Еколошки кривични дела и криминалистички истраги
февруари 26, 2024

Минатата недела во Државниот инспекторат за животна средина се одржа тренинг за инспектори за животна средина на тема „Тренинг за едукација за специјални случаи на аерозагадување“. Значаен фокус беше поставен на теми кои не се многу познати на општата јавност, а тоа се: „Еколошки криминал во областа аерозагадување“ и „Еколошки кривични дела и постапка на истражување“. Разговараме со проф. д-р Марина Малиш Саздовска од Факултетот за безбедност во Скопје на овие теми.

проф. д-р Марина Малиш Саздовска

Кривичниот законик на Република Северна Македонија се промени во однос на еколошките кривични дела. Кажете ни, кои се промените, особено оние поврзани со воздухот, и од кога ќе стапат на сила?

Националното законодавство на Република Северна Македонија и пред последните измени на Кривичниот законик имаше доволен број кривични дела со кои законодавецот ја заштитуваше животната средина, вклучително сите три екосистеми: вода, почва и воздух. Постоеја повеќе кривични дела во глава XXII со кои се уредуваше материјата за загадување на воздухот, како на пример, кривичните дела: Загадување на животната средина, Загрозување на животната средина со отпадни материи, Загрозување на животната средина и природата со отпад и сл.

Со новите измени на Кривичниот законик кои ќе стапат на сила на 15.3.2024 година се воведени нови еколошки кривични дела со кои дополнително се врши заштита на екосистемите, вклучително и воздухот, а тоа се: Недозволено работење на постројки, Екоцид и др. Можеби најзначајната новина е воведувањето на кривичното дело Екоцид кое пропишува казниво поведение со кое се предизвикува ,,сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина“.

Она што морам да го напоменам, кога станува збор за еколошките кривични дела во земјата и нивното спречување, тоа е фактот дека националното законодавство ги следи меѓународните искуства и практики во нивното правно нормирање, но изостанува ефикасна, систематска и континуирана активност на надлежните органи за имплементирање на овие законски решенија, односно откривање, докажување и разјаснување на овие кривични дела.

Што треба секој граѓанин да знае за еколошки кривични дела?

Како и за останатите кривични дела, треба да напоменеме дека незнаењето на граѓаните за конкретните битија на кривичните дела, не ги ослободува од одговорноста (вклучително и кривичната одговорност) за сторување на кривично дело. Имено, граѓаните треба да знаат дека со секое нивно поведение со кое се загрозува животната средина, тука пред сѐ се мисли на човекот, животинскиот и растителниот свет, се сторува казнено поведение од областа на еколошкиот криминал.

Конкретна препорака за нашите граѓани е да се користат енергенси за загревање на домовите со кои не се нарушува здравјето на луѓето. Имено, истражувањата во земјата покажуваат дека главната причина за загадување на воздухот, особено во зимски услови, е заради горење на неадекватно подготвена дрвна граѓа и други материјали со кои се врши енормно загадување на воздухот од домаќинствата.

Еколошкиот криминал е најчесто организиран криминал. Како да се справиме ефикасно со него – кој државен орган каква улога има?

Криминалот е сложена општествена појава за чие појавување влијаат бројни и разновидни криминогени фактори. Оттука, не е можно само со имплементирање на една мерка, или активност само на еден орган да се спречи или открие еколошкиот криминал во земјата. Спречувањето на еколошките кривични дела е можно само со навремена, стручна и континуирана активност на сите надлежни органи кои во рамките на своите надлежности и овластувања имаат задача да ги откриваат, докажуваат и разјаснуваат еколошките кривични дела. Тука спаѓаат: полицијата, инспекциските органи, царината, правосудните органи и др.

Примарна улога во спречувањето на еколошките кривични дела има криминалистичката полиција во рамките на Министерството за внатрешни работи, која ex officio е надлежна за разјаснување на сите кривични дела предвидени во Кривичниот законик. Но, недостатокот кој итно треба да се надмине во нареден период е формирање на посебен оддел во рамките на криминалистичката полиција чиј предмет на интерес ќе биде само еколошкиот криминал. Ваков оддел моментално не постои, и што поскоро треба да се формира со цел постоење на одреден број искусни и стручнооспособени оперативни работници кои ќе работат исклучиво на еколошкиот криминал во земјата. Ова е особено значајно имајќи го предвид фактот дека одредени појавни форми на еколошки криминал во земјата имаат организирана криминална форма, како што е, на пример, пустошењето шума.

Што се однесува до останатите надлежни органи, треба да се оценат позитивно мерките и активностите кои ги преземаат Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Царинската управа и др. кои имаат успех во рамките на нивното постапување. Така, инспекторите на ДИЖС се стручни, обучени, професионални и во рамките на нивното оперативно работење на терен, кое се донесува на инспекциските контроли и надзор, имаат конкретни позитивни резултати. Притоа треба да се напомене дека тие при своето работење користат и бројни дополнителни алатки кои им помагаат во стручно и благовремено извршување на задачите, како на пример, чек листи и сл. Царинската управа, исто така, претставува позитивен пример за откривање на казниви поведенија поврзани со заштита на воздухот. Имено, царината има постигнато значајни резултати во делот на спречување на нелегалната трговија со супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка.

Инспекторите не вршат мерења при инспекција, тоа го прават акредитирани лаборатории или стручни лица. Каква е досегашната практика – дали вештаци од Вашиот профил учествуваат во инспекциски надзор? Дали треба нешто да се промени за да бидат поефикасни еколошките кривични пријави? Кои се Вашите препораки?

Во однос на вклучување вештаци при вршење на инспекциски надзор немам конкретни податоци. 

Од анализата на поднесените кривични пријави и судски пресуди, може да се заклучи дека еден дел од кривичните пријави не се прифатени од страна на јавните обвинители, а судиите донесуваат пресуди за еколошки кривични дела кои најчесто се условни осуди или минимални парични казни и казни затвор. Оваа констатација нѐ упатува на заклучокот дека е потребно дополнително обучување на оперативните работници, инспекторите и др. за успешно реализирање на криминалистички истраги, преку кои ќе се обезбедат материјални докази и ќе се поднесат квалитетни кривични пријави. Исто така, потребно е да се реализираат и обуки за јавните обвинители и судиите за зголемување на нивната свест за сериозните последици од еколошките кривични дела и креирање на казнена политика, која ќе биде во насока на превенција на идни кривични дела од областа на заштитата на животната средина.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат