Истражувањето на јавната свест за квалитетот на воздухот покажа дека граѓаните најмногу го препознаваат влијанието на лошиот квалитет на воздухот на нивното здравје и здравјето на нивните блиски. Загриженоста за здравјето е она што ги мотивира да бидат позаинтересирани и поактивни во пријавување на загадувачи, како и во преземање активности за подобрување на квалитетот на воздухот во нивното место на живеење.
За лошиот квалитет на воздухот и влијанието врз здравјето веќе многу се пишуваше, вклучително и број на жртви, кои се изворите на загадување и сл. Но за она најважното, како аерозагадувањето влијае на најранливите категории, децата и жените, многу малку информации излегуваат во јавноста.
Затоа денес објавуваме интервју со проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, кој ќе даде детален осврт на оваа тема.
Загадувањето на воздухот е поврзано со голем број здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви, циркулаторни и белодробни заболувања. Но она што повеќето не го знаат е дека е особено штетно за луѓето со дијабетес. Има ли ризик да се зголеми бројот на дијагностицирани луѓе со дијабетес заради лошиот квалитет на воздухот во нивниот град?
- Во студијата на Weinmayr еt al. испитувано е на 3607 учесници на возраст од 45 до 75 години дали долгорочната изложеност на вкупните PM честички и загадувањето на сообраќајот поврзано со PM честичките имало ефект врз појавата на дијабетес тип 2 кај луѓето кои живеат во густо населените региони во Германија. На почетокот на таа студија (во периодот од 2000 до 2003 година) и повторно по пет години, учесниците биле интервјуирани, пополниле и прашалник и биле на лекарски преглед за да се процени нивното здравје и начинот на живот. Имало 36 % зголемен ризик за развој на дијабетес тип 2 за секое зголемување од 1 mg/m³ на изложеноста на двете PM10 или на PM5 како резултат од загадувањето на сообраќајот. Тие откриле дека луѓето кои живеат на оддалеченост на 100 m од прометна улица имале 37 % зголемен ризик да развијат дијабетес тип 2, споредено со луѓето кои живеат на повеќе од 200 m оддалеченост. Заради ова, потребно е да се има предвид фактот дека луѓето кои имаат гојазност и слаба физичка активност, односно не одат пешки или не возат велосипед, а живеат непосредно до сообраќајница со голем број моторни возила (≤ 100 м) имаат поголема веројатност да заболат и од шеќерна болест тип 2.
Зошто децата се почувствителни на лошиот квалитет на воздухот?
Фактори кои ја одредуваат чувствителноста на децата на вдишани загадувачки материи се:
- Децата вдишуваат повеќе според телесна маса од возрасните;
- Децата имаат помали дишни патишта и бели дробови;
- Различна стапка на токсикација и детоксикација (кај децата апсорпцијата во дигестивниот тракт изнесува до 50 %, за разлика кај возрасните до 10 %);
- Ранливост на дишните патишта и алвеоли во развој и раст;
- Незрел одбранбен механизам кај децата;
- Децата повеќе време поминуваат надвор и притоа имаат зголемена вентилација при играње и вежбање;
- Висока инциденца на акутни респираторни инфекции;
- Малите деца се со низок стас и дишењето се одвива поблиску до земјата.
Податоците посочуваат дека 93 % од сите деца на возраст под 15 години дишат токсичен, загаден воздух. Тоа е околу 1,8 милијарда деца помали од 15 години и 630 милиони деца помали од 5 години чие здравје и развој се под сериозен ризик (Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО, 2018).
Која е улогата на здравствените професионални лица како Вас во приказната за чист воздух?
- Рана и точна дијагноза и соодветен третман;
- Изведување на научни истражувања и нивно објавување: Поединечни случаи; и Интервенции на локално ниво.
- Едукација: Пациенти и семејства; и Колеги и студенти.
- Промоција на јавно здравје;
- Обезбедување на добар пример за работа и однесување (докторот не треба да пуши, и/или пие алкохол, а да му кажува на пациентот да не го прави истото – што е демагогија). Исто така докторот треба да ја застапува јавно здравствената политика за активна мобилност, односно пешачење или возење велосипед.