Начинот на греење во домаќинствата е главна причина за лошиот квалитет на воздух во грејната сезона
јули 22, 2023

Ваков и слични наслови читаме секојдневно во зима. Но што да се направи? Како да се грееме во зима а да не го загадуваме воздухот? 

Летниот период е вистинско време кога се прави замена на начинот на греење. Затоа дознајте кој е најдобриот начин да го затоплите токму својот дом.

Тим од експерти се потруди преку проектот REPLACE да помогне и да покаже кои решенија се најдобри во пракса. Тие развија калкулатор „REPLACE“ со кој можете да ја пронајдете најдобрата алтернатива за стариот систем за греење во само три чекори. Погоден е и за за реновирање или замена на вашите котли или печки, прилагоден на вашиот дом и вашата ситуација.

Калкулатор за системи за греење

„Калкулаторот е едноставен и лесен за користење. Одите на следниот линк, внесувате основни податоци за вашето домаќинство и сами ќе направите пресметка. 

Ја внесувате површината на просторот што го загревате, потоа запишувате колку членови живеат во домаќинството, дали имате приклучок кон системот за централно греење и потоа одговарате на уште неколку логистички прашања, како на пример дали имате место за складирање на огревно дрво или пелети и начин како тие можат да бидат испорачани. Штом ќе се внесат овие податоци, калкулаторот ви дава можности за низата на технологии кои што се достапни и го приоритизира најпрактичното, најсоодветното и најекономичното решение за вашето домаќинство. Изборот е Ваш!“, објасни Емилија Михајловска од SDEWES Скопје, институција која го спроведуваше проектот во Република Северна Македонија.

„Покрај оваа алатка, ја имаме и Replace матрицата за греење која што преку едноставен приказ на граѓаните им дава визуелна претстава за различни категории на домаќинства, и дава врска меѓу објекти со различно ниво на топлинска изолација и соодветниот систем за греење. Последната алатка која што е изработена специфично за национални услови е калкулатор за проценка на исплатливоста од инвестирање во инвертер клима уреди. Алатката е едноставна за користење, затоа што се внесуваат податоци само за вкупната површина на домот, површината што моментално се грее и површината што би сакале да се грее, како и основи податоци за моменталниот систем за греење. Врз основа на тоа, алатката го проценува потребниот капацитет на инвертерот, соодветната инвестиција, како и економските и околински придобивки од замената на стариот систем со нов.“, додава Владимир Ѓоргиевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Во пракса, ако едно домаќинство, кое што има 60 метри квадратни, и моментално грее околу 70% од својот дом со електрични панели, а сака да го замени системот со инвертер клима уреди, да загрева поголем дел од домаќинството, да речеме 90%, по замената ќе има заштеда на енергија од околу 60% и заштеда на средства од околу 53%. Освен тоа, ќе се намалат и значително емисиите на стакленички гасови и на тој начин домаќинството придонесува и кон заштитата на животната средина и одржливиот развој.

Иван Димов е член на едно од домаќинствата кои ја направија промената поттикнати од знаењата и зголемената свест добиени преку проектот РЕПЛЕЈС. 

„Греењето на овој стан беше со електричен котел, 24 киловатен. Користејќи го Replace калкулаторот поставивме топлинска пумпа, 4 киловатна. Очекувањата беа дека на годишно ниво трошоците за греење ќе бидат околу 300 евра, оваа година, земајќи предвид колку беше надворешната температура, заклучно со месец март трошоците излегоа 250 евра. Со замена на системот имавме значителни финансиски заштеди. Новиот систем има голем комодитет во поглед на регулацијата на внатрешната температура, односно сетирањето е направено буквално на аутлет температурата на водата од системот се адаптира према надворешната температура со тоа комодитетот значи системот да се вклучи на почетокот на сезоната, да се исклучи на крајот од сезоната без притоа да има потреба од каква било мануелна регулација.“

 

Проектот REPLACE е финансиран од програмата за истражување и иновации на Европската унија Хоризонт 2020 според договор бр. 847087.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат