Ултрафини честички во амбиенталниот воздух: предизвик за современиот мониторинг и процената на здравствениот ризик
октомври 7, 2026

Кога зборуваме за честички во воздухот, најчесто ги следиме PM₁₀ и PM₂.₅. Но масената концентрација не ја прикажува целосната слика. Ултрафините честички со дијаметар до 100 нанометри можат да бидат многубројни, а сепак да придонесуваат многу малку кон вкупната маса на PM₂.₅. Токму затоа современиот мониторинг сè повеќе се насочува и кон бројот, големината и составот на честичките, а не само кон нивната маса.
PM₁₀ и PM₂.₅ се меѓу најкористените индикатори за квалитетот на воздухот. Тие се дефинираат според аеродинамички дијаметар на честичките и вообичаено се изразуваат како масена концентрација во микрограми на кубен метар воздух (µg/m³). Овој пристап е основа на современите системи за мониторинг и на здравствените упатства на Светската здравствена организација (СЗО), бидејќи постојат цврсти докази за штетните ефекти од изложеноста на PM₂.₅ и PM₁₀  (https://www.who.int/publications/i/item/9789240034228).
Иако масената концентрација е важен показател, таа не ја дава целосната слика за честичките во воздухот. Два примерока од воздухот со слична масена концентрација на PM₂.₅ може значително да се разликуваат според бројот, големината, хемискиот состав и потеклото на честичките.
Ултрафините честички (ultrafine particles – UFP) најчесто се дефинираат како честички со дијаметар ≤100 nm, односно ≤0,1 µm. Поради нивната исклучително мала големина, UFP имаат многу мала поединечна маса, имаат мал удел во вкупната маса на суспендираните честички, но во типични амбиентални услови можат да претставуваат најголем дел од нивниот вкупен број.

Од каде потекнуваат ултрафините честички?

Ултрафините честички се ослободуваат директно во атмосферата или се создаваат во воздухот преку нуклеација, при која гасовитите соединенија формираат нови честички што потоа растат. Според Светската здравствена организација, меѓу нивните главни извори се процесите на согорување во транспортот, индустријата, производството на енергија и загревањето на домаќинствата. Значаен извор се и шумските пожари, кои покрај ултрафини честички и гасовити загадувачи, емитуваат и други токсични компоненти (https://www.who.int/health-topics/wildfires#tab=tab_1).

Зошто големината е важна за здравствениот ризик?

Големината на честичките влијае врз тоа каде ќе се депонираат во респираторниот систем, колкава површина ќе имаат во однос на нивната маса и како ќе интерагираат со биолошките ткива. Ултрафините честички можат да стигнат до најдлабоките делови на белите дробови; за дел од нив постојат докази дека можат да преминат преку белодробната бариера и да стигнат до други органски системи. СЗО ги посочува белодробните, кардиоваскуларните заболувања како здравствени исходи поврзани со изложеност на UFP.
Здравствените ефекти на ултрафините честички се разгледуваат во контекст на достапните научни докази. За PM₂.₅, врската меѓу изложеноста и здравствените последици е добро проучена, што овозможува утврдување на препорачани гранични вредности. За UFP, Светската здравствена организација дава препораки за добра практика во мониторингот и намалувањето на изложеноста, но сè уште нема утврдено препорачано ниво односно гранични вредности. Ова се должи на разликите во методите на мерење и на тешкотиите нивното влијание да се разграничи од влијанието на другите загадувачи на кои населението е истовремено изложено.
Систематскиот преглед и анализата објавени во European Respiratory Review во 2026 година, кои опфаќаат 85 студии (https://publications.ersnet.org/content/errev), укажуваат на зголемен обем на истражувања за долгорочната изложеност на UFP. Во анализите што ги разгледуваат UFP без истовремено вклучување на други загадувачи, утврдена е поврзаност со зголемена вкупна смртност. Сепак, доказите за нивното независно долгорочно влијание врз здравјето остануваат недоволни, поради истовремената изложеност на други загадувачи и тешкотиите во процената на изложеноста (https://pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/41605538/). Овие ограничувања ја нагласуваат потребата од усогласени методи на мерење и долгорочен мониторинг, со кои попрецизно би се оцениле здравствените ризици од UFP.

Маса или број?

Најважната методолошка разлика е во мерната единица. PM₂.₅ вообичаено се прикажува во µg/m³, односно како маса на честички во определен волумен воздух. Ултрафините честички најчесто се следат преку бројна концентрација на честички (particle number concentration – PNC), изразена како број на честички на кубен сантиметар воздух (particles/cm³).
Ова значи дека ниска или умерена вредност на PM₂.₅ не мора автоматски да значи ниска бројна концентрација на UFP.
Анализата објавена во Bulletin of the World Health Organization (https://www.who.int/publications/journals/bulletin) укажува дека при PM₂.₅ концентрации над 5 µg/m³ корелацијата помеѓу PM₂.₅ масата и бројот на ултрафини честички може да биде слаба, поради што мерките насочени исклучиво кон намалување на масената концентрација не мора секогаш паралелно да го намалат и бројот на UFP.
PM₂.₅ одговара на прашањето „Колкава е масата на честичките?“, додека PNC одговара на прашањето „Колку честички има?“. За процена на UFP потребни се и двата вида информации.

Како се мерат честички кои се помали од 100 нанометри?

Класичните оптички сензори кои се користат за PM₁₀ и PM₂.₅ не се наменети за сигурно броење на најмалите нанометарски честички. За UFP се користат инструменти што можат да детектираат и бројат честички во нанометарскиот опсег. Еден од најчестите принципи е кондензациското броење. Кондензациското броење е метод со кој многу ситните честички прво се „зголемуваат“ за инструментот да може да ги детектира и изброи.
Честичките поминуваат низ пареа од работна течност, најчесто вода или бутанол. Пареата кондензира врз нив и околу секоја честичка се формира капка. Овие капки се доволно големи за да се детектираат со светлосен зрак, па инструментот ги брои и ја определува бројната концентрација на честичките во воздухот. Директива (ЕУ) 2024/2881 за квалитет на амбиенталниот воздух и почист воздух за Европа го проширува мониторингот кон загадувачи од нов интерес, меѓу кои ултрафините честички, црниот јаглерод и амонијакот. Европската агенција за животна средина (EEA) наведува дека директивата воведува „supersites“ – урбани и рурални локации на кои ќе се следат дополнителни параметри – како и посебна обврска за мерење на UFP на загадувачки „hotspots“ (https://www.eea.europa.eu/en/analysis/publications/air-quality-status-report-2025/benchmark-analysis-against-the-standards-in-the-revised-directive-eu-2024-2881).
Ова претставува значајна промена во начинот на кој се разбира квалитетот на воздухот. Регулаторниот систем постепено се движи од следење на неколку масени и гасовити показатели кон поширока карактеризација на атмосферскиот аеросол. Според EEA, следењето на загадувачи како UFP, амонијак и црн јаглерод станува задолжително во рамките на новата европска рамка најдоцна од декември 2026 година.
Од истражувачки аспект, ваквиот пристап би овозможил подобро поврзување на хемискиот состав, изворите и големинската распределба на честичките. Од аспект на јавното информирање, пак, тој би помогнал да се објасни зошто две ситуации со сличен PM₂.₅ не мора да претставуваат идентичен аеросолен состав или идентична изложеност.
PM₂.₅ останува еден од најзначајните показатели за процена на аерозагадувањето и здравствениот ризик. Но развојот на науката покажува дека масената концентрација не може сама да ја опише целата сложеност на честичките во воздухот. Ултрафините честички се пример за фракција која може да биде бројно доминантна, локално многу променлива и биолошки релевантна, а сепак речиси „невидлива“ во вкупната маса на PM₂.₅.
Поради тоа, современиот мониторинг постепено го проширува прашањето. Наместо само „Колку микрограми честички има во воздухот?“, сè поважно станува да знаеме и: „Колку честички има, колкави се, од каде потекнуваат и каков е нивниот состав“. Токму комбинацијата на овие информации може да обезбеди попрецизно разбирање на изложеноста и посилна научна основа за идните мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат