Министерството за животна средина (МЖСПП) не располага со конкретни податоци од мерења за квалитетот на воздухот во околината на несанитарните депонии Мегленци во Новаци и Мечкуевци во Свети Николе, во чија близина, во иднина треба да се изградат регионалните депонии за пелагонискиот, југозападниот, источниот и североисточниот регион. Најблиските мониторинг станици до Мегленци поврзани на Државниот автоматски мониторинг систем се Битола 1 и 2, оддалечени на дваесетина километри од депонијата, додека Свети Николе не е опфатено со државниот мониторинг.
Ветерот шири ѓубре и прашина, а токсичниот исцедок смрдеа
Ветерот носи облаци прашина од несанитарната депонија Мегленци во Пелагонија, каде што годишно со собираат илјадници тони комунално ѓубре од општините Битола, Могила и Новаци. Депонијата постои над три децении. Од неа се шири непријатна миризба, се разнесува смет, а по земјата тече црн исцедок.
Иако на влезот има знак за забранета испаша, внатре можат да се затекнат кучиња, коњи и крави. Колкава загаденост на воздухот предизвикува, досега ни една релевантна институција не излегла со официјални податоци.
Внатре пасат крави иако на влезот има знак за забрана (Фото: Ж. Здравковска)
Депонијата како Дамоклов меч е обвисната врз најблиските села Мегленци и Арматуш. Мегленци, оддалечено два километри од депонијата и од рудникот Суводол на РЕК, со години е погодено од миграцијата. Според Државниот завод за статистика, во 1981 година имало 320 жители, а во 2021 година останал само еден. Арматуш веќе три децении брои триесетина жители. Освен тутун, друго ретко садат на нивите.
„Се чувствува непријатна реа, но не како порано бидејќи откако ќе се донесе сметот, се покрива со земја. Подобро е. Можеме да отвориме прозорец, за разлика од пред неколку години, кога наутро имаше чад и беше неподносливо. Но, кога има ветришта, отворена депонија е, ѓубрето лета на сите страни. Носи кеси и друго. Дел од нивите се напуштени. Годинава, некои, наместо за ораници, се продадоа за колектори за сончева енергија“, вели Митат Халимовски, претседател на месната заедница во Арматуш.
„Причинител е на голем број пожари, дел шумски, и на загадување на воздухот. Континуирано низ годините се одлага неселектиран, нерегулиран отпад од различен тип на потекло, па и медицински, без никаква контрола и регулација. Во ваква состојба каква што е, дом е на разни видови домашни и диви животни, кои претставуваат извор на зараза за жителите во регионот“, вели градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, на чија територија е депонијата.
Спасот се гледа во регионалната санитарна депонија што треба да се изгради повторно во близина на Мегленци, но овојпат по европски стандарди.
„Главниот услов што го бараме е изградба на соодветна сообраќајна делница наменета исклучиво за тешките товарни возила, кои ќе го пренесуваат отпадот до регионалната депонија“, вели Стевановски.
Од јавното претпријатие „Комуналец“, кое стопанисува со депонијата, на нашите прашања кратко ни одговорија дека во Мегленци ѓубрето редовно се посипува со земја и се тампонира како превентивна заштита од загадување и запалување.
Луѓето се иселуваат, а ѓубрето се удвојува
Ништо подобро не е ниту во близина на селото Мечкуевци, на неколку километри од Свети Николе, каде што, исто така, има несанитарна депонија, а во иднина се планира изградба на регионална. Депонијата е незаштитена, без ограда и чуварска служба, па секој може лесно да пристапи. Дел од сметот често гори, се шири црн чад и непријатна миризба. Во непосредна близина на депонијата има лозја каде што земјоделците се жалат дека е тешко да се работи поради чадот и лошата миризба.
Дел од сметот се посипува со земја (Фото М. Лазева)
Директорот на ЈКП „Комуналец“, Зоран Јорданов вели дека одложениот комунален смет ретко гори, можеби еднаш годишно зашто го посипуваат со земја. Но, се случува да влезат непознати лица и да ги запалат фрлените гуми. Тој додава дека се соочуваат со недостиг од кадар за посоодветен третман на ѓубриштето.
Според податоците објавени од МЖСПП, во Македонија годишно се создаваат по 450 килограми смет по жител, а во Свети Николе, како што вели Јорданов, речиси двојно. Тој додава дека во општината луѓето се иселуваат, а ѓубрето се удвојува.
Депониите без посебни мерки на управување
Во Македонија, само скопската депонија „Дрисла“ ги исполнува минимум ЕУ критериумите. Настрана има 54 општински депонии и околу 1.000 „диви“. Според категоризацијата на МЖСПП, депонијата во Свети Николе е од висок ризик за животната средина, рангирана на 13-то место од 54 други, а онаа во Мегленци, од среден ризик, на 28-то место. Општина Битола, во просек, транспортира 51.710 кубни метри комунален отпад од 85.164 жители, а Свети Николе со 15.320 жители, 29.277 кубни метри отпад.
