Загадениот воздух влијае врз здравјето на луѓето и врз микроклимата
октомври 3, 2024

Печките на дрво со стари горилници испуштаат огромни количества суспендирани ПМ честички, кои продираат длабоко во респираторниот систем на луѓето и предизвикуваат различни болести. Загадениот воздух може да доведе и до нерамнотежа во нивоата на влажност и до неочекувани промени во микроклимата и до намалување на приносот во земјоделските површини.

Загадениот воздух може да има значителни ефекти врз земјоделското производство, микроклимата и потрошувачката на електрична енергија. Но, најголема штета, загадениот воздух има врз здравјето на луѓето. Научна студија објавена во списанието „Алцхајмер и деменција“ открива дека долгата изложеност на загаден воздух значително го зголемува ризикот од развој на деменција. Станува збор за истражување во Данска, кое го направи Националниот центар за биотехнолошки информации, во рамки на Националната медицинска библиотека во државата Мериленд, САД, и кое покажа дека загадениот воздух е примарен причинител за зголемен ризик од деменција. Овие наводи фрлаат ново светло врз тоа на што може да влијае загадениот воздух.

Наодите открија дека долготрајната изложеност на различни загадувачи на воздухот, како што се честичките (ПМ2,5 и ПМ10), азот диоксид (NО2) и црниот јаглерод (Black Carbon), е поврзана со зголемен ризик од деменција. На пример, ризикот од развој на деменција се зголемува за 35 проценти ако нивото на ПМ2,5 се зголеми за 2,61 µг/м3.

Замената на печките на дрва со инвертери ја намалува загаденоста на воздухот

Печките на дрва со стари горилници испуштаат огромни количества на суспендирани ПМ честички, кои продираат длабоко во респираторниот систем на луѓето. УНДП, со поддршка на шведската амбасада, реализираше проект во скопската населба Лисиче, кој опфати енергетска обнова на 130 домаќинства во населбата Лисиче, при што беа спроведени сет мерки за енергетска ефикасност, вклучително и замена на старите и неефикасни уреди за греење. Колкава е важноста од замената на старите печки (некои од нив се стари по 30-40 години) со инвертер-клими, говори професорот д-р Дејан Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

                                         Печките на дрва испуштаат огромни количества на суспендирани ПМ честички

– Замената на грејните тела во скопско Лисиче (од печки на дрва во инвертери) покажа дека концентрациите на ПМ2,5 во внатрешниот воздух во објектите се намалиле за десетпати. На пример, жена што се затоплувала со стара печка на дрва во својот дом во Лисиче дишела и до 1.400 µг/м3 ПМ2,5, но со поставувањето на инвертерот, концентрациите достигнаа до 20 µг/м3. Лисиче е пример што може да се спроведе и во други општини – констатира Мираковски.

Податоците на Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека Кавадарци и Струмица се на второто место, по Кичево, со најмногу денови во годината со надминати концентрации на ПМ10 честичките од дозволените (50 µг/м3). Заклучно со 10 септември 2024 година, дури 57 денови оваа година, овие два македонски градови имале загадување на воздухот над дозволените концентрации со ПМ10.

Училиштата и градинките се затоплуваат со нееколошки системи

Освен од домаќинствата, загадениот воздух во Кавадарци се создава и од училиштата и од градинките, кои се затоплуваат со нееколошки системи. Според Боро Ѓорѓиев, раководител на одделение за образование и спорт во кавадаречката локална самоуправа, вкупно 1.171 дете посетуваат градинка во Кавадарци, а греењето е на нафта, струја и на пелети. Во седумте основни училишта (со запишани 3.390 деца), две од нив се затоплуваат на пелети, едно комбинирано, на дрва и на пелети, а другите на масло за домаќинство. Во Кавадарци има три средни училишта со 1.420 средношколци и сите се затоплуваат на екстра лесно масло за домаќинство.

                                                         Дишеме ли доволно кислород?

Голем процент на загадувањето во Кавадарци отпаѓа на издувните гасови од возилата. Во оваа општина се регистрирани 17.250 патнички возила, повеќе од една илјади се товарни и над 4.700 се трактори.

– Најголемото загадување е во зимскиот период од загревањето на дрвна маса и од други огревни материјали. Со гасификација, како и со градење обиколница ќе се избегне движењето на тешки товарни возила низ градот, драстично ќе се подобри состојбата со амбиенталниот воздух – вели градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој потсетува дека општината има обезбедено над 400 прочистувачи за воздух во градинките и во училиштата. Но, сите воспитно-образовни училишта немаат прочистувачи за воздух во своите простории. Под менторство на иноваторот Димитрија Ангелков, професор доктор по електротехнички науки, во Кавадарци се спроведува интересен проект.

– Заедно со петмина средношколци, под мое менторство, произведени се 30 квалитетни антиполен карбон прочистувачи за воздух, наменети за во училници. Даваме пример како да имаме побезбедна училишна средина, но и пример за учениците, самите да направат и во своите домови, да бидат безбедни, а притоа да немаат големи трошоци за купување прочистувачи од комерцијална продажба – појасни Ангелков.

Пораст на канцерогените болести

Павле Маневски, претседател на Комисијата за екологија при Советот на Општина Кавадарци, вели дека податоците за овој град нотирани во извештајот на Институтот за јавно здравје – „Рак во Република Северна Македонија“ од 2023 година, кој се однесува на периодот од 2012 до 2021 година, говорат дека има благ пораст во бројот на новодијагностицирани пациенти со малигни болести во овој десетгодишен период.

– Кога станува збор за рак на бронхии и бели дробови во тој период, Кавадарци е на 12-то место, според бројот на новодијагностицирани пациенти, а на осмо место по морталитет од ова заболување, за кое мајорен ризик фактор е загадениот воздух – појасни тој.

Маневски, кој е доктор по професија, истакна дека кога се работи за рак на дојка, Општина Кавадарци е на петтото место според бројот на новодијагностицирани пациенти, а ако е во прашање рак на грлото на матката е на четвртото место.

Сите советнички групи во Општина Кавадарци неодамна едногласно застанаа против изградба на објект од тешка загадувачка индустрија – регионален центар за третман на отпадна гума, во Г-1 зона. Претходно, до локалната самоуправа беа доставени околу пет илјади потписи од граѓанската петиција против инвестиција во Г-1 зона.

Загадениот воздух влијае и врз земјоделството

Струмица е еден од македонските градови со големо загадување на воздухот, иако во градот нема тешка индустрија. Кога нема ветер, мерењата зимно време покажуваат високи концентрации на суспендирани честички. Но, освен врз луѓето, нечистиот воздух влијае и врз земјоделското производство, и тоа на неколку начини.

– Конкретно, загадувачите, како озон (О3), сулфур диоксид (SО2) и азотни оксиди (NOx), можат да ги оштетат лисјата на растенијата, што негативно влијае врз растот и продуктивноста на растенијата. Овие гасови можат да предизвикаат оштетување на клетките кај растенијата и да предизвикаат влошување на хлорофилот. Загадувањето на воздухот може да ја наруши пХ рамнотежата на почвата преку киселиот дожд, кој ги измива влажните минерали и материи од почвата, што им отежнува на растенијата да ги апсорбираат хранливите материи. Дополнително, може да предизвика акумулација на некои тешки метали во почвата, намалувајќи го квалитетот на почвата потребен за земјоделско производство. Исто така, може да доведе и до загадување на водата. Загадувачите се мешаат со дождовницата, со што се намалува квалитетот на водата што се користи за наводнување во земјоделството. Тоа може да го отежне пристапот на растенијата до вода и со тоа да ја намали ефикасноста на производството – вели Ристо Велков, претседател на здружението на земјоделци „Агросојуз“ од Струмица.

                                             Загадениот воздух ја спречува сончевата светлина да стигне до земјата

– Загадувачите можат да влијаат врз концентрацијата и дистрибуцијата на водената пареа во атмосферата. Тоа може да доведе до нерамнотежа во нивоата на влажност и до неочекувани промени во микроклимата и до намалување на приносот во земјоделските површини. Исто така, загадениот воздух може да ја зголеми употребата на системи за прочистување воздух и филтри. Ракувањето со овие уреди директно ја зголемува потрошувачката на електрична енергија. Загадениот воздух може да предизвика дополнителни потреби за енергија во процесите на земјоделско и индустриско производство, заклучува Ристо Велков.

Загадениот воздух може да спречи сончевата светлина да стигне до земјата што може да предизвика намалување на регионалните температури и пад на способноста на растенијата за фотосинтеза, што негативно влијае врз растот на растенијата, а со тоа и врз земјоделското производство.

Жените се повеќе изложени на опасност од загаден воздух во домовите

Неодамнешното истражување на јавната свест за загадувањето на воздухот во 5 општини (Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга) што го направи УНДП покажа дека жените се повеќе изложени на опасност од загаден воздух во домовите каде што се користи огревно дрво, јаглен и палење отпад (моторни масла, гуми, лакиран паркет, ламинат и сл). Жените се особено ранливи на загадување на воздухот во затворени простории поради традиционалните методи на готвење и недостигот од пристап до чиста енергија.

– Главната причина за тоа е што, поради нивната родова улога, жените поминуваат значително подолго време во домот од мажите за време на работните денови. Од оние што одговориле дека повеќе од 16 часа, односно целото време го минуваат дома, најбројни се жените од Струга и од Гостивар, а потоа следи Куманово. Дополнителната анализа покажува дека од овие жени, најбројни се оние што се без лични месечни примања, односно најсиромашните. Токму тие жени најмногу почувствувале здравствени последици од загадениот воздух. Покрај тоа, биолошките разлики, како што е помалиот капацитет на белите дробови, ги прават жените поподложни на респираторни проблеми предизвикани од загадувачи – вели Кристина Плечиќ, специјалистка за родова еднаквост во УНДП.

Автори на текстот: Светлана Блажевска, Светлана Дарудова и Адем Мемедов

Автори на фотографиите:

Светлана Блажевска – Голем процент во загадувањето на воздухот отпаѓа на издувните гасови на возилата;

Светлана Блажевска – Дишеме ли доволно кислород?

Фотографија од архивата на УНДП – Печките на дрва испуштаат огромни количества суспендирани ПМ честички;

Фотографија од архивата на МЗШВ – Загадениот воздух ја спречува сончевата светлина да стигне до земјата;

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.

 

Преземено од ЗНМ оригиналниот текст може да се најде на следниот линк.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат