Целта на ова истражување е да направи анализа на три однапред таргетирани нивоа, односно целни групи, кои ќе бидат корисници, но и фактори во понатамошното делување на проектот Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во земјава. Прва целна група во првото истражување се трговците што продаваат уреди за греење, анкетирани на ниво на цела територија на државата. Како втора целна група ги имаме граѓаните на Лисиче, територија која што е обележана како пилот зона на проектот. На крај, третата целна група се граѓанските организации во земјава коишто делуваат во доменот на аерозагадувањето на национално ниво.
Добиените резултати од спроведените анкети на Агенција Рејтинг, односно истражувања креираа бази на податоци преку кои ќе може да се анализираат многу различни аспекти, причинско-последични врски и фактори во доменот на аерозагадувањето.
Негативните ефекти врз здравјето на граѓаните од аерозагадувањето како и причинителите на загадувањето се централна тема во медиумите во текот на зимските месеци повеќе години наназад. Граѓаните се веќе добро информирани и свесни за постоењето на проблемот, како и последиците по здравјето кое ги носи аерозагадувањето. Загриженоста кај нив е исто така на високо ниво, но и последиците кои ги чувствуваат врз сопственото здравје се сé почести. Во овој сет на прашања се мереше токму свесноста и последиците од загадувањето кај граѓаните како и нивното ниво на перцепција за изворите на проблемот. Според анкетата, високи 80,7% од испитаниците сметаат дека загадувањето на воздухот претставува многу голем проблем, додека дополнителни 18% сметаат дека е тоа голем проблем.
Граѓаните сметаат дека нафтата и јагленот се најголеми загадувачи и како енергенси најмногу придонесуваат во загадувањето на воздухот. Во графиконот подолу може да се види дека над 80% од испитаниците оцениле дека многу влијаат односно одговориле на скала од 1 до 10 со 8, 9 или 10. Она што загрижува е перцепцијата на граѓаните дека огревното дрво е далеку поеколошки енергенс и дури 40% од испитаниците рекле дека тоа воопшто или многу малку влијае на загадувањето, односно на скала од 1 до 10, одговориле со 1,2 или 3. Како енергенс кој најмалку загадува се сметаат пелетите за кој 46% од испитаниците рекле воопшто или малку влијаат на загадувањето.
Од податоците може да се заклучи дека жителите на оваа населба, заради нискиот стандард се исклучително под влијание на факторот цена на инвестиција и финансиските поволности и услови се единствено важни при изборот дали и во што да се вложи.