Министерството за животна средина и просторно планирање дава значајна поддршка во креирање на локалните акции за чист воздух
јули 31, 2023

Анета Стефановска

Министерството за животна средина и просторно планирање ги креира националните политики и дава правен основ за управување со квалитетот на воздух во Република Северна Македонија. Во разговор со Анета Стефановска, Раководител на одделение за мониторинг на квалитет на воздух, Македонски информативен центар за животна средина во Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе дознаеме за улогата на оваа институција во подобрување на квалитетот на воздух во општините.

Законската основа за упрaвување со квалитетот на воздух е поставена со Законот за квалитет на амбиентен воздух и многу подзаконски акти кои се однесуваат на дефинирање на стандарди за квалитет на воздух, регулирање на испуштањето на емисии на загадувачките супстанци во воздухот, обврска за подготовка на плански документи и сл.. Дали тие ги задоволуваат критериумите кои ги наметнува членството во Европската заедница? И дали ќе има промени во однос на обврските на општините?

Законот за квалитет на амбиентен воздух е донесен уште во 2004 година и донесени се повеќе подзаконски акти во кои се транспонирани ЕУ директивите за квалитет на воздух. Секако, Министерството ги следи измените на Европските регулативи и во таа насока во план е подготовка на нов за закон за квалитет на амбиентен воздух и комплетно доусогласување со Европското законодавство. Последните законски измени од јули 2021 година беа со цел да се дадат повеќе ингеренции и обврски на локалните самоуправи во правец на изработка на локални планови за намалување на аерозагадувањето и предвидување и преземање на краткорочни/интервентни мерки при појава на епизоди со алармантно загадување, односно надминување на праговите за алармирање.

Стратешките планови за квалитет на воздух се во процес на ревизија. Какви промени ќе донесат новите национални политики за општините?

Согласно законската легислатива за подобрување на квалитетот на воздухот, предвидена e изработка на национални и локални плански документи за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот.

Министерството за животна средина и просторно планирање, почнувајќи од 2022 година најдоцна до 31 март објавува Листа на зони и агломерации, во која се наведени општините кај кои биле констатирани надминувања на граничните вредности и истата се доставува до градоначалниците на општините, општините во градот Скопје и на градот Скопје. Министерството Листата ја подготвува согласно мерењата од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух. Дополнително, покрај општините наведени во Листата, и општините со број на жители повеќе од 35000 имаат обврска за изработка на план за квалитет на воздух. Во Листата се објавени и општините каде постои ризик од надминување на праговите на алармирање на загадувачките супстанци, односно општините кои имаат обврска да изготват краткорочни акциони планови, кои треба да се имплементираат при алармантно загадување на воздухот односно при надминување на праговите за алармирање. 

Во 2012 година беа донесени првите два национални стратешки документи: Национална програма за постепена редукција на количините на емисии на одредените загадувачки супстанци на ниво на Република Македонија за период од 2012 до 2020 година и Национален план за заштита на квалитетот на амбиентниот воздух за период 2013-2017 година. Во ноември 2018 година донесен е Планот за чист воздух за период 2019-2020 година, врз основа на кој се подготвени и реализирани Програми за намалување на аерозагадување за 2019-2021 година со буџетски средства во висина од 121.000.000,00, 100.000.000,00 и 80.000.000,00 денари соодветно, со цел финансирање на мерки за намалување на аерозагадувањето.

Во план е изработка на нови Национални плански документи во рамки на IPA 2 проект кој ќе започне со реализација во втор квартал 2024 година.

Што се однесува до локалните планови досега донесени се плановите за Агломерација Скопски регион, за градовите Тетово, Битола, Велес, Струмица, Куманово, Кавадарци, Кичево и Гостивар. Изработен е локалниот план за општина Кочани, но истиот треба да се усвои од страна на советот на општината. Во тек е изработката на плановите за квалитет на воздух за Велес, Охрид, Прилеп, Струга, Штип и Гевгелија. Истите ќе се изработат до крајот на јануари 2024 година, по што ќе следи постапка на усвојување од страна на советите на општините.

Важно е да се напомене дека покрај Министерството за животна средина и просторно планирање и ЕЛС и многу други институции спроведуваат политики од својот домен кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на воздухот, како Министерство за економија во подобрувањето на енергетска ефикасност, Министерство за транспорт и врски во креирање на политики за транспортниот сектор, воведување на најдобри достапни технологии од страна на бизнис секторот итн.

Кажете ни нешто повеќе за соработката на Министерството со општините во однос на квалитетот на воздух. Дали општините бараат помош од Министерството за да подготват свои локални планови за квалитет на воздух или мерки и каков тип на поддршка им е потребен?

Министерството за животна средина и просторно планирање согласно расположливите капацитети и ресурси, активно ги вклучува единиците на локална самоуправа во проектните активности кои досега ги има имплементирано. Имено, плановите за квалитет на воздух за општина Битола и град Скопје, се изработени во рамките на проектите во кој Министерството е краен корисник. Повеќе пати досега се организирани работилници за претставниците на ЕЛС со цел нивно запознавање и обучување за мониторинг и оценка на квалитет на воздух, како и за изработка на планови и краткорочни акциски планови. Сепак, генерално поради недоволниот административен капацитет на ЕЛС, Министерството во последните години преку Програмата за инвестиции во животната средина финансираше и активно се вклучи во изработката на планови за квалитет на воздух за десет општини и катастри на загадувачи во воздухот исто така за десет општини. Дел од Плановите и Катасрите се одобрени и доставени во општините, а дел се во фаза на изработка.

Конкретно за општините Гостивар, Кавадарци и Струга, се изработени или во фаза на изработка се планови за квалитет на воздух и катастри на загадувачи во воздух. 

Министерството подготви Национален информативен систем за животна средина, со кој ќе се овозможи следење на спроведувањето на мерките предвидени во стратешките документи. Што ќе смени овој систем?

Во МЖСПП во завршна фаза е воспоставувањето на Национален информативен систем за животна средина, што ќе обезбеди интегриран систем и пристап до податоците од повеќе медиуми на животната средина.

Националниот информативен систем за животна средина е планирано е да има три независни портали: портал за МЖСПП, ЕЛС и град Скопје, портал за деловните субјекти (компаниите, административните објекти и др.) и портал за јавноста.

Истиот е конципиран да биде еден сеопшт и сеопфатен катастар на загадувачи во повеќе медиуми во животната средина во кој ќе се собираат:

Овие податоци потоа би се користеле за градење стратегии, правење планови и дефинирање мерки и активности за зачувување, заштита, обновување и унапредување на квалитетот на животната средина.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат