Рекордери во загадување, но не и во наоѓање решение против загадувањето
февруари 28, 2024

ГРАДОВИ БЕЗ ЗДИВ

На проблемот со загадувањето не треба да се гледа партиски, тоа е заеднички проблем

Повеќе од половина од населението во Македонија живее со четирипати зголемени вредности на загаден воздух од препорачаните од Светската здравствена организација. Меѓу градовите што се соочуваат со екстремно загаден воздух се и општините Струмица, Велес и Прилеп, во чии рамки постојат и рудници што вршат ископи, а со самото тоа емитуваат прашина при експлоатацијата на суровините. Меѓу штетните состојки на воздухот што негативно дејствуваат врз здравјето на луѓето е и кварцната прашина, чии износи, според Министерството за животна средина и просторно планирање, се над дозволените концентрации и може да предизвикаат проблеми со здравјето, па дури и карцином на белите дробови.

Екологистите силно го креваат гласот за опасностите по здравјето на луѓето, особено кај децата и бебињата затоа што штетните честички се детектирани уште во папочната врвца. Што и како преземаат надлежните, особено градските власти во внатрешноста и колку со миењето на улиците што го вршат јавните комунални претпријатија може да се намали загадувањето на воздухот? Колку чистите улици придонесуваат за почиста животна средина?

ОД ШТО СЕ СОЗДАВА КВАРЦНАТА ПРАШИНА?

Силиката која често се нарекува кварц, се наоѓа во многу материјали, кои се вообичаени на градилиштата за изградба, нафта и гас, вклучувајќи земја, песок, бетон, ѕидарски карпи, гранит и материјали за уредување. Прашината создадена од работата со песок, карпи и камени материјали, до одреден степен, содржи многу мали силициум/кварцни честички (ПМ10 и ПМ2,5), кои можат да стигнат до дното на дишните патишта при вдишувањето. Се формираат од трошењето на улиците и патиштата (особено од гуми), при чистење зимски чакал и песок, од активности што создаваат прашина, од индустријата за бетон, за градежни материјали, рудници, на градилиштата и со мелењето асфалт. Вдишувањето силициум може да доведе до оштетување на белите дробови, вклучувајќи рак и неизлечива болест силикоза. Затоа, покрај хигиенската гранична вредност за кварцна прашина, постојат и прописи за ракување со материјал што содржи кварц и спроведување редовни медицински прегледи на работниците. СЗО потврдува дека над 11-12 отсто од сите глобални смртни случаи се како последица на загадувањето на воздухот.

Загадувањето на воздухот е причина за повеќе од 50 отсто од сите случаи на акутна долна респираторна инфекција кај децата помали од пет години. Друга високоризична група на загрозени се и вработените во градежните индустрии, леарниците, рудниците, индустриите за пескарење, каменоломите, како и населението што живее близу до ваквите индустриски капацитети. Во тие индустрии има примарна опасност од силикална прашина, која има способност да предизвика сериозни респираторни проблеми, а вдишувањето фини силициум честички може да доведе до состојби, како силикоза, прогресивна и неизлечива болест на белите дробови. Долготрајната изложеност на високо ниво на силика прашина е поврзано со зголемен ризик од рак на белите дробови. Ракот на белите дробови е одговорен за околу 6 проценти од смртните случаи поради загадувањето на воздухот на отворено. Дури и во ЕУ и во државите што имаат индустрии со претпазливи мерки, 5 проценти од смртните случаи поврзани со работата се поврзуваат со изложеноста на канцерогени емисии на работното место.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ОРГАНИЗМОТ ДОКОЛКУ СЕКОЈДНЕВНО СЕ ВДИШУВА ВО БЕЛИТЕ ДРОБОВИ?

СЗО обезбедува докази за врската меѓу изложеноста на загаден воздух и дијабетес тип 2, прекумерна тежина, системско воспаление, Алцхајмерова болест и деменција. Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицираше загадувањето на воздухот, особено ПМ2,5 честичките како водечка причина за рак. Неодамнешниот глобален преглед покажа дека хроничната изложеност може да влијае врз секој орган во телото, комплицирајќи и влошувајќи ги постојните здравствени состојби. Децата се особено ранливи бидејќи нивните тела, органи и имунолошкиот систем сè уште се развиваат. Загадувањето на воздухот му штети на здравјето во детството и го зголемува ризикот од болести подоцна во животот.

Опасноста врз луѓето ја детектираат и еколошките здруженија. Соња Гаврилова од Велес, поранешна претседателка на Здружението на родители за грижа за здраво поколение (членка на Зелената коалиција) и еден од борците против Велешката топилница за олово и цинк и енормниот број на здравствени проблеми кај граѓаните на Велес поврзани со дишните патишта, од кои најпогодени беа децата, го активира населението да дејствуваат, особено што штетни последици има дури и кај неродените деца.

– Како последица на загадувањето, сѐ уште се раѓаат деца со аномалии и попречености. Плацентата земена од папочната врвца на родилките од Велес е 3 до 4 пати позагадена од таа на родилките од Скопје, во примероците на крв од учениците од училиштето „Васил Главинов“ има енормни количества олово и кадмиум. Тој фрапантен податок нѐ загрижи сите. Тогашниот најголем загадувач беше Топилницата за олово и цинк и во повеќе од десетина година на здружени родители, невладини организации и активисти успеавме да докажеме дека еден мора да си оди, или Топилницата од градот, или ние, граѓаните – вели Гаврилова.

