Дали и колку функционираат домашните прочистувачи на воздух?
август 31, 2023

Прочистувачите на воздух се чест уред во домовите дури и кај нас. Луѓето без особено размислување и селекција се одлучуваат да купат уред за прочистување на воздухот со надеж дека ќе можат да дишат почист воздух.

Обично овие прочистувачи на воздух ги произведуваат големите компании, па многу често на интернет ќе видите маркетинг текстови кои ве уверуваат дека уредите прават чуда. 

Прочистувањето на воздухот е комплицирана работа и зависи од многу фактори. Најпрвин зависи од тоа дали загадувањето ни доаѓа од надвор (фабрики, автомобили, затоплување..) или ни доаѓа од внатре (нечисти клима уреди, наталожен прав, активности поврзани со реконструкција и реновирање…). Потоа зависи и каков филтер на воздухот користиме, најчесто во продавниците низ Македонија можат да се најдат прочистувачи со ХЕПА филтри. 

Ние во овој текст ќе се обидеме да сублимираме неколку научни истражувања за да дојдеме до одговорот на прашањето дали и колку функционираат домашните прочистувачи на воздухот. Секако дека не можеме да ги опфатиме сите аспекти, но можеме да дадеме основни одговори на ова прашање. Во текстот ќе поставиме хиперлинкови за оние кои сакаат да се едуцираат повеќе на темата. 

                            Photo by Lucas Hoang on Unsplash

Загадувањето на воздухот стана еден од најголемите ризици за здравјето во светот, поврзан со околу милиони смртни случаи, според неодамнешниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО). Новите податоци дополнително откриваат посилна врска помеѓу изложеноста на загадениот воздух и кардиоваскуларни болести, како што се мозочните удари и исхемичната срцева болест, како и помеѓу загадувањето на воздухот и ракот.

СЗО предупредува дека загадувањето во домовите, од греење и готвење, станува голем проблем на денешницата. Милиони луѓе умираат прерано како резултат на животни навики или култура на живеење.

Затоа, филтрирањето на воздухот се препорачува и може да биде ефикасно како дел од мерките за контрола на животната средина за борба против овие загадувачи.

Филтрирањето на воздухот во затворените простории може да се постигне преку системи за целата куќа поврзани со греење, вентилација или климатизација (HVAC) или преносни средства за чистење на воздухот во просторијата.

Клучни атрибути кои треба да ги барате кај филтрите

Моментално достапните прочистувачи на воздух обично користат повеќеслоен филтер систем составен, честопати од пред-филтер, јаглероден филтер, антибактериски филтер и ХЕПА филтер.

                               Photo by ASIA CULTURECENTER on Unsplash

ХЕПА филтрите се најчесто користени филтри во уредите за пречистување на воздухот кои вообичаено се користат во болниците, но сега веќе се достапни за користење и во домашните прочистувачи на воздух.

ХЕПA филтрите отстрануваат најмалку 99,97% од честичките со дијаметар ≥0,3 μm, што ги прави многу ефикасни при прочистувањето на воздухот.

Студиите покажуваат голема ефикасноста на овие уредипри прочистување на воздухот и подобрување на неговиот квалитет во затворените простории. Особено треба да се истакне големата ефикасност на овие филтри кај луѓе со астма и респираторни проблеми. Асматичните лица кои живеат со домашни миленици користејќи ваков филтер за чистење на воздухот добиваат подобрување на респираторната функција и намалување на симптоми предизвикани од астма.

Изложеноста на честички на воздухот во затворените простории е поврзана и со кардиоваскуларни ризици.

Филтрацијата на воздухот во затворен простор ја подобрува микроваскуларната функција кај здрави постари лица, намалувајќи го ризикот од кардиоваскуларни болести. Со намалување на концентрациите на фини честички во затворен простор, се подобрува ендотелијална функција и се намалува воспалението.

Ова сугерира дека филтрацијата на воздухот може да помогне да се намали ризикот од кардиоваскуларни проблеми.

Накратко, филтрацијата на воздухот е вредна алатка за подобрување на квалитетот на воздухот во затворените простории, што доведува до подобри резултати на респираторното и васкуларното здравје. Тоа е ветувачко решение за создавање поздрава животна средина во домовите.

Филтрите не се решение – изворите на загадување се

На крајот мораме да напоменеме, дека иако филтрите помагаат во прочистување на воздухот тие не се нудат како решенија за загаденоста на воздухот. Во сите релевантни препораки на СЗО и други организации, се препорачува да се отстранат загадувачите, а многу често тоа може да биде и многу поефикасно и многу поевтино. На пример, често главен загадувач во домот може да биде начинот на затоплување на домот и начинот на готвење. Ако се решат овие две работи воздухот во домот ќе биде многу поздрав, отколку ако се остават изворите на загадување, а се стави филтер за прочистување на воздухот. Токму затоа Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* работи на идентификација на изворите на загадување, затоа што тоа е најдолгорочното и економски најисплатливото решение за справување со овој проблем. 

 

*Проектот Справување со загадувањето на воздухот го спроведува канцеларијата на УНДП во Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци , Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП финансирана од Шведска, која го вклучува и проектот „Градење на општинските капацитети за спроведување на проекти“.

Други содржини кои можеби ќе те интересираат