ДАЛИ СИТЕ ДИШЕМЕ ИСТ ВОЗДУХ?
април 30, 2024

ВОЗДУХОТ Е ЕКСТРЕМНО ЛОШ, ОСТАНЕТЕ ДОМА!

Овој наслов го гледаме многу често за време на зимскиот период,  со кој Институтот за јавно здравје ни препорачува да не излегуваме надвор поради огромното количество на ПМ честички во воздухот.

Но, дали седењето дома е безбедно за сите?

Загадувањето на воздухот, како глобален проблем, влијае на сите, но ретко се зборува за неговите родово специфични последици. Мажите и жените различно ги искусуваат ефектите од загадувањето.

Ќе се запрашате зошто е тоа така кога воздухот сите подеднакво го дишеме.

Причините се повеќеслојни и се од социо-економска, биолошка и културна природа.

Неодамнешното истражување за прашања поврзани со загадувањето на воздухот што УНДП го спроведе во 5 града (Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга) покажа дека жените се повеќе изложени на опасност од загаден воздух во домовите каде се користат енергенси кои го загадуваат воздухот, како: огревно дрво, јаглен и палење отпад. Главната причина за тоа е што, поради нивната родова улога, жените значително подолго време од мажите поминуваат во домот за време на работните денови.

Од оние што одговориле дека повеќе од 16 часа, односно целото време го минуваат дома, најбројни се жените од Струга и Гостивар, а потоа следи Куманово. Дополнителната анализа покажува дека од овие жени, кои поголемиот дел од времето или целиот работен ден го минуваат во домот, најбројни се оние кои се без лични месечни примања, односно најсиромашните. Токму тие жени најмногу почувствувале здравствени последици од загадениот воздух.

Кристина Плечиќ, специјалистка за родова еднаквост

Студиите на Светската здравствена организација (СЗО) и Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP) покажуваат слични трендови и на глобално ниво. Жените во земјите во развој се особено ранливи на загадување на воздухот во затворени простории поради традиционалните методи на готвење и недостатокот на пристап до чиста енергија. Покрај тоа, биолошките разлики, како што е помалиот капацитет на белите дробови, ги прават жените поподложни на респираторни проблеми предизвикани од загадувачи.

Додека свеста за влијанијата на загадувањето на воздухот генерално се зголемува, постојат одредени родови разлики и во однос на овој аспект. Податоците покажуваат дека жените имаат поголемо разбирање и изразуваат поголема загриженост во поглед на последиците од загадениот воздух од страна на жените. Од друга страна, пак, мажите во поголема мерка се свесни дека постоечкиот начин на загревање на домот влијае врз загадувањето на воздухот и се поподготвени за менување на постоечкиот начин на загревање на домот.

Понатаму, студиите откриваат дека во донесувањето одлуки за методите за загревање на домот често доминираат мажите, што повторно ги одразува вкоренетите родови улоги. И покрај ова, постојат докази за влијанието на жените во домаќинствата, што укажува на важноста од вклучување на различни перспективи во справувањето со загадувањето. Според истражувањето на УНДП, за квалитетот на изолација на домот, жените се тие кои имаат повеќе забелешки во однос на постоечката изолација. Од друга страна, пак, мажите имаат повеќе познавања за тоа каков тип на изолација користат во домот.

Но, кој на крај ја донесува одлуката за начинот на загревање?

Иако одлуките за загревање на домот или за спроведување мерки за енергетска ефикасност во домот најчесто се носат заеднички во домот, сепак таму каде што тоа го прави еден член на семејството, тоа најчесто е мажот. Ова укажува на постоење, во одредена мера, на стереотипни родови поставености во поглед на носителот на одлуки во домот, односно позиционирање на мажот како глава на семејството.

Сепак, и покрај тоа, можеме да кажеме дека гласот на жената се слуша во домот. Но, дали е тоа случај и надвор? Дали жените имаат активна општествена улога во справувањето со загадениот воздух?

Поголем процент од жените сметаат дека не се доволно консултирани од страна на општината во носењето одлуки поврзани со заштита на животната средина и здравјето, со исклучок на Струмица и Кавадарци. Ова укажува на потребата општините да го прилагодат начинот на информирање на граѓаните и граѓанките, особено најранливите категории.

Ова е особено важно кога се пренесуваат информации за доделување субвенции за енергетски ефикасни решенија. Според истражувањето, главната причина за неаплицирање на повик во кој се доделуваат субвенции за енергетски ефикасни решенија е тоа што жителите на овие градови немале информација за процесот на аплицирање. Дополнително се забележува дека жените во поголема мера од мажите не размислувале за таа можност, а мажите не аплицирале бидејќи не верувале во регуларноста на процесот. Дополнителната анализа покажува дека најранливата категорија, а тоа се жените без лични месечни примања, не аплицирале бидејќи не добиле информација за можноста.

За ефикасно справување со овие предизвици, од клучно значење е да се вклучи родовата перспектива во политиките за справување со загадениот воздух. Ова значи да се земат предвид специфичните потреби на жените, мажите и ранливите групи. За да се постигне тоа, неопходно е да се даде можност да се слушнат тие потреби и да се земат предвид кога ќе се прави распределба на расположливите буџетски средства.

За крај, да се запрашаме повторно: Дали сите дишеме ист воздух?

 

Автор: Кристина Плечиќ, специјалистка за родова еднаквост во Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)

Други содржини кои можеби ќе те интересираат