Истражување на ЕУ: Еден од осум смртни случаи поврзани со загадување
октомври 13, 2021

Загадувањето на животната средина е еден од најголемите причинители на здравствените проблеми со смртен исход, и тоа за жал се потврдува во континуитет, во речиси сите извештаи и истражувања поврзани со животната средина. Извештајот на Агенцијата за заштита на животната средина на ЕУ за 2020 година дава алармантни податоци, кои особено ја потенцираат лошата состојба во земјите на Балканот.

infographic

Еден од осум смртни случаи во Европа има врска со загадувањето на животната средина, а ситуацијата е најлоша на Балканот, се вели во извештајот.

Во извештајот се наведува дека земјите со најголем процент на смртни случаи поради загадување се Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија.

Се наведува дека загадувањето на воздухот, загадувањето од бучава, слабиот квалитет на водата и изложеноста на хемикалии се причина за 13% од сите смртни случаи. Извештајот открива и една друга страна на последиците, а тоа е дека посиромашните заедници се најтешко погодени од загадувањето.

Вирџиниус Синкевичиус, еврокомесар за заштита на животната средина, вели дека „постои јасна врска помеѓу состојбата на животната средина и здравјето на луѓето, и секој мора да разбере дека грижејќи се за нашата планета, ние не го штитиме само екосистемот, туку и човечки животи“.

Во извештајот се наведува дека постојат „јасни разлики“ помеѓу Источна и Западна Европа.

„Товарот на болестите поврзани со загадувањето е нерамномерно поделен во Европа“, се вели во извештајот.

„Процентот на смртни случаи поврзани со загадувањето се движи од девет проценти во Норвешка и Исланд, до 23 проценти во Албанија и 27 проценти во Босна и Херцеговина.“

Кога станува збор за земјите од Европската Унија, најлоша ситуација е во Романија, каде што 19% од смртните случаи се поврзани со загадувањето, а меѓу погодените земји се и Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

„Сиромашните заедници најчесто се борат со тројно оптоварување – сиромаштија, лош квалитет на животната средина и лошо здравје“, се вели во извештајот.

infographic

Она што долго време се потенцира кога се говори за причините за загадувањето на воздухот, се потврдува и во овој извештај, кога се наведува дека Источна и Југоисточна Европа се посиромашни и позагадени од остатокот на Европа, пред сè поради честичките во воздухот создадени од согорување на цврсти горива што се користат за греење и готвење.

И Светската здравствена организација (СЗО) постојано го актуелизира проблемот со аерозагадувањето, наведувајќи дека милиони луѓе умираат секоја година како резултат на загадување на воздухот.

Тие, исто така, посочуваат дека загадувањето на воздухот е одговорно за една третина од смртните случаи од мозочен удар, рак на белите дробови и срцеви заболувања.

Последниот извештај на ЕЕА, исто така, истражуваше кои заедници беа погодени.

„Посиромашните луѓе се несразмерно изложени на загадување на воздухот и екстремни временски услови, како што се топлотен удар и екстремен студ“, се вели во извештајот. Тоа има врска со местото каде што живеат, работат и одат на училиште, што често се случува во урбаните средини во близина на прометни патишта.

 

Извор

Други содржини кои можеби ќе те интересираат