Професорот д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на универзитетската лабораторија за животна и работна средина „Амбикон“, вели дека несанитарните депонии во државава, во основа се без никакви инженерски мерки за контрола при депонирањето (соодветни подлоги и покривки, дренажни системи за собирање и третман на гасови и течности) и без посебни мерки на управување. Поради тоа, значително влијаат врз квалитетот на амбиенталниот воздух и претставуваат ризик за јавното здравје. Од нив се јавуваат континуирани емисии на стакленички гасови, органските испарливи и миризливи соединенија, но и токсични честички и гасови при појавата на пожари.
Од депониите има значителни емисии на стакленички гасови, вели проф. д-р Дејан Мираковски (Фото: ugd.edu.mk)
„Праксата на неконтролирано депонирање доведува до расејување на лесно мобилниот отпад во околината, генерирање токсичен исцедок и значителни емисии на стакленички гасови, метан (CH4) и јаглерод диоксид (CO2), кои придонесуваат за глобалното затоплување и деградација на животната средина. Исцедокот доведува до ослободување испарливи органски соединенија (VOCs), што, пак, резултира со респираторни и други здравствени проблеми за блиските популации, особено кај ранливите групи – децата и постарите лица. И испарливите органски соединенија, деградацијата на органските материи во овие депонии може да резултира со непријатни мириси, што секако влијае врз квалитетот на животот на населението во близина. Микробите во воздухот и ендотоксините може да претставуваат дополнителни здравствени ризици за појава на респираторни инфекции и други болести“, вели Мираковски.
Според него, посебен проблем е што депониите се особено подложни на ендогени и неконтролирани пожари поради лошите практики на управување, составот на отпадот и амбиенталните услови. Како резултат на неконтролираните пожари, се јавуваат интензивни емисии на токсични гасови и суспендирани честички (ПM), чиј состав, зависно од видот на отпадот и условите на согорување, може да вклучува голем број токсични органски и неоргански материи, кои, пак, претставуваат сериозен здравствен ризик за изложената популација.
Според државниот мониторинг, Битола 1 и 2, најблиските мерни станици до Мегленци, покажуваат годишни пречекорувања кај ПМ 10 честичките, кои предизвикуваат респираторни и кардиоваскуларни заболувања. На годишно ниво, дозволено надминување на дневните гранични вредности е 35 дена, а во првите седум месеци од годинава, Битола 1 измерила – 10, Битола 2 – 51 ден, а допрва доаѓаат зимските месеци. Во 2021 година, Битола 2 измерила – 50 денови со зголемени вредности, а во 2022 година, Битола 1 дури 53.
Решението ќе се бара во регионални депонии според ЕУ стандарди
Од публикациите објавени на страницата на МЖСПП направивме обид да ги сублимираме на едно место податоците за загадувачите, иако се однесуваат општо на сите депонии. Користени се „Квалитет на животната средина“ – Годишен извештај за 2022 година, МЖСПП, Македонски информативен центар за животната средина од 2021 година и „Градење на капацитетите за имплементација на ЕУ директива за депонии“ на МЖСПП и Шведска агенција за заштита на животната средина од 2011 година.
Ги бележиме, според зачестеноста на јавување: хексахлорбензенот, тешко разградлив органски загадувач, предизвикувач на заболувања на црниот дроб, кожата, губење на косата, проблеми со тироидната жлезда и коските. Па, депониските гасови метан и јаглеродните оксиди причинители на главоболка, вртоглавица и замор. Кадмиумот ја нарушува функцијата на бубрезите, предизвикува остеопороза и рак на белите дробови, полицикличните ароматични јаглеводороди предизвикуваат астма и предвремени породувања. Оловото ги оштетува бубрезите, црниот дроб, мозокот и нервите. Па, токсичните диоксини, живата, арсенот суспендирани честички ПМ10, ПM2,5, азотни оксиди и неметански испарливи органски соединенија.
Решението на проблемот, државата го гледа во отворањето на регионалните депонии во Новаци и во Свети Николе, каде што отпадот ќе се третира според ЕУ стандардите. Од МЖСПП велат дека ќе се изгради заштитен слој, цевководи за собирање на метанот, третман на исцедокот, со што влијанието врз воздухот ќе биде сведено на минимум. Но, посочуваат дека тоа е долгорочен процес, кој бара добро планирање, обезбедување средства, набавка на возила, канти за собирање на отпадот и изградба. Во моментов, велат, дека се подготвува тендерската документација по што ќе следува објавување, евалуација и потпишување договор за градба. Градежните работи, според МЖСПП, конкретно за овие две локации, се планирани да почнат во последниот квартал на 2025 година.
Автори на текстот: Жанета Здравковска и Марија Лазева
Автори на фотографиите: Жанета Здравковска и Марија Лазева
Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.
Преземено од ЗНМ оригиналниот текст може да се најде на следниот линк.