Загадувањето на воздухот во Скопје и Европа одамна не е само зимска појава или тема што се отвора кога мерните станици ќе покажат високи концентрации. Долготрајната изложеност на фините честички PM₂.₅ има сериозни последици врз здравјето и е поврзана со зголемен ризик од кардиоваскуларни и респираторни заболувања, како и со предвремена смртност. Токму затоа, податоците што го прикажуваат здравствениот товар од загадениот воздух се особено важни за разбирање на реалните размери на проблемот.
Една од најјасните слики за размерите на овој проблем ја дава следната карта, која ја прикажува проценетата стапка на предвремени смртни случаи поврзани со долготрајна изложеност на PM₂.₅ во европските региони во 2023 година. Податоците се изразени како број на предвремени смртни случаи на 100 000 жители, при што потоплите бои означуваат поголем здравствен товар. Картата открива изразени разлики меѓу европските региони и покажува дека најтешките последици се концентрирани во делови од Источна и Југоисточна Европа.

Карта на проценетата стапка на предвремени смртни случаи поврзани со изложеност на PM₂.₅ во Европа, 2023 година. Извор на податоци: European Environment Agency; визуализација: The European Correspondent
https://europeancorrespondent.com/en/r/dirty-air-kills
Според картата, секоја година загадувањето на воздухот предизвикува стотици илјади предвремени смртни случаи во Европа. Најопасната форма на загадување – фините суспендирани честички, односно PM₂.₅ – во 2023 година била поврзана со околу 182 000 предвремени смртни случаи во Европската Унија, според Европската агенција за животна средина (EPA, Environmental Protection Agency).
Но, местото на живеење во голема мера влијае врз веројатноста некој да стане дел од оваа статистика. Кога податоците ќе се прилагодат според бројот на жители, стапките на предвремена смртност во Источна и Југоисточна Европа се значително повисоки отколку во Западна и Северна Европа.
Во 2023 година, изложеноста на PM₂.₅ била поврзана со 301 предвремен смртен случај на 100 000 жители во Скопскиот Регион во Северна Македонија, кој го опфаќа и главниот град Скопје. Во уште 12 региони, сите лоцирани во Албанија, Србија и Северна Македонија, стапките надминувале 200 предвремени смртни случаи на 100 000 жители.
На другиот крај од континентот, во земји како Исланд и Финска, речиси и немало предвремени смртни случаи што можеле да се поврзат со овој загадувач.
Честичките PM₂.₅ можат да навлезат длабоко во белите дробови, да преминат во крвотокот и да стигнат до други органи во телото. Според Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави, изложеноста на овие честички може да предизвика срцеви заболувања, рак на белите дробови и други респираторни заболувања. Главни извори на емисии на PM₂.₅ се загревањето на домаќинствата со цврсти горива, како јаглен и биомаса, индустриските активности и патниот сообраќај.
Населението во индустриските центри, како што е долината По во Северна Италија, како и во регионите каде што фосилните горива се главен извор за производство на електрична енергија, греење и транспорт, е изложено на поголем ризик од високи концентрации на PM₂.₅.
Сепак, податоците носат и позитивни вести. Во периодот од 2005 до 2023 година, бројот на предвремени смртни случаи во ЕУ што се припишуваат на изложеност на фините честички се намалил за 57 %. Ниту една европска земја не забележала зголемување (https://europeancorrespondent.com/en/r/dirty-air-kills).
Кога еден регион е на врвот на европската карта според здравствените последици од PM₂.₅, чистиот воздух повеќе не е само еколошко прашање – тој е прашање на здравје и живот.
Подобрувањето на состојбата бара постојани, а не само привремени мерки: почисто и енергетски ефикасно загревање, подобар јавен транспорт, контрола на индустриските и градежните емисии, намалување на прашината од улиците и подобро урбанистичко планирање.