АЛАРМИТЕ НА НВО СЕКТОРОТ

Неодамна, жителите на Струмица бурно реагираа и излегоа на протести против рудникот Иловица – Штука затоа што една од формите на создавање кварцна прашина е отворањето рудници.

Костадин Ристоманов од Движењето на независни зелени активисти – Здрава котлина и претседател на Советот на Општина Ново Село смета дека струмичкиот регион е еден од најзагадените и поради индустриските капацитети што користат недозволени енергенси или, пак, вршат дополнително загадување со дробење камен и дополнителна прашина.

– Дополнително ни виси на глава заканата од ново отворање рудници. Градоначалниците од општините и мнозинството од советите како да не сакаат да дознаат со факти од каде доаѓа загадувањето. Речиси и да не постои стимулација и субвенции за тие што сакаат да ги менуваат своите застарени апарати и печки за загревање. Но, одредени домашни и европски фондови мора да го прекинат финансирањето на горење увезен опасен отпад или употребата на фосилните горива. Кај нас во Ново Село нема ставка за миење на улиците. На решенијата треба да гледаме заедно, без партиска поделба, затоа што проблемот со загадувањето е заеднички – дополнува Ристоманов.

МИЕЊЕТО НА УЛИЦИТЕ СЕ ПРАКТИКУВА РЕТКО

Една од општините што има применлива мерка на отчетност и вложеност во оваа активност е Општина Прилеп. Миењето на јавно прометните површини во Прилеп е поделено на три категории или според формулата на прометот на возилата и движењето на граѓаните. Приоритет, според програмата за одржување на ЈПП, е даден на централното градско подрачје, плоштадите и на главните сообраќајници. Кога се врши миење на улиците, се врши и миење на тротоарскиот дел, кога операцијата миење се извршува со притисок со рачно задно црево. Во 2023 година, според Програмата за работа, планирани биле 6 милиони денари за машинско миење, а вкупно се одржуваат 19.830 квадратни метри со миење со цистерна и миењето се спроведува во 9 месеци или 3 пати неделно во прва категорија, што најчесто е централно подрачје или еднаш месечно во четвртата категорија на површини или улици, информираат од ЈКП „Комуналец“ Прилеп.

ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ЧИСТ ВОЗДУХ, ПОДОБРЕН ПРИСТАП ДО ПРАВДАТА

Сегашните закони не вклучуваат одредби за граѓаните да бараат надомест за здравствена штета поради загадениот воздух, иако здрава животна средина е гарантирана со Уставот. Новите правила препорачани од ЕУ и СЗО ќе донесат поефикасни казни и можности за компензација за прекршување на правилата за квалитетот на воздухот. Најсиромашните луѓе во општеството често имаат полошо здравје и помал пристап до висококвалитетна медицинска нега, со што се зголемува нивната ранливост. Во Европа, регионите што се карактеризираат со помал БДП по жител имаат повисоки нивоа на ПМ2,5 честички. Тенденција на раст или стагнација, наспроти намалување е најприсутна во Источна и во Југоисточна Европа, а најмногу во Западен Балкан. Интерактивната мапа на Европската агенција за животна средина, ЕЕА покажува дека на 100.000 жители, поврзаноста со прерана смртност поради изложеност на ПМ2,5 кај нас се движи од 225 жители во скопскиот регион, 155 во североисточниот регион, 125 во источниот регион, 141 во вардарскиот регион, 130 во пелагонискиот регион, 118 во југозападниот, полошкиот до 148 во северозападниот регион.

За разлика од напредните европски држави, кои од поодамна се имаат посветено на намалување на загадувањето, кај нас таа практика е понова, а честопати и несуштинска, театрална или минимална. Главниот град на Шпанија, Мадрид, како една од мерките против загадувањето на воздухот воведе забрана за влез на некои видови автомобили во центарот на градот, со цел да се намалат стакленичките честички во градот. Во Париз, сите возила мора да имаат налепница преку која се утврдува колку возилата го загадуваат воздухот.

Во пракса стана да дишеме загаден воздух, во изминативе неколку дена, како главниот град, така и Струмица е еден од најзагадените градови во земјава со околу 300 ПМ10, Велес со околу 150 ПМ10 и Прилеп со повеќе од 100 ПМ10 честички. Во Македонија, мерките што се преземаат во екстремно загадените денови се главно базирани на препораки за користење на јавниот превоз, да не се употребуваат автомобилите, бесплатен јавен превоз во тие неколку дена за граѓаните каде што воздухот е екстремно загаден, бремените жени да се ослободат од работа и повозрасните и хронично болните да не излегуваат од дома.

Миењето улици е една од лесно применливите мерки за чисти улици, но и за почист воздух за сите граѓани.

 

Извор: https://eea.maps.arcgis.com/apps/InteractiveLegend/index.html?appid=f008e0dc0ce24edfae5463748de10f27

Име на авторите: Ивана Јаневска, Стевче Дечев и Светлана Ристеска

Фото: Светлана Ристеска

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.

 

Оригиналниот текст е објавен на следниот линк

Други содржини кои можеби ќе те интересираат