Со поддршка на науката до почист воздух
март 5, 2024

Определувањето на изворот на загадување е клучна алатка во натамошното дизајнирање на политиките за квалитетот на воздухот. Оваа проблематика е разработена во научниот труд со наслов Evaluation of PM2.5 Sources in Skopje Urban Area Using Positive Matrix Factorization од страна на тимот на лабораторијата АМБИКОН и Факултетот за природни и технички науки, а истиот е објавен во научното списание Environmental Modeling & Assessment.

Ова истражување е еден од првите обиди да се дефинираат изворите на загадување на воздухот во градот Скопје. Идентификувани се седум главни извори на загадување на две испитувани локации. Најголем извор на загадување претставува согорувањето на биомаса. Овој извор, поради неговата посебна временска дистрибуција, претставува примарна причина за епизоди на екстремно загадување во зима. И покрај тоа што е целосно сезонско, согорувањето на биомасата во однос на целокупното загадување на годишно ниво учествува со 32 % во Ново Лисиче и 33 % во Карпош. Сообраќајот е вториот најважен извор. Учеството на сообраќајот во вкупната маса на честички на годишно ниво изнесува 23 % во Ново Лисиче и 18 % во Карпош. Други значајни извори се: согорување на нафта/мазут, прашина и горење на оган на отворено.

Истражувањето и научниот труд се подготвени од страна на лабораторијата АМБИКОН УГД при Универзитетот „Гоце Делчев“ ‒ Штип, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, кој го спроведе Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје, со финансиска поддршка од Шведска.

 

Целиот труд е достапен на следниот линк

Други содржини кои можеби ќе те интересираат