Контролата на квалитет на примероците од мерењата е клучен чекор за прецизно идентификување на изворите на загадување на воздухот
август 15, 2023

Интервју со проф. д-р Марија Хаџи-Николовa, Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип

Проф. д-р Марија Хаџи-Николовa

Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев во Штип се изградува како клучна институција во мерењето на квалитетот на воздух на национално ниво и во регионот на западен Балкан. Во рамките на втората фаза на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* лабораторијата со прецизни мерења ќе одреди кој го загадува воздухот во пет општини во Република Северна Македонија: Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струмица и Струга. Вакви мерења не е едноставно да се направат, постојат одредени процедури и практики кои треба да се следат.

Мерењето на загaдувањето не е класично мерење, туку „земање на примероци“. Кажете ни нешто повеќе за самата постапка?

Во право сте дека мерењето на загаденоста на воздухот подразбира „земање на примероци“ наместо класични методи на мерење. Земањето примероци се однесува на процесот на собирање репрезентативни примероци од воздух од околината, кои потоа се анализаат за да се одредат загадувачките материи. Амбиентниот воздух поминува низ PM10/РМ2,5 влезниот отвор на мерната станица и PM10/РМ2,5 фракцијата се собира на филтер за период од околу 24 часа. Масата на PM10 и РМ2,5 се одредува со мерење на филтерот при константни услови, пред и по земањето на примерокот. Земањето на примероци се врши согласно стандардна оперативна процедура со која е дефиниран начинот на: избор на локација за земање примероци, стандардна опрема за земање примероци односно мерна станица со низок проток (LVS) согласно МКС ЕN 12341:2014, дефинирање на параметрите за анализа и времетраење. Долгорочното земање примероци, како во нашиот случај, помага да се разберат сезонските варијации, трендови и усогласеноста со стандардите за квалитет на воздухот. Примероците се земаат согласно стандардната оперативна процедура за ракување со примероци, складирање и транспорт. Филтрите кои што се користат за земање на примероци претходно се чуваат во строго контролирани услови, односно температурата и релативната влажност во комората и просторијата континуирано се мониторираат и контролираат. За обезбедување на контролирани климатски услови во кои се одржуваат и анализираат филтрите, се користи специјална комора која е опремена со антивибрациона маса, вага за мерење и дејонизатор.

По земањето примероци од воздух, внимателно се ракува со истите за да се спречи контаминација или загуба на суспендираните цврсти честички. Филтрите се транспортираат во соодветни т.н. петриеви садови, кои се затвораат и соодветно етикетираат за идентификација. Транспортот на земаните примероци се врши согласно стандардни транспортни протоколи, во климатски контролирани услови за да се зачува нивниот квалитет. Навременото доставување во лабораторија е од клучно значење за да се спречи какво било нарушување на квалитетот на примероците. Откако примероците ќе стигнат до лабораторијата, се врши нивна анализа со користење на специфични техники и инструменти прилагодени на загадувачите од интерес. 

Филтри со примероци од воздух

                                      Филтри со примероци од воздух

Дали треба да се следат одредени процедури или протоколи за работа? Како се запазува квалитетот на примероците? Што се прави со примероците по нивната анализа?

Како што споменав и претходно целокупната постапка на земање на примероци се одвива согласно однапред дефинирани стандардни оперативни процедури. Филтрите кои се користат за земање на примероци претходно се чуваат во строго контролирани услови, односно во комората за подготовка на филтри. Условите во просторијата за анализа на филтрите се мониторираат и документираат во електронски облик. Со филтрите секогаш се ракува со пинцета. Сите филтри пред нивна употреба визуелно се проверуваат да не се оштетени. Филтрите кај кои ќе бидат регистрирани одредени недостатоци не се користат. На почетокот на секоја сесија за анализа на филтрите мора да се провери исправноста на вагата согласно постапката пропишана од производителoт на вагата. Пред секое мерење на филтрите, се отстранува статичкиот електрицитет од филтерот со помош на дејонизаторот вграден во комората. За обезбедување на квалитет на земаните примероци од посебно значење е исправното функционирање на системот за земање примероци поради што се врши негова редовна проверка и калибрирање. Опремата за подготовка и анализа на филтрите вклучува: калибрирана вага за мерење, антивибрациона маса со комора со контролирана температура и влажност, дополнителни сензори/уреди за контрола на температура и влажност, со можност за логирање на податоци. Примероците по анализите се чуваат 1 месец во лабораторијата.

Добри податоци се основа за добри резултати. Какви типови на податоци се добиваат од примероците и како се обезбедува да бидат „добри“ т.е. квалитетни?

Од земаните примероци по нивна анализа се добиваат квантитативни податоци, односно концентрацијата на суспендирани цврсти честички изразена во µg/m3. Квалитетот на добиените податоци се обезбедува со почитување на стандардните оперативни процедури за земање, ракување, транспорт и складирање на примероците, кои Лабораторијата АМБИКОН ги има воспоставено согласно MKС EN ISO 17025:2018. Oвие процедури и упатства вклучуваат упатства за начинот на земање примероци, техники за мерење, согласно стандардна метода МКС ЕN 12341:2014, внесување на податоци и контрола на квалитетот.

Употребата на стандардизирани методи и опрема за земање примероци ги минимизира грешките и обезбедува конзистентност на добиените податоци. Ова вклучува користење на калибрирани инструменти од страна на надворешни акредитирани лаборатории за калибрација. Нареден чекор е валидација и верификација на податоците: Податоците се проверуваат за грешки, недоследности, што подразбира вкрстување на податоците со постојните записи, спроведување двоен внес на податоци или вршење статистички проверки за да се идентификуваат евентуални аномалии. „Чистењето“ на податоците вклучува идентификација и коригирање на грешки, вредности што недостасуваат или недоследности во базата на податоци. Овој процес осигурува дека податоците се точни, целосни и подготвени за анализа. Со примена на процедурите за обезбедување квалитет/контрола на квалитет (QA/QC) се овозможува континуирано следење на процесите на собирање податоци, идентификација на потенцијални проблеми и спроведување на корективни активности. Завршна фаза во процесот на обезбедување и контрола на квалитетот на податоците е нивна документација. Темелната документација на методите за земање примероци и сите модификации или трансформации применети на податоците е од суштинско значење за транспарентност и нивно повторно анализирање. Тоа им овозможува на другите истражувачи да го разберат и оценат квалитетот на податоците.

Следејќи ги овие практики, нашата лабораторија се стреми да добие висококвалитетни податоци кои се веродостојни, валидни и погодни за наменетата цел, што на крајот води до прецизни и доверливи резултати.

Резултатите од мерењата се обработуваат и се подготвува извештај со чудно име „Пропорционирање на загадувачите на воздух“. Што тоа всушност значи? Какви информации ќе добијат жителите на петте општини од овој извештај?

Пропорционирањето на изворите на загадување на воздухот се однесува на идентификација и проценка на учеството на различни извори кои придонесуваат за загадувањето на воздухот во дадена област или регион. Тоа вклучува одредување на релативниот придонес на различни извори како што се сообраќајот, домаќинствата, индустриските активности, производството на енергија и природните извори во загадувањето на воздухот.

Разбирањето на пропорцијата/процентуалното учество на секој од изворите на загадување на воздухот е од клучно значење за развивање ефективни стратегии за контрола на загадувањето и спроведување на насочени мерки за намалување на емисиите. Еве неколку клучни поими поврзани со оваа тема:

1. Инвентар за емисии за квалитет на воздух: Креирањето инвентар за емисии често е првиот чекор во пропорционирањето на изворите на загадување на воздухот. Ова вклучува идентификување и квантифицирање на емисиите што се ослободуваат од различни извори на загадување.
2. Распределба на изворите на загадување на воздухот: Техниките на распределба на изворите се користат за да се утврди придонесот/учеството на различни извори на загадување на воздухот. Овие техники може да се засноваат на мерења на загадувачите, статистичка анализа и математичко моделирање. Тие помагаат во идентификувањето на главните извори одговорни за лош квалитет на воздухот и нивната просторна дистрибуција.
3. Регионална варијација: Пропорцијата на изворите на загадување на воздухот може да варира регионално поради фактори како што се географската локација, климата, густината на населението, индустриските активности и моделите на дистрибуција. На пример, урбаните области може да имаат различни доминантни извори на загадување на воздухот во споредба со руралните или индустриските региони.
4. Антропогени и природни извори: Изворите на загадување на воздухот може да се категоризираат на антропогени (предизвикани од човекот) и природни извори. Антропогените извори вклучуваат емисии од индустриски процеси, електрани, возила и домаќинства. Природните извори опфаќаат прашина, шумски пожари, вулканска активност и биогени емисии од растенијата.
5. Временска варијација: Пропорционирањето на изворите на загадување на воздухот, исто така, може да покаже временски варијации. На пример, одредени извори може да бидат позначајни во одредени сезони или периоди од денот. Разбирањето на овие временски варијации е од суштинско значење за спроведување на насочени контролни мерки.
6. Стратегии за ублажување на загадување на воздухот: Информациите добиени за процентуалната застапеност на изворите се важни за развивање на ефективни стратегии за намалување на загадувањето на воздухот. Со идентификување на главните придонесувачи за загадувањето на воздухот, креаторите на политики за животна средина и општините можат да им дадат приоритет на интервенциите и регулативите за намалување на емисиите од сектори или извори кои највеќе го загадуваат воздухот.

Ова значи дека жителите на секоја од петте општини ќе добијат податоци за процентуалната застапеност на различните извори на загадување во нивната општина. 

Важно е да се истакне дека пропорционирањето на изворите на загадување на воздухот е сложена задача која бара сеопфатно собирање податоци, долгорочна и детална анализа. Имено, постапката на земање на примероци од воздух трае повеќе од една година. Истата започна во март 2023 година, а завршува заклучно со април 2024 година, со цел да се добијат податоци за сите 4 сезони, по што следи нивна анализа, односно добивање на податоци за концентрацијата на цврсти честички, испитување на нивниот хемиски состав и на крај се врши моделирање, со цел добивање подетални информации за изворите на загадување на воздухот.

 

*Проектот Справување со загадувањето на воздухот го спроведува канцеларијата на УНДП во Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци , Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП финансирана од Шведска, која го вклучува и проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат