Масовната замена на грејните тела ќе го намали аерозагадувањето
февруари 21, 2024

Печките на дрва го трујат воздухот

ЕКСПЕРТИТЕ СЕ СОГЛАСНИ ДЕКА НАЈГОЛЕМОТО ЗАГАДУВАЊЕ ДОАЃА ОД ГРЕЕЊЕТО СО ОГРЕВНО ДРВО НА ПРВИОТ ДЕН ОД ГОДИНАТА, КОГА СООБРАЌАЈОТ БЕШЕ НАМАЛЕН, А ИНДУСТРИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ НЕ РАБОТЕА, МЕРНИТЕ СТАНИЦИ ВО ВЕЛЕС, КАВАДАРЦИ И ВО КИСЕЛА ВОДА ПОКАЖАА ВИСОКИ КОНЦЕНТРАЦИИ НА ПМ10 И ПМ2,5.

Најновите податоци од Министерството за животна средина покажаа дека 45 отсто од аерозагадувањето го предизвикуваат домаќинствата што се греат на влажни дрва и производи од обоено дрво, но, според експертите, проблемот не го предизвикува само дрвото како гориво, туку и старите, дотраени горилници за тој тип огрев.

Анализата на аерозагадувањето во Кавадарци, Велес и во Општина Кисела Вода, на последниот ден од 2023 и првиот ден од 2024 година покажа дека граѓаните дишат загаден воздух.

Мерните инструменти на Министерството за животна средина измерија високи концентрации на ПМ10 честички во Велес. На 31 декември, вредностите беа 125 мг/м3, додека на 1 јануари 92,5 мг/м3. Мерната станица во Кавадарци, исто така, покажуваше екстремно високо загадување со ПМ10 честички вечерта на 31 декември, 241 мг/м3. Два часа по доаѓањето на новата година, во Кавадарци имаше висок индекс на аерозагадување и огромна концентрација со ПМ10 честички, 198 мг/м. Инструментите во Кисела Вода покажуваа високо загадување со ПМ2,5 честички и концентрации од 158 мг/м3 неколку дена по ред.

Во тие два дена немаше интензивен сообраќај во ниту една од трите општини и не работеа ниту индустриските капацитети, но беа регистрирани вредности над границите, со што се потврдија и податоците на Министерството за животна средина и на експертите дека аерозагадувањето во најголем дел го предизвикуваат домаќинствата што се греат на дрво.

Велес

Цврстите горива емитираат поголема емисија на штетни честички и ако нема контролирано согорување со филтри, какви што имаат најголемиот дел од индустриските објекти, печките на дрво со стари горилници испуштаат огромни количества суспендирани честички ПМ10, кои продираат длабоко во респираторниот систем на луѓето.

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат огревно дрво како примарен извор на енергија. Просечно македонско домаќинство, годишно, користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање.

Според податоците од ЈП „Национални шуми“, во 2022 година од нивните складови се продадени 6.545 кубни метри дрво во Кавадарци, во Велес 1.318 кубни метри, а во Скопје 745 кубни метри. Овие бројки не се однесуваат на дрвото продадено од приватните складови со огревно дрво.

Кисела Вода, Скопје

Само во Скопје има 70.000 оџаци, а оптималната бројка е 10.000 оџаци, за да има драстично намалување на загаденоста, смета професорот д-р Дејан Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

проф. д-р Дејан Мираковски

– Не е проблем кога се греат 100 куќи во една општина, но кога се греат илјадници е сериозен проблем. Имаме наша мерна станица во Кавадарци, која покажува дека загадувањето доаѓа од лошите горилници, иако во градот има и интересни пикови во сезона на носење грозје со трактори, кои, исто така, испуштаат штетни гасови. Велес има висока влажност затоа што минува реката Вардар. Не е класична котлина, но градот држи магла со денови. Сега нема индустрија во Велес и повторно е загаден – истакна Мираковски.

Ставот дека главна причина за загадениот воздух е греењето со дрва, го дели и професорот д-р Ристо Цицонков од Машински факултет во Скопје.

Ристо Цицонков, Машински факултет

„Во Стратегијата за енергетски развој на Македонија е наведено дека над 60 отсто од домовите користат дрва како основно гориво за греење. Овој процент за градот Скопје е помал, но, сепак, има големо влијание. Главен проблем кај греењето со дрва е неговата влажност. Треба да биде под 20 отсто, а во пракса не е така. Проблем се старите печки и шпорети со мала енергетска ефикасност. Но, покрај согорувањето на дрвото, како гориво се користи и мазут и нафта, кои, исто така, вршат аерозагадување – истакна Цицонков.                          Европските земји преземаат ригорозни мерки на централно ниво за намалување на аерозагадувањето и одлуките се носат исклучиво во насока на заштита на здравјето на граѓаните. Во Полска, во кој било од поголемите градови на државата, забрането е горење цврсти горива, како јаглен и дрва за да се спречи загадувањето.  

Во Скопје, Општина Кисела Вода субвенционира купување дрва, иако, според експертската јавност, овој вид на греење загадува најмногу. Ставот на општината е дека греењето на дрва не го забранува државата.

