Во најновиот извештај на ЕУ за Македонија се наведува дека во делот на животната средина и климатските промени не е направен доволен напредок. Препораките кои се дадени минатата година не се целосно исполнети, а наредната година има уште многу работа, се вели во Извештајот на Европската комисија.
И претходните години, но и годинава се бара интензивна и итна работа на регионалните системи за управување со отпад. Македонија има добиено заеми за изградба на депонии во пет региони: Полог, Југозападен дел, Пелагонија, Југоисток и Вардарски Регион. Министерството за животна средина веќе има подготвено документација според ЕУ стандарди за Полошкиот Регион, каде централна депонија ќе биде Русино, но само за следните пет години, затоа што оваа депонија нема капацитет да собира повеќе отпад над пет години. Депонијата во Светиниколско е со значаен проблем во напредокот, овде и во јавноста е познато, дека состојбата е заглавена подолг период. Депонијата која треба да се гради во близина на Општина Свети Николе, сега ќе треба да се решава на национално ниво.
За одново да почне процесот за изградба на модерна регионална депонија кај Светиниколско, државата и официјално ѝ ги одзеде ингеренциите на Општина Свети Николе за изградба, па сега овој проблем ќе треба да се решава на ниво на министерство.
Палењето отпад често е извор на загадување на воздухот (На фото: Запален отпад во Штип)
Оваа депонија треба да го реши проблемот на несоодветното одлагање на отпадот во Источниот Регион на земјата, што претставува голема закана за квалитетот на воздухот. Во многу делови на државата отпадот се складира сосема несоодветно, се пали и претставува опасна закана по здравјето на граѓаните.
Она што е најалармантно за граѓаните на Струга е состојбата со палење на „депонијата“ која се наоѓа на само 1 км од градот и палењето на отпадот во нестандардизирани и нелегални или т. н. „диви депонии“ кои се наоѓаат во близина на секое поголемо населено место. Во минатата декада горењето на отпадот остави длабока трага врз здравјето на граѓаните. При секој мирис на чад граѓаните таму го вперуваат вниманието. Спроведувано е чистење на повеќе диви депонии. Противпожарната служба често интервенира при секое палење на стрништа, трски и пожари при запалување на одложениот отпад ‒ негрижата и ниското ниво на свесност на граѓаните придонесува за влошување на состојбата со воздухот во Струга и околината. Од друга страна, нерешавањето на проблемот со одлагање и третман на отпадот и одлагањето на комуналниот отпад од Струга на нелегалната депонија во близина на градот, неконвенционалните извори за загревање во домаќинствата и индустриските објекти, во последните години драстично го загадуваат воздухот во градот и селата. Во некои периоди во зима, во минатите години состојбата беше страшна и загрижувачка, истакнува Владислав Жупан, раководител на Одделението за локален економски развој во Струга, каде често депонијата беше посочувана како проблем за загадениот воздух.
Дивите депонии, или оние нестандардни депонии, претставуваат голем проблем за граѓаните, а токму тоа се посочува и во Извештајот на Европската комисија.
Во процесот на управување со отпад проблем е имплементацијата, велат од Европската комисија. Во Извештајот се прецизира дека процесот за затворање на нестандардните депонии во источниот дел од земјава е во тек. Извештајот дава признание дека во делот на управувањето со отпад, првиот Национален план за превенција на отпадот за периодот 2022 ‒ 2028 бил усвоен во септември 2022 година.
Во однос на дивите и нестандардни депонии, Европската комисија, но и сите релевантни фактори се согласни дека регионални депонии за стандардно одложување на отпад можат да бидат решение за проблемот, но дека реализацијата на овие проекти оди многу бавно.
За да се надмине овој проблем, пред сѐ е најважно да се воспостави систем за регионален третман и одлагање на отпад. И покрај честите најави, сведоци сме дека проектот бавно се имплементира. Додека не се воспостави легална регионална депонија, не може да се зборува за решавање на проблемот. На повеќе нивоа (министерства, регион и општина) имаше обиди да се идентификуваат активности за санација на депонијата, но поради огромните количини на отпад и големите финансиски средства потребни за таа цел, проблемите се решаваа само парцијално. Според наводите на одговорните лица надлежни за оваа ингеренција, немало запалување на оваа депонија во последните години.
Мерењата ќе покажат дали овие тврдења се исправни, истакнува Владислав Жупан од Општина Струга.
Меѓу другото, Европската комисија поставува барање до македонските власти значително да ги зајакнат административните и инспекциските служби во делот на заштита на животната средина.
Извештајот покажува особена загриженост за загадувањето на воздухот на населените места и потенцира дека наредната година треба особено да се работи на ова поле.
Автоматската мониторинг мрежа продолжи да се одржува и беше надградена со нова станица која работи во Охрид. Во 2022 година финализирани се катастрите за емисии во воздухот за Кичево, Кочани, Штип, Кавадарци, Гевгелија и Прилеп, додека оние за Велес, Тетово, Гостивар и Струга сè уште се во развој. Плановите за квалитет на воздухот се одобрени за Општина Гостивар во февруари 2023 година и за Општина Куманово во декември 2022 година, се наведува во Извештајот на ЕК за 2023 година.