Воздух полн со високотоксични соединенија, надлежните бараат решение
Статистиките на Центарот за јавно здравје Кочани покажуваат дека во 2020 година имало заразени 8.281 пациент од 20 до 70 години, од кои 3.540 биле машки, а 4.656 женски, во 2023 година, оваа бројка била 12.434, од кои 4.842 машки и 7.592 женски лица. Од почетокот на 2024 година, заклучно со 30 јуни, регистрирани се 6.357 пациенти со респираторни болести. Бројката расте и кај децата од 0 до 6 години, па ако во 2020 година имало 2.948 болни деца со респираторни болести, во 2023 година имало 6.211 болно дете.
Ако тргнете кон спортско-рекреативниот центар Пониква, по патот ќе мора да поминете и покрај градската депонија во Кочани, која се наоѓа во непосредна близина на селото Бели. Од таму постојано се шири црн чад, кој го загадува воздухот. Чадот доаѓа од запалениот отпад, кој на оваа депонија знае да гори и со месеци. Црниот чад што се шири низ воздухот се чувствува и во најблиското населено место, селото Бели, но миризбата и чадот се гледаат и во централното градско подрачје во градот Кочани. Сево ова претставува проблем и за кочанските села, а посебно за жителите на селото Бели, кое се наоѓа во непосредна близина на депонијата. На ова место се согоруваат различни видови отпад, меѓу кои и пластика, која при горењето ослободува диоксини и фурани, високотоксични соединенија, кои се штетни за човековото здравје и за животната средина.
Димче Цебов е жител на селото Бели, Кочанско, и таму живее заедно со своето семејство. Депонијата гори постојано, вели тој, и потенцира дека мора да се стави крај на ова загадување на воздухот.
– Депонијата гори и чади секојдневно. Во Бели сега едноставно не се дише. Штом ќе зачади, се затвораат прозорците, се спуштаат ролетни, надвор нема живот. Крајно време е да се реши проблемот, објаснува Цебов.
Фото: Димче Цебов, жител на селото Бели
ГРАЃАНИТЕ БАРААТ ДЕПОНИЈАТА ДА СЕ ПРЕТВОРИ ВО ЕКОПАРК
Градската депонија во Кочани гори подолг временски период, повеќе од година и половина. Последен пат кога гореше, чадот што се разнесуваше низ воздухот се чувствуваше и во градот, а траеше повеќе од четири месеци, додека во 2023 година, депонијата константно гореше повеќе од половина година. Затоа, местото од каде што се шири непријатната миризба, како и црниот чад, граѓаните го нарекоа „Депонија на смртта“.
Жителите на кочанските села, како и во самиот град Кочани, постојано бараат некакво решение за овој проблем. Само оваа тековна година, жителите на селото Бели протестираа во неколку наврати. На почетокот на годината, од 17 до 20 јануари, континуирано протестираa со затворање на патот што води кон СРЦ Пониква. На овој протест, жителите едногласно бараа дислокација на депонијата. Последниот протест го организираа во јуни, во центарот на Кочани, каде што се бараше итна дислокација на оваа депонијa.
Фото: Протест на жителите во центарот на Кочани
Како втора опција да се дојде до решение, покрај протестите, граѓаните од Кочани почнаа и петиција, поточно собираат потписи со цел – „депонијата на смртта“ да биде дислоцирана. Организаторот на протестот, Марио Паунов побара побрза реакција од страна на надлежните институции, пред сѐ од КЈП „Водовод“ Кочани.
– Жителите на селото Бели бараат градската депонија, која денес игра улога на регионална депонија, да се затвори и конзервира, и на нејзино место да се изгради екопарк. Ќе собираме потписи за дислокација на депонијата. Бараме и КЈП „Водовод“ Кочани да почне со третманот со алги, со цел да се стави загадувањето под контрола“ – вели Паунов.
РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РЕСПИРАТОРНИ БОЛЕСТИ И КАНЦЕР
На депонијата во Кочани, дополнително се депонира и сметот од околните општини, како Виница, Општина Чешиново-Облешево и Зрновци. Од огнот, густиот чад, неподносливиот мирис и загадениот воздух расте и бројот на лица заболени од канцер, како и лица што страдаат од респираторни болести, велат од граѓанските здруженија во Кочани. Поддршка за дислокација на оваа депонија, кое претставува барање на граѓаните за време на протестите, постојано дава и невладината организација за екологија „Грин орг“ од Кочани.
– Во Кочани, статистичките податоци покажуваат дека имаме 328 новодијагностицирани заболени од канцер, само за месеците април и мај. Овој број е индикатор дека навистина мора да се преземат соодветни мерки за да се реши проблемот, да престане да се пали депонијата и да престане да се загадува воздухот. Бидејќи во селото Бели, како најзасегнато населено место, има и мали деца, кои секојдневно дишат од овој воздух – вели Ана Симеонова, претставничка од невладината организација „Грин орг“.
Дека бројот на заболени со респираторни болести расте покажуваат и статистиките на Центарот за јавно здравје Кочани. Ако во 2020 година имало заразени 8.281 пациент од 20 до 70 години, од кои 3.540 биле машки, а 4.656 женски, во 2023 година, оваа бројка била 12.434, од кои 4.842 машки и 7.592 женски лица. Од почетокот на 2024 година, заклучно со 30 јуни, регистрирани се 6.357 пациенти со респираторни болести. Бројката расте и кај децата од 0 до 6 години, па ако во 2020 година имало 2.948 болни деца со респираторни болести, во 2023 година имало 6.211 болно дете.
„Сите овие податоци се од доставени извештаи од страна на сите ПЗУ ординации во Кочани и се забележува дека има зголемување на бројот на прегледани пациенти со респираторни заболувања. Во 2023 година има 18 пријави за малигни неоплазми на респираторни органи, од кои 8 се во периодот од 1.7.2023 до 12.7.2024 година“ – вели специјалист доктор Марија Постоловска-Грижов.
За проблемот, кој повеќе години ги загрижува кочанци, се запознаени и надлежните од ЈКП „Водовод“ Кочани, кои велат дека најголемиот дел од пожарите се подметнати од страна на граѓаните што неовластено живеат на овој простор. Претходниот директор на КЈП „Водовод“ Кочани, Перо Георгијев вели дека депонијата мора да биде обезбедена, со цел да не се дозволи некој да влезе и да подметне пожар, а со тоа да го загрози животот на граѓаните, кои за тоа време дишат загаден воздух. Како дополнителен проблем го посочува и тоа што, покрај првичните 60.000 кубни метри отпад што се депонираа на оваа депонија, сега бројот е зголемен за уште 30.000 кубни метри, со што вкупно се депонира 90.000 кубни метри отпад.
Во месец јуни годинава, кога секојдневно гореше депонијата, од страна на КЈП „Водовод“ Кочани беше објавено и известување дека по 16 часот, депонијата ќе биде затворена и дека е забранет влез во неа. Исто така, тие апелираа до граѓаните, отпадот да го фрлаат во депонијата, а не пред самиот влез или на коловозот, бидејќи за такви постапки се предвидени и санкции.
СЕ ПРЕЗЕДОА И ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕРКИ ДОДЕКА ГОРЕШЕ ДЕПОНИЈАТА
Со цел да се локализира пожарот од кој се ширеше црн чад низ Кочанско и во самиот град, беа испратени и камиони со песок што се истураа врз огнот, со што тој се намалуваше, а со тоа се намалуваше и загадувањето на воздухот.
Фото: Гаснење на пожарот на градската депонија во Кочани
Во моментот додека сѐ уште гореше депонијата, поточно на 14 јуни годинава, се одржа и седница на Советот на Општина Кочани, и во координација со градоначалникот Љупчо Папазов се донесе одлука со која се издвоија средства во вредност од еден милион денари од општинскиот буџет, со цел да се набават морски алги, кои се покажаа како најефикасни во сопирањето на чадот. Меѓутоа, треба да се утврди и надоместок за депонирање на отпадот што се носи од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево.
– Една од слабостите што произлегуваат од обврските што ги презедовме со проектот е што не е утврден надоместок за депонирање на отпадот од другите општини. Тоа е едно од прашањата што треба да се решат поради натамошно финансирање и справување со проблемот. Изградбата на регионалната депонија, како проект со европска поддршка, доцни 12 години, и тоа ќе биде актуелно и за новата влада, изјави градоначалникот Папазов.
Димче Цебов, неговите соседи од селото Бели, како и жителите од другите кочански села и од градот сѐ уште чекаат да се дислоцира градската депонија во Кочани. Тие, два месеца од последниот протест, сѐ уште дишат загаден воздух, ги затвораат прозорците и ги спуштаат ролетните, чекајќи чадот што се шири низ нивното населено место да прекине и, како што велат, барем едно кафе да го испијат во знак на „здравје“.
Автори на текстот: Лаура Стојанова, Трајан Ристевски и Стефани Манева
Автор на фотографиите: Лаура Стојанова
Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот
Преземено од ЗНМ оригиналниот текст може да се најде на следниот линк