„Нашата држава  не го забранила греењето со дрва и ние не можеме да им наредиме на нашите жители да ги исфрлат од употреба печките на дрва, кога во голем број домаќинства, немаштијата е толкава, што тие и да сакаат, немаат услови за инвестиција во поеколошки начин на греење. Субвенциониравме и печки на пелети, а кај социјално загрозените граѓани интервенираме и со субвенција во сметките за потрошена електрична енергија“, велат од Општина Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека преземаат сет-мерки со кои може да се влијае врз заштитата на животната средина и дека секоја година организираат масовни акции за пошумување. Новина е тоа што општината набавува мерна станица за квалитетот на воздухот, која ќе биде поставена во непосредна близина на фабриката „Цементарница“.

За разлика од Кисела Вода, Општина Велес, во 2023 година субвенционираше купување инвертер-клими, но тоа беше единствената мерка за намалување на загадувањето.

– До моментов не се преземени никакви конкретни краткорочни мерки и не се регистрираат активности за намалување на загадувањето. Локалната власт не обрнува доволно внимание и не одвојува доволно средства за решавање на овој еколошки предизвик – истакна Сашка Коцева од еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес.

Податоците на ова друштво, за 2022 година, покажуваат дека текот на јануари и февруари имало рекордни 29 дена со надминати вредности над дозволеното на ПМ10 честички и 47 од вкупно 60 дена со надминати вредности над дозволеното на ПМ2,5 честички.

Општина Велес не одговори на прашањата дали има точни податоци за аерозагадувањето во градот и што презема за намалување на загадувањето.

Општина Кавадарци, пак, веќе издаде препораки против аерозагадувањето откако се надмина законски дозволената вредност на штетните честички. Томе Лисичанец, екологист од Кавадарци, вели дека граѓаните треба да ги сменат навиките за затоплување на домовите и да го редуцираат сообраќајот, со цел да придонесат кон намалувањето на аерозагадувањето.

А, навиките тешко се менуваат. Само двајца заинтересирани се пријавија да искористат општински субвенции и да го променат начинот на греење при печење ракија од дрва на плин пред шест години во Кавадарци. Поради немање интерес, мерката за субвенционирање беше укината.

– Имаше субвенции и за фотоволтаици, таму, исто така, беше мал интересот, рече Доне Илов, инспектор за животна средина при Општина Кавадарци. 

Ова е само еден од индикаторите дека тешко се менуваат навиките на граѓаните и е потребно уште многу да се работи на терен за да се подигне еколошката свест.

– За разлика од тоа, традиционално има голем интерес за субвенции за купување инвертер-клими и велосипеди, бесплатно чистење оџаци, како мерки за намалување на загадувањето, нагласи Илов.

Истражување од 2021 година покажа дека најголемиот дел од загадувањето е при загревање на домовите со несоодветни енергенси, нешто помалку од автомобили на дизел-горива и индустрија.

– Временските периоди кога е најголемо загадувањето, јасно покажуваат дека тоа е навистина од домаќинствата, најзагадено е тогаш кога сите се дома и кога најинтензивно се загреваат домовите. Особено ако се греат со влажни дрва – објасни Илов.

Некои од решенијата за драстично намалување на загадувањето се масовна измена на начинот на загревање или со замена на стари горилници со нови што се поефикасни и би ги користеле домаќинства што немаат друга опција за греење.

– Не треба да се потенцира само дрвото како производ што загадува. Печките во Македонија се стари, некои од нив и по 30-40 години. Во светот има неколку класи на печки, но ние немаме ниту една од тие. Има сертифицирани печки, кои користат пиролиза (разградување на биомаса без потреба од кислород), но кај нас сѐ уште ги нема во продажба. Треба да се насочиме кон топлински пумпи, во светот тоа е решение број еден. Второ е гасот, но кај нас е доцна поради договорот за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Може да се направат и „дистрикт хитинг“ системи слични на системот во Скопје. Кавадарци е примерот каде што може да се направи овој систем и како огрев да се користат лозанки. Тие што можат да го заменат системот, добро, но тие што не можат, ќе им доплати државата. Во урбана средина каде што секој прави што сака, еве ги резултатите. Не може да се грееме на цврсто гориво во градска средина – порача професорот Мираковски.

Според Цицонков, градските власти преземаат мерки, но резултатот е минимален или го нема.

– Градот Скопје и Министерството за економија повремено даваат субвенции за замена на старите печки на дрва со клима-уреди инвертери или со печки на пелети по системот „прв дојден – прв услужен“. Но, тој број е многу мал. Секако, најголема вина за ваквата ситуација имаат сите градски власти досега бидејќи сѐ уште не е направена дистрибутивна цевководна мрежа за природен гас, иако тој гас пристигна во Скопје уште од 1998 година“, вели професорот Цицонков.

Според студија на МАНУ за намалување на загадувањето, ако 50 отсто од домаќинствата го заменат стариот систем на греење со нов и еколошки ефикасен, земјата има шанси да се избори со загадувањето, но тоа мора да се прави континуирано.

 

Автори: Орце Костов, Светлана Дарудова и Катерина Додевска

Фотографии од загадување Кисела Вода, Кавадарци: Орце Костов, Светлана Дарудова и Катерина Додевска

Фотографии од Велес: Сашка Коцевска, еколошко друштво „Вила Зора“

Фотографии од соговорници: Ристо Цицонков (Машински факултет веб-сајт), Дејан Мираковски (скриншот од видеоинтервју за универзитетски медиум)

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот. 

 

Оригиналниот текст е објавен на следниот линк

Други содржини кои можеби ќе те интересираат