од Западен Балкан и отвора простор за размена на знаење, искуства и идни научни соработки.
