Младите избираат инвертер клими за греење – постарите не се откажуваат од дрва
декември 27, 2023

Приватниот сектор најдобро може да одговори на тоа што се купува за загревање на домовите во Македонија и која клиентела какви производи купува. За да ги дознаеме одблизу навиките на Македонците, разговаравме со Ратка Андонова, раководител во компанијата PC Control Hardware од Струмица, фирма која се занимава со продажба на апарати за домаќинство, бела техника, ИТ уреди и компјутери. Според неа, најчесто младите купуваат инвертер клима-уреди, додека постарите се „емотивно поврзани“ со греењето на дрва.

Најчист систем на греење, со оглед на енормното загадување што го забележуваме во државата, како и зголемената цена на огревното дрво, се климатизерите, односно инвертер уредите кои ги користиме како за греење така и за ладење. Притоа тие имаат екосистем и се најисплатливи како инвестиција. Домаќинствата кои греат на дрва се едни од загадувачите, но за повозрасните генерации би кажала дека се сѐ уште „емотивно“ поврзани со тој некој начин на греење (со дрва, пелети и сл.) и тешко се одвикнуваат од старите навики, меѓутоа помладите генерации и оние клиенти коишто ни доаѓаат, а се во некоја средна животна доба, најчесто купуваат инвертер уреди за греење, панели на струја и сл. грејни тела, вели Андонова.

Чисто греење и ефикасност во трошоците

Андонова се осврна на вообичаената заблуда дека чистото греење е синоним за скапо греење. Повикувајќи се на седумгодишното искуство во директна продажба, таа истакна дека достапноста на чистото греење зависи од големината на просторот што треба да се загрее. Со доволно голем инвертер уред се постигнува рамнотежа и се решаваат клучните грижи на клиентите во врска со цената на уредот, достигнувањето на саканите температури и потрошувачката. Според Андонова, трендот кон чисто греење, конкретно на уредите со инвертер, е во пораст, поттикнат од зголемената побарувачка и перцепцијата дека тоа е исплатливо решение.

И искуството на Андонова ги потенцира всушност актуелните научни истражувања, дека преминот кон позелена енергија често може да биде и поисплатлив за крајните корисници.

 

Како може да напредува жена во бизнис кој во Македонија традиционално се смета за машки? Дали наидувате на помалку недоверба кај клиентите? Дали воопшто сте почувствувале разлика или непријатност на оваа тема?

– „Жена во овој бизнис може да напредува на ист ранг, како и повеќе од маж. На пример, компанијата постои од 2016 година и е во постојан раст, со моментално девет продажни салони во шест градови низ државата, од кои во шест, менаџери се жени, а само во три се мажи“, изјави Андонова и дополни дека никогаш не почувствувала недоверба или непријатност од страна на клиентите.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат