Стевановиќ: Преку акција сакаме да покажеме дека постојат луѓе кои се грижат за околината
септември 24, 2021

cleaning-action

„За почиста Македонија“ е еколошко движење со седиште во Скопје и е формирано во јули 2020 година. Првичната идеја била да се мотивираат сите планинари и луѓе кои своето време го поминуваат во природа, грижејќи се за неа. Потоа, акцентот преминал и на градовите, нагласувајќи дека еко свеста се гради во самото место на живеење. Тие сакаат да создадат организација која ќе ги обедини сите досегашни организации кои ќе се справуваат со загадувањето, рециклирањето и третирањето на отпад. Ова движење е замислено како место каде било кој би можел на лесен начин да дојде до информации за еко-движењата, организациите и нивните активности.

Петар Стевановиќ е основач на ова движење и вели дека целта е да се крене свеста на луѓето да ја почитуваат природата и да се однесуваат совесно кога уживаат во истата.

‚‚Сакаме преку акција да покажеме дека сепак уште постојат луѓе на кои им е грижа во каква околина живеат, наместо само да се жалиме дека ситуацијата е лоша и нема никогаш да се подобри. Нашата цел е преку акција и делување да инспирираме активност и желба за промена кај граѓаните. Чекор по чекор, се трудиме да влијаеме врз општиот менталитет поврзан со ѓубрето и да го сведеме на повисоко ниво. Еколошкото движење „За почиста Македонија“ ќе работи на зачувување на чиста и здрава околина за секој да може да ужива во неа‘‘.

Стевановиќ рече дека интересот за активизам е повеќе од задоволителен и дека после секоја еколошка акција бројката расте.

‚‚Во просек на секоја чистка има околу 30-тина волонтери. Нашето движење брои 15-тина активни членови кои доаѓаат на нашите чистки и работат со нас во организирање на истите‘‘.

ruined-environment

Во однос на најновите активности на движењето, моментално тие се на еко-турнеја низ Македонија. Таа завршува на 29. август во Штип, а беа опфатени градовите Кичево, Охрид, Прилеп, Кавадарци и Струмица. После тоа, ќе организираат еколошка акција на Водно по повод светскиот ден на еко-чистките.

Запрашан за тоа како да се подигне еколошката свест, вели дека тоа треба да се направи преку соодветна едукација на најмладите, казни за тие што загадуваат, зачестени контроли на излетничките места за време на викенд и празници, еколошки акции, едукација за животната средина.

За крај, Петар завршува со нивното мото:

‚‚Не барај човек за пример, биди примерот.‘‘

leader-activist

Извор: www.goce.mk 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат