Анкета: Граѓаните го сметаат природниот гас за најчисто гориво – дали е ова вистина?
ноември 23, 2023

Дали природниот гас е енергетски спасител или скриен извор на ризици?  Центарот за истражување и информирање за животната средина, Еко-свест Скопје, во соработка со истражувачката агенција Индаго, спроведе анкета која ги открива ставовите на граѓаните во Македонија за гасот како извор на енергија. Иако поголем дел од испитаниците не знаат дека гасот е фосилно гориво кое значително придонесува за глобалното затоплување и климатските промени, сепак го сметаат за поевтино и почисто во споредба со нафтата, јагленот и огревното дрво. Кај една третина од граѓаните постои сомневање и страв во поглед на безбедноста на користењето, но, сепак, голем дел би се приклучиле веднаш доколку имаат пристап до гасоводна мрежа. А, пристап до овој енергент имаат само 12 % од анкетираните.

Најголема примена на гасот граѓаните гледаат во готвењето и загревањето на домовите. 

Извор: Центар за информирање и истражување на животната средина „ЕКО-СВЕСТ“ – Скопје

Природниот гас како енергетска опција

Многумина го сметаат природниот гас за евтино гориво. Но, енергетската криза покажа дека цената на гасот може драстично да варира и сега со сигурност знаеме дека тој никогаш нема да биде евтин како во минатото. Според истражувањето, 74 % од испитаниците го гледаат гасот како најповолно гориво во споредба со други слични опции, како нафтата и јагленот. Најмалку 67 % од граѓаните се согласуваат дека тој е најеколошко фосилно гориво кое помага во намалувањето на штетните емисии. Од аспект на користењето, 67 % го сметаат за подобар избор отколку огревното дрво, што значи помалку чад и ситни честички во воздухот. Точно е дека гасот при согорување не емитува честички прашина и чад, но исто како и нафтата и јагленот е одговорен за емисиите на јаглерод диоксид – причинителот за климатските промени. Оттука можеби посоодветен назив за природниот гас е фосилен гас. 

Дали граѓаните се свесни за ризиците и безбедноста на природниот гас? 

На прашањето дали природниот гас е безбеден за животната средина и за луѓето, 64 % од испитаниците одговорија позитивно, но речиси една третина од испитаниците не е уверена во тоа.

Ова може да се толкува како потреба за подобра едукација и свест меѓу граѓаните. Можеби некои се неинформирани за потенцијалните ризици и безбедносни мерки при користењето на природниот гас. 

Извор: Центар за информирање и истражување на животната средина „ЕКО-СВЕСТ“ – Скопје

Колкав е пристапот на граѓаните до гасоводна мрежа?

Анкетата открива и голема разлика во пристапот до гасоводната мрежа, што има важни импликации за користењето на природниот гас како извор на енергија. Само 12 % од испитаниците се изјасниле дека имаат пристап до гасот како енергент во нивната општина или околина, додека 81 % ја немаат оваа можност. 

Необично, иако 75 % од испитаниците кои немаат пристап до природниот гас изразиле желба дека веднаш би се приклучиле, само 3 % во моментов користат фосилен гас. 

Извор: Центар за информирање и истражување на животната средина „ЕКО-СВЕСТ“ – Скопје

Ако не гас, кои се алтернативните извори на енергија?

Според испитаниците, фосилниот гас би наоѓал разни примени во секојдневниот живот. Голем дел од граѓаните би го користеле во кујната за приготвување на оброк, загревање на вода, како и затоплување на домаќинствата. Во моментот, фосилниот гас во нашата држава се користи главно во индустријата и како енергент за производство на електрична и топлинска енергија. Фосилниот гас е најисплатлив за поголемите индустриски капацитети, но не и за поголем број од домаќинствата. Истражувањето дава податоци и за ставовите околу потенцијалните алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ги соларната и ветерната енергија, хидроенергијата, биомасата и иновативните методи кои испитаниците ги сметаат за релевантни. Според анкетата, голем број на испитаници (91 %) изразиле поддршка за соларната енергија, сметајќи ја за еден од најсоодветните алтернативни извори на енергија за целата држава. Ветерната енергија следува со 76 %, што покажува значителна поддршка на овие два обновливи извори. Ова е индикатор дека како држава сме подготвени за зелената транзиција кон обновливи извори со кои располагаме, без притоа да создаваме зависност од други држави и од увозот на енергенти.

Извор: Центар за информирање и истражување на животната средина „ЕКО-СВЕСТ“ – Скопје

Други содржини кои можеби ќе те интересираат