Кој го загадува воздухот во вашиот град?
декември 22, 2023

Годината што измина, 2023, сруши многу рекорди поврзани со состојбите во животната средина. Освен што беше една од најтоплите години досега, исто така беше и година со лош квалитет на воздухот во текот на грејната сезона во голем број градови, вклучувајќи ги и Струмица, Струга, Гостивар, Кавадарци и Куманово.

Во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“*  се прават детални анализи со цел да се идентификуваат изворите на загадување, но се направи и истражување за перцепцијата на граѓаните за загадувањето на воздухот. Истражувањето опфати две целни групи: (1) граѓаните од урбаните делови на Струмица, Струга, Гостивар, Кавадарци и Куманово и (2) вработените во локалната администрација и јавните претпријатија во овие општини. Истражувањето е спроведено врз вкупно 1514 граѓани (по 300 испитаници во секој  град), а резултатите покажуваат дека:

Граѓаните го препознаваат загадувањето на воздухот како голем проблем кој влијае на нивното здравје.

Загадувањето на воздухот е висок приоритет за повеќе од 70% од жителите на Струмица, Гостивар, Кавадарци и Куманово, додека во Струга овој процент е значително понизок (38%). Ова веројатно се должи на фактот што во Струга до скоро немаше мерна станица за квалитет на воздух, па јавноста немаше можност да биде информирана за состојбата со одредени параметри кои влијаат врз квалитетот на воздухот. 

Во однос на негативното влијание на загадениот воздух врз здравјето на граѓаните, приближно 8 од 10 жители на Струмица се загрижени за последиците од загадениот воздух,  додека 7 од 10 жители на Гостивар, Кавадарци и Куманово го делат истото мислење. За разлика од нив, стружани се најмалку загрижени (4 од 10 жители) за последиците врз здравјето што ги предизвикува или би можело да ги предизвика загадувањето на воздухот.

Субјективни и различни одговори се добија од граѓаните на прашањето: „Кој го загадува воздухот во вашиот град?“

Перцепцијата на граѓаните е дека горењето на диви депонии, индустријата и транспортот се трите најголеми извори на загадување во нивната општина, што доведува до заклучок дека свесноста за нивните секојдневни активности, како загревањето на домаќинството со дрва, не ја перципираат како штетна.

Свесноста за сопствениот придонес и одговорност за лошиот квалитет на воздух е ниска.

Голем дел од испитаниците сметаат дека со начинот на кој го загреваат својот дом, НЕ придонесуваат кон загадувањето на водухот во околината во која живеат. Испитаниците не го перципираат горењето на дрвото како причина за лош квалитет на воздухот, иако најголем дел од нив ги загреваат своите домови со дрва (од 41 % до 53 %).

Имајќи ги предвид наодите од истражувањето, во рамките на проектот се подготвуваат студии за одредување на уделите на разните загадувачи во воздухот за сите пет градови. Се очекува дека резултатите од научните анализи ќе влијаат врз промена на перцепцијата на јавноста во однос на прашањето „Кој го загадува воздухот во вашиот град?“, и оттука на одговорноста на индивидуалците и институциите за преземањето дополнителни мерки за зголемување на енергетската ефикасност на објектите за живеење и работа и замена на нееколошките системи на загревање со нови енергетски поефикасни системи, вклучително и мерки кои подразбираат поставување на фотоволтаици и сончеви колектори, или, пак, преземање мерки од страна на општините за креирање на велосипедски патеки, нови паркови и програми за субвенции по мерка на граѓаните.

 

 

*Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска.
Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Подготвиле:

Александра Димова Манчевска, проектна раководителка во УНДП

Aleksandra.dimova@undp.org

Павлина Здравева, консултантка за животна средина и климатски промени

pzdraveva@gmail.com

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат