Александар Манасиев е долгогодишен новинар – истражувач, а последните години и обучувач на новинари од целиот регион. Манасиев изминатиот период беше главен тренер на обуки посветени на известувањето за проблемот со загаденоста на воздухот во Македонија. Новинарите и медиумите играат клучна улога во решавање на проблемот, но можат да претставуваат и проблем во ширењето дезинформации, се согласуваат новинарите.
Photo by Klaus Wright on Unsplash
Најголем проблем е сензационалистичкиот пристап, што во голем дел се должи на незнаење или на површност при известувањето. На пример, насловите како „Денес Скопје е најзагаден град во светот“ треба да содржат точен податок за тоа дали навистина во текот на 24 часа Скопје бил најзагаден град или сме одбрале момент/минута кога ПМ2.5 честичките биле на повисоко ниво отколку во другите градови во светот и сме објавиле вест ловејќи кликови. Наместо ловење кликови, треба да ловиме факти. Друг проблем е копи/пејст новинарството кое може да се забележи лесно, со споредба на десетина медиуми кои ги објавуваат вестите без никаква верификација, заедно со грешките на првата објава, стравувајќи дека е подобро да објават невистина отколку да не ја објават веста воопшто. Пристапот треба да биде сосема спротивен – треба да ја ловиме вистината, а не кликовите, вели Манасиев.
Александар Манасиев
За квалитетно новинарство потребни се сојузници во институциите
Манасиев, но и останатите новинари кои ги консултиравме, истакнуваат дека еден голем проблем е што новинарите не наидуваат на сериозна соработка од институциите, од државата, па дури и од граѓаните во работата на вакви теми кои ги засегаат сите.
Голем проблем се недоволната транспарентност на институциите, автоцензурата, недоволното знаење, немањето „одврзани раце“ да се истражува, немањето ресурси и слично. Нам ни требаат сојузници при известувањето за овие теми, сојузници во граѓанскиот сектор, во централната и локалната власт, во граѓаните, бидејќи сите го дишеме истиот воздух и веројатно сите на прво место го ставаме здравјето, а не економскиот бенефит. Но, за жал, реалноста е сосема поинаква и најчесто новинарите, освен во граѓанскиот сектор, немаат други сојузници во оваа борба и поради тоа се полесно подложни на влијание, заплашување и слично. Сепак, серија позитивни примери на „мали“, во број на луѓе, редакции ни покажаа дека кога се известува со факти, кога истражувањата се подолгорочни и систематични, а не инстант и паушални, тогаш тоа влијание се намалува или целосно се надминува, истакнува Манасиев.
Ване Трајков е новинар од Струмица, а работи и како дописник на повеќе медиуми од овој регион. Тој ги споменува сличните искуства кога станува збор за работата на овие теми. Вели, публиката има интерес од овие теми, но кога ќе објавиме, реакции може да очекуваме само од некои невладини организации и толку.
Да, публиката има голем интерес за овие теми. За тоа зборуваат коментарите од јавноста на социјалните мрежи на медиумите за кои работам. Бараат преземање мерки, но и острите реакции за немање институционална грижа. Вообичаено реакциите се од граѓански активисти кои реагираат и за други прашања на социјалните мрежи, вели Трајков.
Ване Трајков
Темите за екологија и аерозагадување треба да бидат актуелни во текот на целата година, а не само кога се во функција на политиката
Официјалните мерни станици и нивните онлајн сервиси се главниот извор за моменталната загаденост на воздухот на новинарите. Сепак, тие се согласни дека се потребни знаења и обуки кои ќе ги подготват новинарите да знаат како подобро да ги читаат податоците, но во исто време и знаења за подобро конструирање на нивните новинарски продукти.
Секој од колегите има различно ниво на знаење поврзано со темата и реално не можам да генерализирам, но поради големиот интерес за овие обуки можам да заклучам дека постои „глад“ за знаење за тоа како подобро да се известува за проблемите со аерозагадувањето и со животната средина воопшто, како соодветно да се користи терминологијата, како податоците да се направат визуелно атрактивни за публиката и слично. Она што е проблем е како тоа да не биде кампањски и сезонски, само за време на грејната сезона, туку континуирано низ целата година, истакнува Манасиев.
Тони Михаилов е долгогодишен новинар од Штип и регионален координатор во Здружението на новинари на Македонија. Михаилов се согласува дека третманот на оваа тема е сезонски, но според него, често и во функција на политиката.
За жал, за најголем дел од редакциите интересот за овие теми е „сезонски“ (од ноември до февруари/март). За жал, истиот период и интерес се поклопува и со „офанзивата“ која ја имаат партиите на оваа тема, кои токму тогаш најмногу се „грижат“ за воздухот. Во таква ситуација, единственото колку-толку квалитетно новинарско третирање на оваа тема е во случаи кога е поддржано од грантови, проекти, најчесто од меѓународни организации. Прашањето се третира најчесто на дневно политичко ниво и граѓаните го израмнуваат со останатите политички препукувања. Сепак, на новинарите, медиумите и надлежните останува тој интерес, макар и од такви дневни политички побуди, да го искористат и да ги наметнат важните прашања за темата чист воздух, истакнува Михаилов.
Тони Михаилов
Според Михаилов, Здружението на новинари и слични организации веќе организираат серии на обуки и семинари на кои се посочуваат вистинските начини за третман на загадениот воздух.
Медиумите и новинарите играат витална улога во борбата против загадувањето на воздухот преку подигање на јавната свест, застапување за промени, држејќи ги одговорни надлежните, прикажување успешни приказни и олеснување на трансферот на знаење. Нивната способност да информираат и да инспирираат акција е од суштинско значење за поттикнување на јавниот ангажман, влијание врз политичките одлуки и поттикнување култура на иновации кон почисти и одржливи практики.