Фото: macedonia-timeless.com
Финалниот извештај од истражувањето за квалитетот на воздухот во Кавадарци, спроведено од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, открива загрижувачки податоци. Истражувањето е дел од пошироката иницијатива финансиски поддржана од Шведска, а има за цел да помогне во планирање и имплементација на ефективни политики и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот. Годишната просечна концентрација на ПМ2.5 честички изнесува 62.2 µg/m³, надминувајќи ја европската граница од 25 µg/m³ за повеќе од двојно.
Најголем загадувач е сообраќајот, кој придонесува со 31 % од вкупната маса на ПМ2.5 честички, особено во лето и есен поради интензивниот сообраќај. Греењето на биомаса, главно од домаќинствата во зима, учествува со 23 %, додека прашината од патишта и градежни активности додава 25 %. Отвореното горење на отпад и земјоделски остатоци, како и согорувањето на фосилни горива во јавни објекти, дополнително го влошуваат проблемот.
Истражувањето спроведено од март 2023 до април 2024, покажува дека Кавадарци итно треба да преземе мерки како: ограничување на сообраќајот, промоција на јавен транспорт, замена на стари печки со еколошки системи и подобро управување со отпадот.
Целосниот извештај е достапен за преземање на следниот линк.