Тренинг за добри практики за справување со аерозагадувањето
март 29, 2024

Скопје, март 2024 – Во рамки на проектот* „Справување со загадување на воздухот“, Центарот за климатски промени (ЦКП) го одржа деветтиот тренинг на тема „Споделување на добри пракси од Регионот и Европа за подобрување на квалитетот на воздухот“, на кој беше заклучено дека со политичка волја, упорност и добро планирање и менаџирање, тие можат да се имплементираат во нашата држава, а со тоа да се намали загадувањето на воздухот.

На тренингот, што се одржа во Скопје, присуствуваа претставници од пилот општините кои се избрани за спроведување на проектот: Струмица, Кавадарци, Гостивар, Куманово и Струга, но и претставници на општините: Гази Баба, Центар, Аеродром и Град Скопје.

Претставничката од Шведската агенција за животна средина, Сара Барнекоу, го сподели искуството на Шведска во однос на зачувувањето на квалитетот на воздухот, при што истакна дека децении наназад во нејзината земја се става посебен акцент на тоа поле и постојано се работи на унапредување на состојбата.

Петар Гершич, претставник од локалната самоуправа на Ново Место, Словенија, истакна дека од клучно значење е да се направи темелна анализа со цел да се детектираат загадувачите, како што направиле и тие со цел да го подобрат квалитетот на воздухот. Тој наведе дека врз основа на тие анализи креирале соодветни мерки.

Претставникот на Општина Струмица, Томислав Андреев, претставничката на Општина Куманово, Александра Георгиевска-Протиќ, како и директорот на ЈП „Куманово-Гас“, Марко Митревски ги презентираа добрите практики од нашите општини кои се однесуваат на промена на греењето и на јавниот превоз. Виртуелниот гасовод во Струмица има вкупно: 406 корисници, најмногу домаќинства, 23 стопански субјекти и скоро сите јавни институции. Дополнително, во 2023 година, Општина Струмица формираше јавно претпријатие за транспорт на патници и започна набавка на десет електрични автобуси (првите ќе почнат со работа во септември оваа година) кои ќе возат на 10 линии.

Општина Куманово покажа интерес да го искористи искуството на Струмица за формирање на јавно претпријатие и набавка на нови и еколошки автобуси. Дополнително, „Куманово-Гас“ има 400 приклучоци од домаќинствата, но и 30 правни субјекти, што значително влијае на подобрување на квалитетот на воздухот.

Тренингот заврши со работна вежба во која сите општини ги искористија сознанијата од презентираните добри практики и креираа зелена и одржлива визија за нивната општина за 10 години од сега. Дискусијата опфати идеи и мерки со кои се земаа предвид родовиот аспект и потребите на социо-економските ранливи групи на граѓани, како основни скалила за праведни и инклузивни акции за чист воздух, затоа што цело е само кога има сѐ!  

Погледнете ја агендата и тренинг презентациите:

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат