Анализа за определување на уделот на различните извори на загадување во градското подрачје на Скопје
март 29, 2022

Source apportionment study Skopje urban area

Студија за определување на уделот на различните извори на загадување во градското подрачје на Скопје

Главната цел на Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион беше да се добијат информации за изворите на загадување и уделот со кои тие придонесуваат кон нивоата на загадување на амбиенталниот воздух, што е суштинска алатка за креирање политики за квалитетот на воздухот коишто се експлицитно или имплицитно потребни за цели на спроведување на Директивите за квалитетот на воздухот.
Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион ја изработи лабораторијата AMBICON UGD при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, како дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје. Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА).

Анализата официјално започна на почетокот на јануари 2021 година и ги вклучуваше следните активности:
• Избор на репрезентативни рецептори/локации за мониторинг станици,
• Земање примероци + хемиска спецификација,
• Подготовка на мултиваријантен модел на рецептори за сите рецептори.

Имајќи ги предвид целите на Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување, тековната достапност на податоци, како и барањата од проектната документација, во рамките на агломерацијата Скопски регион беа избрани и утврдени вкупно пет специфични локации за земање примероци. Две од локациите беа утврдени како постојани со покриеност во текот на целата година, а другите три како локации за индикативни мерења со покриеност во текот на 14 дена по сезона. Постојани локации за мониторинг имаше во Карпош и во Ново Лисиче. А како локации за мониторинг за индикативни мерења имаше во Гази Баба, кај Основното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Ѓорче Петров и кај Основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково.

Севкупно, за двете локации беа идентификувани 7 главни фактори кои имаат удел во масата на PM 2,5 суспендираните честички, односно: сообраќајот, индустријата, согорувањето на нафта и мазут, минерална прашина, горењето оган на отворено, согорувањето на биомаса и секундарните аеросоли. Во текот летните месеци воопшто нема удел, но во текот на зимските месеци (ноември, декември, јануари, февруари и март) согорувањето на биомаса беше главен извор на загадување на двете локации, со просечен месечен удел помеѓу 17,41 и 45,07 μg/m³ за локацијата во Ново Лисиче и 12,16 и 30,42 μg/m³ за локацијата во Карпош. Сообраќајот е вториот најважен извор на загадување за локацијата во Ново Лисиче, со постојан удел помеѓу 4,82 и 17,21 μg/m³ во текот на годината, но со варијабилен и значително помал удел на локацијата во Карпош којшто се движи од 0,86 до 8,69 μg/m³

Секундарните аеросоли имаат најголем удел во текот на најстудените и најтоплите месеци, што е поврзано со високите нивоа на гасовити соединенија (перкурзори) во текот на зимските месеци и фото-хемиските процеси како резултат на високите температури во текот на летните месеци.

Сепак, постојат и други значајни извори на загадување, како што се согорувањето на нафта и мазут и минералната прашина која потекнува од градежните активности, ре-суспензија на прашина од улиците и еолската ерозија на површини без вегетативна покривка, коишто можат и мора да се решат во многу пократка временска рамка.

 

Видео преносот од презентацијата на студијата можето да го погледнете на следниот линк. Отворањето на настанот започнува од 30тата минута.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат