ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА-Алатка за активно вклучување на граѓаните во процесот на носење одлуки
ноември 15, 2024

Форумите во заедницата кои беа организирани во Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, претставуваат важна алатка за активно учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Преку ваквите собири, граѓаните добиваат можност да ги изразат своите мислења, да предложат решенија и да се вклучат во креирањето на политики кои ги засегаат нивните животи. Овој инклузивен пристап ја зајакнува транспарентноста и одговорноста на институциите, а истовремено овозможува прилагодување на локалните иницијативи кон реалните потреби на заедницата, особено во клучните области како што се унапредување на животната средина, инфраструктурата и јавните услуги.

На првиот сет на форумски сесии беа презентирани резултатите од истражувањето на изворите на загадување на воздухот во петте општини, се презентираа тековните локални планови за воздух и нивната досегашна имплементација, а се адресираа и аспектите поврзани со социјално-економските и родово ранливите категории на граѓани.

Граѓаните кои активно учествуваа на првата форумска сесија споделија мислења и идентификуваа решенија за заштита на воздухот, земајќи ги предвид потребите на најранливите граѓани.

Вториот сет на форумски сесии се фокусираше на можните решенија за подобрување на квалитетот на воздухот, преку приоретизирање на низа мерки кои ќе имаат директен позитивен ефект на подобрување на квалитетот на воздухот, а со тоа и на квалитетот на живеење. 

Решенијата кои беа приоретизирани од страна на граѓаните се следните:

Во Струмица, Кавадарци и Гостивар граѓаните приоретизираа сет на мерки за зазеленување и проширување на јавните зелени површини – создавање на нови паркови и зеленило во урбаните средини, со цел зголемување на апсорпцијата на штетни гасови, а воедно и создавање поволни услови што придонесува за намалување на температурните разлики и подобрување на здравјето на граѓаните.

Во Куманово граѓаните приоретизираа сет на мерки за енергетската ефикасност во училиштата – примена на енергетски ефикасни решенија и подобрување на изолацијата на објектите, со цел значително намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на штетни гасови.

Во Струга граѓаните приоретизираа мерка механизација – набавка на цистерни за миење улици и еколошки возила за одржување на чистотата во градот, кои ќе имаат значителен ефект во намалување на ресуспензија на прашината од улиците.

Секоја општина за спроведувањето на мерките ќе кофинансира 50 % од вредноста на интервенциите, односно по 10 милиони денари.

Мерките ќе се спроведат во текот на 2025 година во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ што го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.

Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамките на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

Во продолжение повеќе фотографии од форумите

Други содржини кои можеби ќе те интересираат