Потребна е поголема вклученост на заедницата и релевантните чинители во урбанистичкото планирање
март 25, 2024

Урбанистичкото планирање и квалитетот на воздухот се силно поврзани. Благодарение на посветувањето посебно внимание на одржливиот развој, намалувањето на изворите на загадување и промовирањето зелена инфраструктура, можно е да се создадат поздрави, попогодни за живеење и одржливи средини за жителите на градовите.

Проектот „Справување со аерозагадувањето“* го зема предвид и урбанистичкото планирање како неопходно во справувањето со аерозагадувањето и токму затоа посвети цел тренинг на добри примери и насоки за вработените во локалната самоуправа во процесот на урбанистичкото планирање. Освен за Косово и Сараево, учесниците имаа прилика да научат и за начините на урбанистичкото планирање во Љубљана, еден од градовите каде што заштитата на животната средина е највисок приоритет, а на соодветното урбанистичко планирање се посветува огромно внимание. Па така, во Љубљана урбанистичкото планирање се остварува преку приоретизација на јавниот превоз, пешачењето и возењето велосипед пред индивидуалната употреба на автомобили, зонирање на користење на земјиштето преку одвојување на индустриските зони од станбените области намалувајќи ја изложеноста на жителите на индустриските емисии, големи површини на зелени простори и урбани шуми кои се вградени во урбаните делови од градот, со што се овозможува подобрена естетика на градот, апсорпција на загадувањето и ублажување на ефектите од создадените урбани топлински острови.

Тука секако не треба да го пропуштиме соодветното управување со отпад и изведување на градежни работи кои се извршуваат во согласност со добрите пракси и законските барања на Европската Унија. Во текот на реализацијата на тренингот постојано се нагласуваше потребата за транспарентно водење на процесите за планирање и урбанизација во градовите, како најважна алатка во спречувањето на корупцијата при реализација на урбанистичките планови.

За време на тренингот учесниците имаа прилика да разговараат за позитивните и негативните примери за урбанистичко планирање во својата општина, но и да ги споделат своите искуства од соработката со колегите во релевантните сектори во општината. Учесниците јасно говореа дека за соодветно урбанистичко планирање неопходно е вклучување на локалните заедници, што ќе обезбеди гаранција дека нивните грижи за квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина се адресирани, а тоа води кон поодржлив и правичен развој. Воедно, неопходно е урбанистичкото планирање да се води што потранспарентно, каде што приоритет ќе бидат граѓаните и правилниот развој. Ваквиот пристап е клучен во борбата против корупцијата и обезбедување одржлив развој на нашите градови.

Повеќе информации од тренингот може да најдете овде

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат