УНДП доби благодарница од УГД за особен придонес и поддршка
април 2, 2024

Програмата за развој на Обединетите нации, на свеченоста по повод 27 март, 17 години од основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, доби благодарница за особен придонес и поддршка на овој Универзитет.

УНДП и УГД имаат одлична соработка на значајни проекти за развој на образованието и научната дејност. УГД и реномираната лабораторија Амбикон, која е во рамките на Универзитетот, се значаен партнер во проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ финансиран од Шведска, кој УНДП во партнерство со Министерството за животна средина го имплементира во пет општини во Македонија.

Годинава Универзитетот ќе ги објави резултатите од студијата за идентификување на загадувачите на воздухот во Кавадарци, Струга, Гостивар, Струмица и Куманово, кои се клучни за изработка и унапредување на општинските планови за справување со загадувањето на воздухот.

Истовремено, ќе се објават и резултатите од мерењето на квалитетот на воздухот во просториите на две градинки/училишта во секоја од петте општини каде се спроведува проектот.

Универзитетот „Гоце Делчев“ годинава прослави 17 години од своето основање. УГД долги години по ред е на втората позиција на сите релевантни рангирања од сите универзитети во државата, а воедно овој Универзитет е втор во државата и по бројот на студенти. Лабораторијата за животна и работна средина, која функционира во рамките на Факултетот за природни и технички науки во состав на Научноистражувачкиот центар на Кампус 2 при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип  е избрана како една од 24 лаборатории од страна на Министерството за образование и наука за соработка со приватниот сектор во насока на подигнување на свеста и зајакнување на соработката помеѓу универзитетите и компаниите. Лабораторијата располага со опрема која е намената за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиенталниот воздух во реални услови и реално време, како и на утврдување на нивото на персонална експозиција на одделни штетности.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат