Вашиот дом може да има најмодерен и најдобар систем за греење/ладење, но ако ѕидовите и кровот не се изолирани, ако прозорците се стари и „дишат“, тогаш секоја инвестиција во греење е залудна. Исто така, голем дел од потрошеното гориво и инвестицијата за греење оди „во ветер“. За споредба, најмалку двојно чини истата потрошена енергија во споредба со лани, а тоа неколкукратно го скрати семејниот буџет.
Мерките на подобрување на енергетската ефикасност треба да се прва инвестиција во домот. Ако домот е добро изолиран, ќе ви треба помалку енергенс да го згреете. Тоа значи ПОМАЛКУ изгорени дрва, пелети, помалку потрошена електрична енергија, помали сметки и ПОДОБАР квалитет на воздухот. Затоа можеме да кажеме дека мерките за енергетска ефикасност можат да бидат ваш пријател или непријател. Но, колку луѓето се свесни за придобивките од овие мерки?
Затоа, во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* се направи истражување за перцепцијата на граѓаните за загадувањето на воздухот во Струмица, Струга, Гостивар, Кавадарци и Куманово. Резултатите покажуваат дека:
Повеќе од една третина од интервјуираните жители на сите пет општини изјавуваат дека објектот во кој домуваат има просечна изолација. Добра изолација проценуваат дека имаат 27 % од жителите на Гостивар, 30 % од жителите на Куманово и Кавадарци, 31 % од жителите на Струга и 34 % од жителите на Струмица. Помалку од една петтина од жителите на Кавадарци (19 %), Куманово (17 %) и Струмица (18 %) изјавуваат дека објектот во кој домуваат има одлична изолација, а истото мислење го делат 12 % од жителите на Гостивар и Струга.
Жените во Гостивар и Струга повеќе се грижат дали нивниот дом е добро изолиран или не. Во Гостивар и Струга постои разлика во перцепцијата на мажите и жените во поглед на квалитетот на изолацијата во домот. Со оглед на тоа дека жените се тие кои во овие градови поминуваат поголемо време во домот (во работните и неработните денови), тие повеќе ги чувствуваат ефектите од изолацијата. Земајќи го предвид ова, тие, во поголема мера од мажите, имаат забелешки на квалитетот на изолацијата на домот. Мажите, пак, се позадоволни од постоечката изолација во нивниот дом. Во останатите три града не се забележуваат значајни разлики меѓу одговорите на мажите и жените.
Дали би рекле дека објектот во кој домувате има:
Една третина од испитаниците од петте града изјавиле дека немаат никаква изолација на ѕидовите. Еден од 10 граѓани не знае дали и каква изолација има на ѕидовите во својот дом. Од оние испитаници кои одговориле дека нивниот дом е изолиран, четири од десет интервјуирани граѓани изјавуваат дека изолацијата на ѕидовите во нивниот дом е од стиропор.
Каков вид изолација на ѕидовите имате во домот?
Крововите најчесто не се изолирани, немаат капа која ќе ја задржи топлината во домот. По една третина во домаќинствата во Куманово, Гостивар и Кавадарци крововите немаат изолација, додека меѓу домаќинствата во Струмица е уште помал и изнесува 26 %. Единствено во Струга процентот на изолација на крововите е нешто поголем и изнесува 40 %. Еден од 10 граѓани не знае дали и каква изолација има на крововите во својот дом, освен меѓу жителите на Гостивар, каде неинформирани се 21 % од испитаниците.
Каков вид изолација на кровот имате во домот?
Повеќе од 60 % од прозорците се од ПВЦ. Далеку помалку, но сепак во употреба, се и дрвените прозорци. Во изолирани случаи, но сепак спомената е употребата и на алуминиумски видови прозорци.
Одговорите на прашањата поврзани со енергетска ефикасност во домовите даваат навидум задоволителен процент за просечна и подобра изолација. Но, подлабока анализа на одговорите дава друга слика: од 14 % (Кавадарци) до 24 % (Гостивар) на испитаниците воопшто немаат или имаат лоша изолација на своите домови, а процентот се зголемува на околу 30 % за неизолирани ѕидови, па дури и до 40 % за кров без изолација. Оттука, потребно е да се зајакне свеста на граѓаните во однос на улогата на енергетската ефикасност во намалувањето на трошоците за загревање.
Како? Потребно е да се зајакне соработката на општините со стручната фела (енергетски контролори, експерти и сл.) со цел да се обезбеди соодветна поддршка за домаќинствата да можат да инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност во нивниот дом дури и со осиромашениот домашен буџет од енергетската и ценовната криза. Поддршката не мора секогаш да биде финансиска, може да биде бесплатна енергетска контрола, обезбеден попуст за изолација и слично.
*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на Програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
Автори на текстот:
Александра Димова Манчевска, проектна раководителка во УНДП
Павлина Здравева, консултантка за животна средина и климатски промени