Со волја и правилно дејствување европските практики можат да се имплементираат и кај нас
март 29, 2024

Скопје, март 2024 – Во рамки на проектот* „Справување со загадување на воздухот“, Центарот за климатски промени (ЦКП) го одржа деветтиот тренинг на тема „Споделување на добри пракси од Регионот и Европа за подобрување на квалитетот на воздухот“, на кој беше заклучено дека со политичка волја, упорност и добро планирање и менаџирање, тие можат да се имплементираат во нашата држава, а со тоа да се намали загадувањето на воздухот.

На тренингот, што се одржа во Скопје, присуствуваа претставници од пилот општините кои се избрани за спроведување на проектот: Струмица, Кавадарци, Гостивар, Куманово и Струга, но и претставници на општините: Гази Баба, Центар, Аеродром и Град Скопје.

Претставничката од Шведската агенција за животна средина, Сара Барнекоу, го сподели искуството на Шведска во однос на зачувувањето на квалитетот на воздухот, при што истакна дека децении наназад во нејзината земја се става посебен акцент на тоа поле и постојано се работи на унапредување на состојбата.

„Квалитетот на воздухот во Шведска е генерално добар. Од една страна Шведска има воведено строги стандарди за квалитетот на воздухот, што всушност се законите за квалитет на воздухот, а од друга страна имаме и амбициозни цели за квалитетот на животната средина и тоа е нешто кон кое стремиме и во иднина. Директивата на ЕУ за квалитетот на амбиентниот воздух нѐ мотивира и нѐ движи напред, а нашите цели се усогласени со нивоата препорачани од Светската здравствена организација“, посочи Барнекоу.

Таа посочи дека управувањето со квалитетот на воздухот во Шведска е децентрализирано и општините имаат голема улога за управување со квалитетот на воздухот на нивната територија, додека Агенцијата, која има само 16 вработени, е задолжена за поддршка и креирање на политики или закони. Барнекоу истакна дека она по што Шведска се издвојува е добрата меѓуопштинска соработка и координација, односно повеќе општини „делат“ едно лице кое го покрива квалитетот на воздухот. Од вкупно 260 општини, само 19 досега имале потреба да направат план за подобрување на квалитетот на воздухот (или само 7 проценти од сите општини).

Во однос на предизвиците со кои Шведска се соочува кога станува збор за загадувањето на воздухот, таа ги нотираше патниот сообраќај (особено во урбаните центри), горењето на огревно дрво и прекуграничното загадување на воздухот.

Осврнувајќи се на решавањето на предизвиците, рече дека интензивно работеле на создавање соодветна инфраструктура за електрични возила, дека луѓето лесно  преминале на електрични возила заради доделените субвенции за нивно користење, но во однос на горењето огревно дрво, таа посочи дека тоа е традиција во која луѓето уживаат и не се откажуваат така лесно.

„Постојат одредени насоки за согорувањето на огревно дрво со кои се создава повеќе енергија, а помалку чад и за тоа Владата на Шведска интензивно пласира информации со цел да се промени јавната свест. Дополнително, во новите градби општините имаат надлежност да бараат поставување печки со одреден стандард“, наведе таа.

Таа заклучи дека константно се охрабруваат општините да користат систем за моделирање и мониторинг и дека постојано работат со методот „проба и грешка“, односно дека воведуваат нешто и доколку не функционира соодветно, прават измени.

Петар Гершич, претставник од локалната самоуправа на Ново Место, Словенија, истакна дека од клучно значење е да се направи темелна анализа со цел да се детектираат загадувачите, како што направиле и тие со цел да го подобрат квалитетот на воздухот. Тој наведе дека врз основа на тие анализи креирале соодветни мерки.

„Во нашиот град има многу индустриски капацитети, како што е фармацевтската компанија „Крка“, но она што резултатите од анализата го покажаа е дека најголем дел од РМ 10 честичките (дури 40 %) потекнуваат од индустрии лоцирани во други места од Словенија, па дури и Италија, на кои немаме никакво влијание. Затоа решивме да се фокусираме на акции во самото Ново Место со кои се подобрува квалитетот на воздухот“, рече Гершич.

Во однос на загадувачите, слично како и во Шведска, ги нотирале како загадувачи сообраќајот, горењето на огревно дрво, како и користењето биомаса со несоодветен квалитет за затоплување.

Тој потенцираше дека во изминатиот период речиси сите јавни објекти во Ново Место ги направиле енергетски ефикасни и го замениле начинот на греење. Исто така нагласи дека од исклучителна важност е промена на инфраструктура за полесно движење на пешаци и велосипедисти, како и покренувањето на јавната свест за што помала употреба на возила.

Со цел да се подобри квалитетот на воздухот, го зголемиле јавниот превоз и делови од градот ги направиле целосни пешачки зони, за што, на почетокот наишле на отпор од дел од граѓаните, но за кратко време оние кои најмногу протестирале против затворање на улиците станале најголеми поддржувачи на такви мерки.

„Континуирано изнесуваме информации за правилна употреба на дрвото за огрев. Спроведуваме кампањи за покревање на јавната свест за употребата на велосипеди како превозно средство. Многу работиме на поставување инсталации за обновлива енергија. Исто така постојано правиме мерења, а наскоро ќе се спроведе и нова анализа со цел да видиме што сме постигнале со мерките и да креираме нови. Правиме огромни напори во таа насока, бидејќи квалитетот на воздухот не е нешто што се постигнува на кратки, туку на долги патеки и тоа е нешто што е многу важно за квалитетот на живот на граѓаните“, заклучи Гершич.

Претставникот на Општина Струмица, Томислав Андреев, претставничката на Општина Куманово, Александра Георгиевска-Протиќ, како и директорот на ЈП „Куманово-Гас“, Марко Митревски ги презентираа добрите практики од нашите општини кои се однесуваат на промена на греењето и на јавниот превоз. Виртуелниот гасовод во Струмица има вкупно: 406 корисници, најмногу домаќинства, 23 стопански субјекти и скоро сите јавни институции. Дополнително, во 2023 година, Општина Струмица формираше јавно претпријатие за транспорт на патници и започна набавка на десет електрични автобуси (првите ќе почнат со работа во септември оваа година) кои ќе возат на 10 линии.

Куманово, пак, е првата општина во државата која има воведено бесплатен јавен превоз за своите граѓани, како еден од начините да го подобри квалитетот на воздухот. За тоа се инвестирани значителни средства од буџетот, 63.725.000 ден. годишно. Општина Куманово покажа интерес да го искористи искуството на Струмица за формирање на јавно претпријатие и набавка на нови и еколошки автобуси. Дополнително, „Куманово-Гас“ има 400 приклучоци од домаќинствата, но и 30 правни субјекти, што значително влијае на подобрување на квалитетот на воздухот.

Тренингот заврши со работна вежба во која сите општини ги искористија сознанијата од презентираните добри практики и креираа зелена и одржлива визија за нивната општина за 10 години од сега. Дискусијата опфати идеи и мерки со кои се земаа предвид родовиот аспект и потребите на социо-економските ранливи групи на граѓани, како основни скалила за праведни и инклузивни акции за чист воздух, затоа што цело е само кога има сѐ!

Повеќе информации од тренингот може да најдете овде

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат