Со доаѓањето на зимата, аерозагадувањето пак актуелно во Скопје, активистите бараат системски одржливи решенија
јануари 27, 2022

Здружението Еко-свест бара многу позасилени напори и работење во континуитет за изнаоѓање системски одржливи решенија, со кои аерозагадувањето во Скопје ќе се намали, а со тоа и ризиците по здравјето на неговите жители.

Од Еко-свест велат дека голем дел од краткорочните мерки и препораки, како и нивниот ефект, зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата.

„Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 г. и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден“, велат од Еко-свест.

Тие додаваат дека на среден и долг рок треба целосно повторно да се обмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје и во целата држава. Инвестициите во енергетска ефикасност многукратно да се зголемат, да се засили контролата на индустриските капацитети, но и да се започне со реализација на децентрализирани системи за греење на обновливи извори.

Истовремено, Еко-свест апелира и ги повикува надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање. Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како независен финансиски механизам.

air pollution

 

Податоците од мерните станици за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека на 28 декември биле надминани среднодневните гранични вредности за ПМ 10 честички на сите мерни станици во Скопје, при што во Карпош биле измерени најмалку – 60,95 микрограми на метар кубен, додека во Лисиче најмногу – 115 микрограми на метар кубен.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат