ТРЕТ ПОВИК ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ЗАМЕНА НА СТАРИТЕ ЕНЕРГЕТСКО-НЕЕФИКАСНИ ГРЕЈНИ ТЕЛА СО НОВИ ГРЕЈНИ ТЕЛА – ИНВЕРТЕРИ
мај 20, 2022

Со цел подобрување на квалитетот на воздухот, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирањe (МЖСПП), објавува повик за финансиска поддршка на социо-економски ранливите домаќинствата од Скопје да ги заменат старите енергетско-неефикасни грејни тела со нови енергетски поефикасни уреди (клима-инвертери).
Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во Скопје покажува дека согорувањето на биомаса останува најголемиот поединечен извор на загадување на амбиенталниот воздух, а поради специфичната временска дистрибуција, тоа е главниот двигател на појавата на случаи на големо загадување во текот на зимскиот период.

ЗА ТАА ЦЕЛ УНДП ОБЈАВУВА ПОВИК НА КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ДОМАЌИНСТВА КОИ:
• како извор на загревање на домаќинствата користат:
– печки на огревно дрво, јаглен, нафта или отпад
– стари енергетско-неефикасни уреди – термоакумулациони печки, панели, калорифери и сл., кои го оптоваруваат енергетскиот систем
• се приматели на социјална помош од страна на Министерството за труд и социјална политика: гарантирана минимална помош (ГМП), посебен додаток, социјална сигурност за стари лица, детски додаток и додаток за образование
• прифаќаат да го заменат стариот уред за загревање со нов клима уред – инвертер, кој ќе биде обезбеден преку проектот
• ги исполнуваат останатите услови од повикот и се согласуваат со истите.

Преку повикот предвидено е да се поддржат околу 150 домаќинства. Бројот на поддржани домаќинства може да се промени согласно висината на расположливите средства. Приоритетна група за поддршка се корисници на социјална помош кои живеат во општина Аеродром. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА преку проектот “Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје”.

ДОКУМЕНТИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ:
1. Целосно пополнета и потпишана пријава.
2. Копија од лична карта на кандидатот (адресата од личната карта треба да е идентична со адресата на објектот за кој се пријавувате на повикот).
3. Доказ дека домаќинството е корисник на социјална помош од Министерството за труд и социјална работа.
4. Пополнети и потпишани изјави и согласности:
• Согласност за користење на лични податоци од страна на УНДП за потребите на проектот;
• Изјава за точност и веродостојност на наведените информации и податоци во Пријавата;
• Согласност за замена на грејното тело.
5. Ако се работи за згрижувачко семејство, самохрани родители или домаќинство во кое има инвалидно лице – да се достави доказ за истите.

Сите документи потребни за пријавување се доставуваат со назнака за “Повик за замена на стари грејни тела” на следнава адреса:
Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Јордан Хаџи-Константинов Џинот бр. 23, Скопје. Крајниот рок за пријавување е 30 мај 2022 година.

Пријавата и сите дополнително објавени информации за повикот може да се најдат тука и на веб страницата на УНДП. Ве молиме редовно проверувајте ја!

Third Call_Air pollution – inverters

Third Call_Application form_Air Pollution-inverters

Други содржини кои можеби ќе те интересираат