Активностите за www.cistvozduh.mk уште повеќе направија да ја засакам и почитувам животната средина
мај 10, 2024

Интервју со Елена Донева, од неодамна дипломиран студент на студиската програма Инженерство за заштита на животна средина при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и  дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“*. По дипломирањето работеше и на проектот за „Ремедијација и затворање на малите диви депонии во Источниот и Североисточниот плански Регион“, каде успешно и одговорно ги извршуваше задолженијата како асистент на проект во компанијата ENVIROPLAN S.A.

Вие сте воедно и главната личност која од самиот почеток беше вклучена во поставување на подготовка на содржините на порталот cistvozduh.mk, кој изминатава година се изгради во импресивна база на вести од светот на науката и акциите поврзани со подобрување на квалитетот на воздух во Република Северна Македонија. Дали како инженер за животна средина дојдовте во допир со оваа проблематика? Како дојде до оваа соработка?

Уште од мала ја сакав природата и сите нејзини медиуми преку живописните бои и мириси, но како растев сѐ повеќе воочував постепено уништување на животната средина. Сите сме сведоци на загадениот воздух во изминативе години и климатските промени кои секоја година се поинтензивни, па затоа секое слободно време го поминувам релаксирајќи се во природа, подалеку од градскиот метеж. Така и се разбуди желбата за поблиско осознавање на проблематиката за заштита на животната средина. Преку додипломските студии на Факултетот за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, низ богатата и разновидна студиска програма и голем број лабораториски вежби и практична примена на стекнатите знаења, поблиску се запознав со проблемите во животната средина, но и можните решенија за истите. Во последните години од моето студирање добив можност да бидам дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Град Скопје“, кој го реализираше УНДП, а беше поддржан од Шведска. Тоа беше една неверојатна можност за користење на стекнатите знаења за загадување на воздухот, начинот на мониторинг и анализите на суспендираните честички во воздухот. Најпрвин се започна со подготвување и поставување на содржините за порталот www.cistvozduh.mk кој сѐ уште го ажурирам со новости, научни студии и примери за добри практики за заштита на животната средина. Малку подоцна започнавме и со лабораториски анализи на мониторинг филтрите за воздух од пет локации во Скопје, се разбира секогаш под инструкции на професорите вклучени во проектот и поткрепени со одржаните обуки за користење на лабораториската опрема. Оваа соработка на мене ми донесе многу искуства и напредни познавања за заштитата и мониторингот на воздухот и ме подготви за влез во корпоративниот свет.

Како млада жена која допрва го наоѓа својот пат во светот, дали оваа тема е атрактивна за Вас и генерално за младите?

Секогаш се трудам да бидам во тек со новостите од сферата на животната средина и ме интересираат нови, не така проучувани начини за подобар одржлив развој.

Многу новости и научни студии се објавени на порталот www.cistvozduh.mk кои можат да ги доближат сите генерации до оваа проблематика бидејќи од исклучително значење е да знаеме како најдобро да ја одржуваме чиста средината што нѐ опкружува. Верувам дека свеста за заштита и чување на животната средина чиста во сите нејзини медиуми е зголемена кај младите, но и кај оние луѓе кои веќе ги почувствувале ризиците од губењето на здравата и чиста животна средина.

Какви Ви се плановите по завршувањето на магистерската теза? Дали ќе се вратите во Македонија практично да го примените стекнатото знаење или ќе пробате да најдете работа некаде во Европа?

Планови и цели секогаш имам многу, но во зависност од можностите и околностите кои ќе ги имам во тој момент ќе одлучам што по завршување на постдипломските студии. Засега не можам да кажам ништо со сигурност, но како што реков доколку во отворените можности е вклучена и Македонија, би се радувала да се вратам и придонесам со иновативни идеи во полза на мојата држава.

Се разбира, како и секоја професија, инженерството за животна средина не е без свои предизвици. Климатските промени, на пример, претставуваат егзистенцијална закана што ќе бара колективни напори на научниците, инженерите, креаторите на политиките и јавноста за да се ублажи. Сега кога работам на терен можам одблизу да го видам влијанието што инженерите за животна средина можат да го имаат врз светот. Преку дизајнирање и имплементирање на одржлива инфраструктура до развој на иновативни технологии кои го намалуваат загадувањето, инженерите за животна средина се во првите редови во создавањето на почиста, поздрава и поодржлива планета.

Благодарна сум за образованието и можностите што ги добив за време на моето студирање на УГД и верувам дека ова е поле кое има моќ да го промени светот и горда сум што сум дел од него.

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат