Минатата недела Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за првпат свечено доделија награди за 2023 година за новинарски стории на тема: „Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“. Разговараме со еден од добитниците, Игор Стојанов, новинар од Штип.
Каква беше атмосферата на доделувањето на наградите?
Прекрасна. Секаде каде што се собираат новинари на едно место во релаксирана атмосфера е многу убаво. Воедно беше навистина чест за наградените и останатите присуството на амбасадорката на Шведска и постојаниот претставник на УНДП. Двајцата претставници ја истакнаа важноста на темата и на новинарството, што исто така сметам дека претставува поттик и мотивација за сите присутни колеги.
Дали добиената награда ќе Ви биде поттик уште повеќе да ја опфатите оваа важна тема во Вашата работа?
Апсолутно. Јас и во обраќањето го реков истото. Јас и мојот колега, Тони Михаилов, кој е исто така автор на прилогот, работиме во универзитетските медиуми на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Затоа оваа награда е поттик, не само за нас, туку и за младите луѓе кои работат во медиумите на Универзитетот. Ние, како медиуми во рамките на УГД, ја играме улогата и на едукатори на млади генерации медиумски работници. Ваквите награди и признанија се сигурно поттик за нив, особено затоа што живееме во време кога новинарството не е особено атрактивно меѓу младите.
Како почнавте да пишувате на тема „Квалитетот на воздухот“? Дали поради работните обврски или затоа што лично Вас ве засега?
Темата не е случајна. Ја работевме во рамките на еден проект за „новинарски решенија“ (sollution journalism). За да ја изработиме детално оваа тема, имавме сериозна поддршка од невладиниот сектор. Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип ни помогна во истражувањето, обезбедувањето информации, извори, соговорници итн. Воедно во целиот процес нѐ менторираше експертката за визуализација Сања Врзиќ од Босна, а специјално за изработка на овој текст колегата Тони Михаилов беше во посета на Лондон, за да види како тие го решиле проблемот со текстилниот отпад. Визуализациите, дронските снимки, кои направија вистински импакт, ги правеше колегата Александар Максимов. Навистина многу труд, а и многу луѓе беа вложени во целиот процес. Воедно тоа што е објавено на веб-страницата не е целиот . Овој новинарски продукт имаше кратки видеа, дронски снимки од запалени депонии, инфографици на социјалните мрежи кои укажуваа како да се однесуваме со старата облека и многу други. На некој начин беше мини кампања меѓу нашата млада публика за опасностите од текстилниот отпад и неговиот третман. Истражувајќи се открија многу теми, на пример, дека се потребни и низа законски решенија и други регулативи кои денес ги попречуваат компаниите да го рециклираат текстилниот отпад. Ние имаме снимени материјали, кои не ги пуштивме во овој прилог, од компании кои инвестирале илјадници евра во машини за рециклирање на текстилниот отпад и на еден или друг начин биле спречени да го прават тоа. Се надевам дека ќе најдеме време и можност да ги доработиме овие материјали и да допреме и до оваа тема.
Дали сметате дека како новинар имате доволен извор на податоци за да напишете квалитетна и предизвикувачка новинарска сторија поврзана со загадувањето на воздухот?
Извори на информации има, проблемот е што некогаш е тешко тие извори да ги снимите на камера, некогаш е проблем што некои луѓе не сакаат јавно да зборуваат, а често наидувате и на затвореност од институциите. Особено важно во овој контекст е сите да бидат свесни дека квалитетот на воздухот е важен за сите нас, поважно од кој било бизнис, од која било политичка фотелја и од која било партија.
Според Вас, кој аспект на загадувањето на воздухот води до повеќе кликови: КОЈ го загадува воздухот или КАКО истиот да биде почист?
Добрата содржина секогаш наоѓа пат да стигне до публиката и да го направи потребното влијание. Меѓутоа навистина јас не се водам секогаш од бројот на кликови. И во областа на медиумите и комуникациите допрва има истражувања за важноста на „кликот“. Еве вие земете пример, некој смешен клип на интернет има милионски прегледи, емисија на ИРЛ да речеме има педесетина илјади прегледи. Емисијата на ИРЛ прави системска и општествена промена, додека смешниот клип не може да промени ништо. Имате јутубери во Македонија кои имаат стотици илјади прегледи, но без сериозно општествено влијание, а од друга страна имате релативно мали медиумски продукти кои знаат да променат закони, партии, па дури и власт.
Што Вас лично ве мотивира/би ве мотивирало да останете посветен на овој проблем?
Сѐ додека проблемот со загадениот воздух не биде решен, треба сите да се занимаваме со него. Не велам да се опсесирате во тоа да проверувате секојдневно и во секоја минута колку е загаден воздухот, туку секој во својата област систематски да бара решенија. Бидејќи не е толку лесен проблем за решавање, важно е што повеќе луѓе да посветат повеќе време на него.