На научна конференција со наслов „Критични предизвици на животната средина во земјите од Западен Балкан“ универзитетски професори и експерти од регионот ги презентираа своите научни сознанија за животната средина и нивото на загаденост. Конференцијата беше во организација на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Ова е втора конференција по ред во организација на Земјоделскиот факултет. Имаме учесници од Универзитетите во Косово, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Учествуваа универзитетите од Северна Македонија исто така, изјави проф. д-р Билјана Балабанова од Земјоделскиот факултет на УГД.
Сите учесници на конференцијата поднеле свои трудови во кои има и препораки за заштита на животната средина, а и научни сознанија за тоа до каде е загадувањето на животната средина во Западниот Балкан. Претставниците од Лабораторијата за земјишна агро екологија од Ниш дојдоа со три трудови кои имаат тема заштита на земјиштето, но воедно се презентираа и теми за заштита на воздух, вода и монторинг на храна.
Главните заклучоци се дека нашата животна средина е под тежок притисок и според прогнозите тој притисок ќе се зголемува и поради растот на бројот на население, но и поради климатските промени. Ова е добар пример сите заедно да се здружиме и да размениме идеи и да дадеме решенија, вели д-р Јордана Нинков од Лабораторијата за земјишна и агро екологија од Ниш.
На научната конференција покрај учесници од научната заедница имаше и учесници од бизнис заедницата кои научните сознанија ќе ги искористат во своите компании.
Нашата цел на оваа конференција е да ги претставиме практичните решенија кои се нудат на проблемите со екологијата во Западен Балкан. Нашата компанија се занимава со иновативни решенија во делот на агро секторот и енергетскиот сектор. Ние денес презентираме системи за вентилирање кои немаат загуба на енергија и користат обновливи извори, вели Филип Андоновски, директор на компанијата Агро Солар од Штип.
Конференцијата е подржана од Western Balkan Alumni Association, која е асоцијација основана од Европската комисија и ги обединува истражувачите од цел Балкан.
Ова е втора конференција којашто оваа асоцијација ја организира и финансира. Главна цел е со партнерите од Западен Балкан да изнајдеме решенија кои се поврзани со климатските промени. Верувам дека многу студенти во иднина ќе бидат дел од оваа асоцијација која дава одлични можности, вели Сања Стефановска од УГД.
Резултатите од научните трудови ќе бидат објавени во зборник од трудови, а ќе бидат споделени и со институциите низ Балканот и во Европа.