Воздухот на граѓаните на Струга
јули 29, 2024

 

Интервју со Марјан Главинчески, член на ИПО „Крсте Јон“ Струга и Раководител на проектот: „ВОЗДУХОТ НА ГРАЃАНИТЕ“.

За време од 60 години постоење на Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“, во спроведувањето на активностите активно зеле учество над 7000 извидници кои на одреден начин ги совладувале  сите задачи кои пред нив биле поставени. Голем дел од нашите членови сега се угледни и реномирани граѓани на Р Македонија.

Денес, Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“ е самостојна, доброволна, непрофитна, неполитичка воспитна организација за деца и млади, отворена за сите без влијание на нивните верски, национални или расни убедувања.

Во Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“ членуваат деца, млади и постари лица кои остварувајќи ја програмата на Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“  и на Сојузот на извидници на Македонија активно се вклучуваат во настаните во средината во која живеат.

Целта на Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“ е да придонесе во развојот на младите луѓе, во достигнувањето на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и членови на нивните локални и национални заедници, како и на меѓународната заедница.

Во последно време членовите на Извидничкиот поречански одред „Крсте Јон“ особено активно се вклучени во полето на заштита на животната средина и се едни од носителите на развојот на граѓанското општество во Општина Струга.

До минатата година, Општина Струга немаше мерна станица. Колку е загаден воздухот во градот и од што може само да се претспостави. Какво е Вашето мислење за оваа тема?

Во недостаток на релевантна анализа, претпоставка е дека најголем извор на загадување во Општина Струга се домаќинствата кои во зимските месеци своите домови, освен со дрва, јаглен и мазут, ги загреваат со искористени моторни масла, гуми, лакиран паркет, ламинат и сл. Дополнително за зголеменото загадување на воздухот придонесуваат и лицата кои согоруваат кабли, гуми, пластика, стиропор и сл. при сепарирање на метал. Еден од најголемите проблеми на локалните жители е тоа што немаат никакви информации и сознанија за квалитетот на воздухот што го дишат, што остава простор за сомневање и шпекулации. Отсуството на тие податоци доведува до недоволен  притисок од јавноста кон институциите кои се задолжени да им обезбедат квалитетни услови за живот. Дополнително, познато е дека зголеменото ниво на суспендирани честички претставува закана за човековото здравје, особено кај децата и кај старите лица како најранлива категорија, а воочливи се тенденциите на зголемување на кардиоваскуларните и белодробните заболувања.

Општина Струга има План за квалитет на воздух и ги спроведува активностите предложени во него. Но, битката за чист воздух бара повеќе од еден борец, бара заеднички ангажман на многу организации.

Каде здружението „Крсте Јон“ го гледа својот придонес во оваа битка?

Општина Струга својот План за квалитет на воздухот го исполнува во рамките на нејзините можности и капацитети, но очигледно е дека не е доволно, т. е. дека по тоа прашање мора да се работи уште попосветено и поодговорно. Наш мотив, преку овој проект, е зголемување на јавната свест за последиците кои загадениот воздух може да ги остави врз здравјето, воспоставување систем од мерни уреди кои во реално време ќе можат да дадат индикативни резултати и заживување на место кое ќе претставува сервис на граѓаните во поглед на нивна навремена и соодветна информираност. За таа цел, во соработка со ОСУ „Нико Нестор“ од Струга, спроведовме едукативни работилници на кои учениците се запознаа со опасностите од континуирано загадениот воздух и научија како да ги склопуваат и конфигурираат мерните уреди. Преку електронски билборд во центарот на Струга, преку нашиот фејсбук-профил и преку нашата интернет-страница редовно информираме за квалитетот на воздухот. Поаѓајќи од нашата основна цел – подигање на јавната свест, нашите активности беа презентирани на неколку национални и регионални телевизии, а во локалното радио во два наврата зборувавме и за проектот и за здравствените предизвици со кои се соочуваме (начините за заштита и превенција од можни заболувања предизвикани од загаден воздух) и за правните алатки кои граѓаните ги имаат на располагање во остварување на правото за здрав живот.

Што покажуваат првите резултати од мерните станици кои ги поставивте?

Со поставување на мерните уреди и континуирано следење на квалитетот на воздухот, на 20 различни локации во Струга и Струшко, се потврдија дел од претпоставките дека воздухот во текот на зимските месеци (за време на грејната сезона), бележи вредност неколку пати повисоки од нормалната. Од моментот кога се мери квалитетот на воздухот на територијата каде е лоцирана градската депонија нема пожари, така што оттаму немаме драстични отстапувања. Во моментов со внимание ги следиме измерените вредности, бидејќи за време на туристичката сезона сообраќајот е со зголемена фреквенција. Овие податоци ќе ги имаме како комплетна слика до крајот на проектот.

Колку се граѓаните проактивни/заинтересирани за квалитетот на воздухот во Струга? 

Го посетуваат ли инфоцентарот кој се отвори во рамките на овој проект?

Комуникацијата во Струга, како мало населено место, се одвива во секојдневни среќавања и разговори очи в очи, така што инфоцентарот има значење на место од каде се спроведува проектот и каде се следат резултатите. Од разговорите, граѓаните на Струга, но и надвор од неа, се интересираат за проектот, планираните активности и за резултатите од мерењата. На нашиот фејсбук-профил редовно се објавуваат содржини кои поттикнуваат размислување за здравиот воздух, користа од него и можните влијанија врз општото здравје. Истиот има 17 918 следачи, од кои 32,8 % се мажи, а 67,2 % се жени.

Кои се следните активности кои ги планирате и очекуваните резултати?

Според распоредот што произлегува од активностите предвидени во проектот ќе се изработи анализа на вредностите забележани од поставените уреди, а резултатите ќе бидат презентирани заедно со резултатите од излезната анкета на завршниот настан. Планирана е и средба со здружение на жени и лица со оштетен слух и вид на која ќе бидат презентирани досегашните согледувања и ќе разговараме на теми за обновливи извори на енергија, како и за модалитетите околу промената на начинот на греење во зимскиот период. Од добиените сознанија се надеваме дека ќе имаме јасна слика и согледување на реалната состојба и врз основа на тоа ќе можеме да предложиме идеи за проекти за субвенционирана промена на начинот на греење.

 

*Иницијативата „Воздухот на граѓаните“ ја спроведува здружението „Крсте Јон“ од Струга во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.

Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансиран од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат