Знаеме ли кој го загадува воздухот?- Интервју со проф. д-р Афродита Зенделска
јуни 19, 2023

Интервју со проф. д-р Афродита Зенделска, вонреден професор и продекан за настава, Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

проф. д-р Афродита Зенделска

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е единствена академска институција во државата кој има акредитирана лабораторија „АМБИКОН“ во која може да се идентификуваат изворите на загадување на воздухот т.е. кој го загадува воздухот. Разговараме со д-р Афродита Зенделска, која освен што е вонреден професор и продекан за настава на Факултетот за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, активно учествува во анализите на загадувачите.

Зошто е отворена ваква лабораторија на Универзитетот и која е нејзината улога? 

Потребата од постојано надградување на знаењето на студентите во сите циклуси на студии, како и на професорите, зависи од можностите што им ги пружи нивниот факултет/универзитет. Затоа Универзитетот „Гоце Делчев“ уште од самото негово основање се стреми кон создавање модерни научноистражувачки центри во кои сите заинтересирани студенти и професори ќе имаат можност да истражуваат и да ги реализираат своите идеи.

Еден од овие научноистражувачки центри е и лабораторијата АМБИКОН во склоп на која се наоѓаат: оддел за анализи и тестирање на материјали и оддел за амбиентална контрола. Приказната за оваа лабораторија започнува во 2007 година кога со само неколку инструменти професорите на Факултетот за природни и технички науки успеаја да дојдат до некои позначајни резултати од нивните истражувања. Во 2015 година со веќе значајно поголем број на инструменти, лабораторијата доби акредитација според ISO17025, а денес во 2023 година веќе имаме лабораторија со многу акредитирани методи и најсовремена опрема со која можеме да се пофалиме и да истакнеме дека успешно стоиме рамо до рамо со современите лаборатории од балканските, па и европските простори. Слободно можам да кажам дека скоро секоја година се надополнува списокот на опрема на лабораторијата. Покрај неколку помали, како позначајни инструменти со коишто се опреми одделот за анализа и тестирање на материјали во последните две години би ги издвоила рендген флуоресцентниот спектрометар, набавен во 2021 и електронскиот микроскоп за скенирање набавен во 2022 година. 

Намената на оваа опрема е широка, покрај тоа што се користи за испитувањето на квалитетот на воздухот и идентификација на изворите на загадување, се користи и за анализи и тестирање на различни материјали и имаат примена во речиси сите научно истражувачки области.

Јас, како еден од стручните соработници во Одделот за анализа и тестирање на материјали во лабораторијата АМБИКОН, користам поголем дел од опремата која ја имаме. За да се дојде до некој конкретен одговор на одредено прашање, не може да се користи само еден инструмент, туку одговорот го наоѓаме користејќи цела низа инструменти. Покрај комбинацијата на опремата, ние во оваа лабораторија го комбинираме и нашето знаење, поточно работиме тимски, затоа што тимската работа секогаш дава најдобри резултати. 

Што мерат овие „чуда од инструменти“ кои ги спомнавте?

Првиот од споменатите, рентген флуоросцентниот спектрометар, се користи за добивање на концентрацијата на над 30 елементи кои се присутни во воздухот којшто го дишиме. Она што го прави посебен овој инструмент е што долната граница на детекција е многу ниска и е идеален за испитување на концентрацијата на овие елементи во воздухот. Сличен ваков инструмент имаме во лабораторијата АМБИКОН уште од 2011 година и првите испитувања ги почнавме со него. Но како технологијата оди напред, така и ние ја обновуваме нашата опрема со нова и пософистицирана, со цел добивање на поточни и попрецизни резултати. 

rigaku

Ист е случајот и со вториот инструмент, електронски микроскоп за скенирање, којшто го обновивме во нов и многу понапреден уред на кои како лабораторија сме посебно горди.

Електронски микроскоп за скенирање, којшто го имаме некаде од 2012 година, се користи за проучување на морфологијата и хемискиот состав на најразлични материјали. Со надоградба на овој инструмент со апарат за напарување се овозможува испитување во висок вакуум на секаков вид на примероци и постигнување на големи зголемувања (> 20.000 x).

Електронски микроскоп за скенирање

Новиот електронски микроскоп за скенирање е надграден со систем за автоматско менување на позициите на филтрите и на претходно дефинирани услови се овозможува автоматско мапирање, поточно детектирање на одреден вид на честички. Со ова се овозможува попрецизно и подетално анализирање на примероците.

електронски микроскоп за скенирање 2

Кажете ни нешто повеќе за процесот на откривање на изворите на загадување на воздухот. 

За да можеме успешно да ги идентификуваме изворите на загадување на воздухот потребни се опсежни испитувања, голем број на луѓе и инструменти. Еден од многу битните фактори коишто влијаат на резултатите е опробувањето на воздухот, поточно, добивањето на филтри со соодветна концентрација на честички коишто се репрезентативни за воздухот на одредена локација. Ова се врши во одделот за амбиентална контрола според строги правила користејќи најнова технологија. 

Друг исто така значаен фактор е добивањето на хемискиот состав на честичките коишто се зафатени на филтрите. Оваа постапка се врши со неколку последователни чекори, се користат повеќе инструменти, еден за добивање на водено-растворливите јони, друг за определувањето на концентрацијата на елементарниот јаглерод, а трет за добивање на концентрацијата на околу 30 метали. 

Добивањето на точни и прецизни резултати е многу значајно за да можеме да добиеме модел кој ќе одговара соодветно на испитуваната локација. Можеби последно, но не и најмалку значајно е моделирањето, со кое се добиваат информации за можните извори на загадување на воздухот. 

Вакви испитувања имаме правено неколку, а посебно би сакала да го истакнам испитувањето на изворот на загадување во Градот Скопје. Моментално работиме на испитување на квалитетот на воздухот во пет градови во Македонија. Исто така, планираме да направиме студија за испитување на изворот на загадување за секој од испитуваните градови поединечно. Бидејќи веќе спомнав дека имаме нова и софистицирана опрема, планираме дел од неа да вклучиме во новото истражување со цел добивање на уште поточни резултати. Сакаме да ги класираме честичките според нивната големина и да детектираме кои елементи се присутни во секоја од класите.

mikroskopКој работи во лабораторијата, дали е таа само за вработените и професорите или ја користат и студентите? 

Лабораторијата е отворена за сите наши професори и студенти. Студентите од прв, втор и трет циклус на студии целосно бесплатно може да ги спроведат нивните истражувања во нашата лабораторија. Почнувајќи од лесни и едноставни експерименти, до некои посложени истражувања.

Нашите студенти ја имаат таа можност да бидат вклучени и реално да работат на проекти. Овие студенти подлежат на неколку месечна обука, а потоа работат под менторство и се вклучени во работа на некои поедноставни методи. Оваа можност на студентите им дава да се стекнат со основата на лабораториската работа, а покрај искуството да добијат и финансиски бенефит.

Работата со пософостицираната опрема останува само на стручниот кадар, бидејќи на секој инструмент, не може секој да работи, туку си е потребна подолга обука и посветеност. 

 

 

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат