Општина Струмица: Информирањето и едукацијата на населението ќе помогне во справување со загадениот воздух
јули 25, 2023

Ситуацијата со загаденоста на воздухот во Општина Струмица се влошува во зимскиот период. Општината нема поголеми проблеми со загаденоста на воздухот во летните месеци, но проблемите почнуваат од 15 ноември до 1 март, вели Томислав Андреев, раководител на секторот за животна средина во Општина Струмица. 

Томислав Андреев

Многу е веројатно дека граѓаните се најголеми извор на загадување на воздухот, преку загревањето на домовите во зима. Воедно може да се претпостави и дека индустриските капацитети од дрвната индустрија се загадувачи. Немаме прецизни информации, но веројатно е дека се согоруваат материјали кои придонесуваат за поголемо загадување на воздухот. Претпоставките се и дека дрвната индустрија користи за огрев материјали кои загадуваат, вели Аднреев.

Токму поради ова, според Андреев, е потребно добро информирање на населението во Струмица, со цел да се зголеми свесноста за тоа дека самите граѓани се извор на загадување и самите тие се дел од проблемот. Токму поради овие работи се реализира и проектот* со Универзитет „Гоце Делчев“ , со цел да се помогне и во информираноста и едукацијата на граѓаните.

Покрај техниката и инструментите што ќе ги додели проектот, за да ни помогне во инспекцискиот дел, мерењата кои ќе ги направи УГД ќе помогнат да направиме нов план за управување со квалитетот на воздух. Актуелниот план кој го има општината истекува во 2023 година, а врз база на мерења на квалитетот на воздух, ќе направиме нов план и со тие податоци подобро ќе се справуваме со загаденоста. Исто и информираноста е голема придобивка. Поголема информираност на граѓаните значи и поголема свест за загадувањето. Многу граѓани се греат на пластика, пелени и отпадни материјали, вели Андреев. 

Гасификацијата може да е едно од решенијата

Општина Струмица е прва гасифицирана општина во Македонија. Според податоците тие имаат 46 километри, примарна и секундарна гасоводна мрежа. Сите институции во од надлежност на општината се гасифицирани. Овде влегуваат и средните школи и градинките.

Оваа мерка многу помогна во врска со загаденоста на воздухот. Ние имаме релативно чист воздух. Но поскапување на цената гасот ни направи проблеми. Сега се враќаме на други извори на енергија. И покрај тоа што ние ја субвениционираме цената на гасот, сепак цените на светските берзи се високи. Пред војната цената беше 33 денари на метар кубен, а сега е 60 -65. Имаше период кога цената отиде и преку 100 денари, вели Андреев. 

Моделот на гасификација може да го преземат и други општини со цел да го намалат штетното влијание на загревањето на домовите врз квалитетот на воздухот. 

 

*Проектот Справување со загадувањето на воздухот го спроведува канцеларијата на УНДП во Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци , Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП финансирана од Шведска, која го вклучува и проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат