Општина Куманово преку субвенции за гас и бесплатен јавен превоз се обидува да го намали загадувањето во градот
октомври 6, 2023

Загадувањето на воздухот во општина Куманово е со сличен извор како и во другите општини. Огревот и затоплувањето на домовите е еден од главните извори. Општината преку низа мерки се труди да го намали загадувањето со цел да влијае на поквалитетен воздух за граѓаните. 

Една од поголемите причини за емисија на ПМ10 и ПМ2,5 е затоплувањето на домовите кои не се приклучени на гасоводна мрежа, пред се заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, вели Александра Георгиевска Протиќ–Советник за заштита и спречување на загадување на водата, земјиштето и заштита на природата.

Токму поради овој проблем општината субвенционира приклучување на гасоводната мрежа. Ова го прават од 2020 година. 

Целта на субвенционирањето на граѓаните е поттикнување на примена на почист енергенс односно, промовирање на енергетската ефикасност преку користење на гас за загревање и едуцирање и поттикнување на населението за користење на скоро 100% искористливиот, финансиски достапен и еколошки прифатлив енергенс, вели Протиќ.

Подигањето на јавната свест, според Протиќ, е клучна за подобра животна средина и амбиентален воздух.

Подигањето на јавната свест е неопходна активност, која произлегува и од одредбите на Законот за животна средина. Според досегашните искуства соработката со НВО дава најдобри резултати во овој домен заради нивното добро организирање на своето членство и граѓанскиот сектор воопшто. Одделението за животна средина постојано организира работилници со цел подигање на јавната свест преку кампања „Куманово мој зелен дом“ со која се опфатени сите старосни групи преку делење на флаери за заштита на вода, почва, и заштита од бучава како и справување на отпад на ефикасен начин, велат од Општина Куманово.

Во врска со соработката со УНДП, Министерството за животна средина, УГД и општините вели дека е од особено значење за подобрување на состојбите.

Од особено значење е соработката со УНДП и Универзитетот Гоце Делчев од Штип, и е појдовна точка, која на основа на научни испитувања и научни сознанија ќе даде насоки во кој дел би се презеле конкретни понатамошни чекори во справување со загадувањето на воздухот, истакнува Протиќ.

Покрај овие мерки, Општина Куманово воведува и низа други мерки со цел да се намали загадувањето. Тие имаат воведено и бесплатен градски превоз, двосменска работа на инспекциските служби за поголема контрола, регулирање на сообраќајот и низа други.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат