Подолг период Лабораторија АМБИКОН од Универзитет Гоце Делчев Штип, во разни форми и со различни системи врши анализа на квалитетот на воздухот на повеќе локации во државата, со посебен фокус на анализата на суспендираните цврсти честички, како веројатно најприсутен загадувач кај нас, но и на регионално ниво.
М-р Бобан Самарџиски е лаборант во лабораторијата Амбикон, а Ана Михаиловска е демонстратор на УГД, но активно вклучена во научните активности на Лабораторијата. За платформата Чист Воздух тие зборуваат за улогата на оваа лабораторија во квалитетот на воздхот во државата.
Во рамки на втората фаза на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* имаме поставено референти системи за земање примероци и анализа на фината фракција (РМ 2.5) на суспендирани цврсти честички во пет урбани средини. Состојбата во овие пет градови ќе биде следена од целиот тим на лабораторијата во текот на цела година, се со цел да се изработат комплетни студии за дефинирање на квалитетот на воздухот и да се утврдат главните извори кои го загадуваат воздухот на овие пет локации, вели Бобан Самарџиски.
Уреди за мерење се поставени во Кавардци, Струмица, Куманово, Гостивар и Струга. Лабораторијата е исклучително модерна, и според нив станува збор за лабораторија која може да реализира огромен спектар на научни истражувања, кога станува збор за квалитет на животна и работна средина.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е една од ретките академски институции во државата кој има акредитирана лабораторија „АМБИКОН“ во која може да се реализира најширок спектар на истражувања поврзани со квалитетот на воздухот и дефинирање на изворите на загадување. Од нејзиното основање до денес, нашата лабораторија постојано се осовременува и надополнува, а со тоа и се зголемуваат нејзините можности и опсегот на мерењата за кои е специјализирана. Слободно може да кажеме дека тука стоиме рамо до рамо со европските лаборатории и веројатно АМБИКОН е една од најдобро опремените и најнапредни лаборатории од оваа област на национално, па дури и регионално ниво. Но, се разбира не застануваме тука. Квалитетот на воздухот и животната средина, како и методите на анализа и мерење се подложени на брз технолошки развој и нови сознанија диктирани од современиот начин на живот, што бара постојано следење и адаптирање на промените, вели м-р Самарџиски.
Мерењето на воздухот и добивање прецизни резултати кои треба да бидат индикатор за носење на различни политики и стратегии е сложен и долготраен процес. За да утврдиме колку и какви загадувања има потребен е подолг временски период. Не е доволно да се види загадувањето еднаш, во еден временски период за да кажеме дека станува збор за подрачје со загаден воздух.
Предизвикот со загадувањето на воздухот опфаќа многу фактори кои влијаат на квалитетот на воздухот што го дишеме. Самиот процес за следење и оцена на квалитетот на воздухот на дадена локација бара одредување на концентрациите на загадувачките материи во определен временски период, но и идентификација на изворите на загадување и останати влијанија кои помалку или повеќе имаат удел. Тоа вообичаено вклучува опсежни испитувања, голем број на луѓе и инструменти, а поради различните интензитети на изворите и различните услови на дисперзија во различни периоди од годината, опфаќа период од најмалку една година Поради долгиот период и големиот обем на анализи, овие постапки дефинитивно чинат многу, но доколку сакаме да добиеме веродостојни податоци кои би ги задоволиле сите барања, истите се неопходни. Само врз основа на прецизни и опсежни анализа на хемиски состав на секој примерок, можат прецизно да се дефинираат и изворите кои го загадуваат воздухот во дадено подрачје.
Лабораторијата во Штип се користи како ресурс за подобрување на квалитетот на воздухот во цела држава
Во основа, научните истражувања овозможуваат подобро познавање на проблемите и дефинирање на механизмите кој водат до нивна појава. Токму затоа сметаме тимовите од лабораторијата со процесите на истражување на концентрациите на загадувачките материи, изворите на загадување, како и ефектите на загадувањето врз здравјето на луѓето и споделување на овие информации со пошироката јавност, дефинитивно прават позитивна промена. Иако процесите на унапредување на квалитетот на воздухот се долготрајни, подобрата информираност на јавноста директно допринесува за забрзување на сите активности кои водат до подобрување на квалитетот на воздухот на подолг рок, но и помагаат во индивидуалните мерки кои населението ги презема за подобра заштита. Веруваме дека нашите активности дадоа и ќе продолжат да даваат сериозен придонес при процесите на замена на старите системи за греење со нови и правилна имплементација на мерките за енергетска ефикасност. Сите овие активноси ќе овозможат поголема вклученост на јавноста во сите процеси поврзани со подобрување на квалитетот на воздухот, вели Ана Михаилова од Амбикон.
Последниот период, како позначајни можат да се издвојат неколку научни студии. Тоа се студиите за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот во Скопје и Битола, во кои врз основа на едногодишно континуирано истражување прецизно се анализирани и утврдени најважните извори на загадување на воздухот. Секо има и голем број други истражувања, како на пример анализи на квалитетот на воздухот во домовите, или пак истражувањата на суспендираните честички кои се лепат на кожата.
Колку и како Универзитетот може да придонесе во едукација на населението, и останатите чинители за квалитетот на воздух.
Универзитетите, како највисока скала во образованието имаат клучна улога во креирање на ставови кај младите и останатото население посочувајќи ги секојдневните предизвици. Предизвикот со квалитетот на воздухот е тема што станува се поприсутна во последните неколку години, пред се поради негативното влијание што го има врз здравјето на луѓето, а за што сведочат многу истражувања на светско ниво. Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, веќе подолг период развива и имплементира студиски програми поврзани со заштитата на животната средина, но и континуирано работи на истражувања на квалитетот на воздухот, притоа давајќи достапност на податоците и отворен простор за комуникација со пошироката јавност. Сметаме дека добрата информираност на населението за квалитетот на воздухот, е основа при зголемување на свесноста за нашите постапки, а со тоа и наш придонес за позитивни промени. Сите сме подеднакво вклучени во борбата за квалитетен воздух и верувам дека и сите сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме последните години. Соработката помеѓу сите сектори и институции е клучна за да чекориме кон квалитетна животна средина, а со тоа и чист воздух, вели Ана.
Ана потврдува дека студентите постојано се вклучени во целиот овој процес. Поддршката на студентите е многу значајна и за двете страни. Тие стекнуваат големи знаења, а лабораторијата добива можност за реализација на големи истражувања каде се потребни повеќе луѓе. Токму демонстраторката Ана Михаиловска својата научна активност ја почнала уште како студент на овој факултет.
Нашата лабораторија која функционира во рамките на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип уште од самото основање функционира на принципот на „отворена наука“ и за сите заинтересирани научници и студенти овозможува целосен пристап до лабораториските ресурси и инфраструктура, без никаков надомест. Дополнително во рамките на речиси сите проекти кои ги реализира, лабораторијата овозможува вклучување на заинтересираните студенти, што им овозможува на студентите да учат, но и да добијат соодветен надомест за нивниот труд. Студентите се вклучени преку различни активности како што се лабораториски анализи, тестирања и подготовка на примероци, но имаат и можност за целосно следење на развојот и имплементацијата на комплексни проекти. Многу успешни приказни, меѓу кои и мојата започна токму преку учество во истражување на квалитетот на воздухот.
Лабораторијата има голема соработка со бизнис секторот, но велат дека се уште се отворени за нови соработки. Тие ги нудат своите услуги на располагање на било која индустрија, научна институција или поединци кои сакаат да работат во оваа област. Велат дека борбата за чист воздух мора да биде заедничка и сеопфатна за да има побрзи резултати.
*Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ го спроведува канцеларијата на УНДП во Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци , Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП финансирана од Шведска, која го вклучува и проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“.