COP 26 – светските лидери од Глазгов со ветување дека ќе се запре уништувањето на шумите
ноември 9, 2021

Светскиот самит за климатските промени (United Nations Climate Change) што се одржува во Глазгов се оценува како судбински, историски, како последен обид да се спаси планетата и да се разбуди свеста во државите во светот, доколку сакаме да ги избегнеме најцрните сценарија за човештвото. Поради тоа, како најважна цел на конференцијата во Глазгов се поставува да се донесат одлуки со кои растот на температурата би се задржал на максимално 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период, при што научниците велат оти шумите и таканаречените „решенија темелени на природата“ ќе бидат од витално значење за постигнување на целта.  Токму поради тоа, во голем дел од самиот самит, се посвети внимание на зачувување на шумите, при што вчера над 100 светски лидери ветија дека до крајот на деценијата ќе ги запрат трендовите за уништување на шумите и деградацијата на почвата. За да не останат ветувањата само ветувања, светските лидери најавија и дека целата таа акција ќе биде поддржана со 19 милијарди долари јавни и приватни средства.

COP26

Според Ројтерс, овој договор од Глазгов значително ја проширува сличната заложба, претходно преземена од 40 земји во рамки на Декларацијата за шуми во Њујорк во 2014 година и оди подалеку од кога било во одредување на ресурсите за постигнување на таа цел.

COP26

(прочитајте и: Во иднина не очекуваат повеќе климатски катастрофи)

Според договорот 12 земји се обврзаа да обезбедат 12 милијарди американски долари јавно финансирање меѓу 2021 и 2025 година за помош на земјите во развој, вклучувајќи напори за обнова на деградираната почва и сузбивање на пожари.

Најмалку дополнителни 6 милијарди долари би обезбедиле над 30 вложувачи од приватниот сектор, вклучувајќи ги копаниите Авива, Шродерс и АХА.

Вложувачите, кои вкупно управуваат со имот во вредност од околу 8,7 милиони долари, исто така, се обврзаа дека до 2025 година ќе запрат со вложување во активности поврзани со уништување на шумите, што се однесува и на производството на говедско, масло од палма, соја и пулпа.

 

Извор

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат