Климатските промени и загадувањето на воздухот често се разгледуваат како два одделни еколошки проблеми, иако нивните причини и последици се тесно поврзани. Согорувањето на фосилните горива, одредени земјоделски практики, индустријата и транспортот истовремено придонесуваат за емисиите на стакленички гасови и за загадувањето на воздухот. Новата глобална економска проценка на Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP) и Коалицијата за клима и чист воздух (CCAC) покажува дека интегрираното справување со овие два предизвици може да донесе значителни здравствени, климатски и економски придобивки.
Во извештајот се анализираат 25 мерки во шест клучни сектори, меѓу кои преминот кон обновливи извори на енергија, подобрувањето на енергетската ефикасност во индустријата и домаќинствата, електрификацијата на транспортот, намалувањето на емисиите на метан, почистите технологии за готвење и греење, построгите стандарди за емисии од возилата и индустријата, подоброто управување со земјоделството и отпадот, како и спречувањето на шумски и тресетни пожари. Анализата покажува дека секој вложен американски долар во овие мерки може да создаде околу 15 долари општествени придобивки кога ќе се земат предвид и нематеријалните придобивки, како подобрениот квалитет на живот. Дури и кога се пресметуваат само директните економски ефекти, како намалените здравствени трошоци и поголемата продуктивност, повратот се проценува на околу четири долари за секој вложен долар.
Особено значајни се здравствените ефекти од загадувањето на воздухот. Според проценките во извештајот, во 2025 година изложеноста на надворешно загадување со фини честички PM₂.₅ и приземниот озон била поврзана со околу 6,4 милиони предвремени смртни случаи, додека загадувањето на воздухот во домаќинствата придонело за дополнителни два милиони смртни случаи. Изложеноста на PM₂.₅ е поврзана и со милиони нови случаи на детска астма, срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес, деменција и хронични респираторни заболувања. Товарот не е рамномерно распределен – околу 95% од предвремените смртни случаи што се припишуваат на загадувањето на воздухот се регистрираат во земјите со низок и среден доход.

Целосната примена на предложените 25 мерки би можела да спречи меѓу 60 и 70% од годишниот здравствен товар поврзан со загадувањето на воздухот. До 2050 година, нивната имплементација би можела да ги намали емисиите на јаглерод диоксид приближно за половина, емисиите на метан за околу 60%, а главните прекурсори на PM₂.₅ за околу 70%. Истовремено, овие активности би можеле да спречат приближно 0,34°C дополнително глобално затоплување до средината на векот. Кумулативно, до 2050 година би можеле да се избегнат околу 144 милиони предвремени смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот.
И покрај значителните придобивки, примената на овие мерки честопати е забавена поради економски, технички, институционални и социјални пречки. UNEP проценува дека ваквите бариери во просек ја одложуваат имплементацијата за околу осум години. Секоја година одложување значи загуба на економски придобивки во вредност поголема од 0,5% од глобалниот БДП, односно околу 1,5 трилиони американски долари.
Овие наоди покажуваат дека политиките за подобрување на квалитетот на воздухот не треба да се разгледуваат одделно од климатските политики. Интегрираниот пристап овозможува истовремено намалување на емисиите, подобрување на јавното здравје, намалување на здравствените трошоци и зголемување на економската продуктивност. Затоа, инвестициите во чист воздух и климатска акција претставуваат не само еколошка и здравствена потреба, туку и економски оправдана стратегија со значителни долгорочни придобивки.
Извор: United Nations Environment Programme (UNEP). New report finds tackling climate change and air pollution together could save trillions. 7 September 2026.