Какви субвенции – такво здравје
јули 31, 2023

detox development

Најголемата грижа на граѓаните е влијанието на загадениот воздух на здравјето – нивното и на нивните блиски. Најновиот извештај на Светска Банка „Детоксификација на развојот“ открива фрапантни бројки за влошување на здравјето како резултат на погрешни субвенции – штетни за животната средина. 

Употребата на фосилни горива – поттикната од огромни субвенции – е клучен двигател на 7-те милиони предвремени смртни случаи секоја година поради загадениот воздух. Околу 94 отсто од населението во светот е изложено на небезбедни концентрации на PM честички. Товарот од загадувањето на воздухот на здравјето е особено висок во индустријализираните земји со среден приход. Сиромашните и маргинализираните групи често се изложени на повисоки нивоа на загадување и се помалку способни да си дозволат соодветна здравствена заштита.

Само во 2021 година државите ширум светот активно платија околу 577 милијарди американски долари за „вештачки“ да ја намалат цената на загадувачките горива како нафтата, гасот и јагленот. Со ова, владите не само што ја поттикнуваат прекумерната употреба на фосилни горива, туку и го продолжуваат користењето на високо загадувачки и неефикасни технологии. 

Од сите субвенции во енергетскиот сектор, околу три четвртини се за фосилни горива. Зголемување на цените на фосилните горива ќе ги намали стимулациите за користење горива кои го загадуваат воздухот – но ефективноста на овој инструмент може да биде ограничена. Кога горивата што загадуваат се скапи, луѓето ја намалуваат нивната потрошувачка. Зголемувањето на единечната цена на енергијата за 10 проценти резултира со краткорочно намалување на потрошувачка од околу 2 отсто, особено кога не се достапни почисти алтернативи.

Отстранувањето на субвенциите за фосилни горива може да ги намали концентрациите на PM2,5 честички помеѓу 2 и 40 проценти, во зависност од разгледуваната земја. Дополнително, реформа на субвенциите може да спаси 360.000 животи до 2035 година во 25 земји со високо загадување и со високи субвенции. Но, за да биде поефикасна, оваа реформа треба да е придружени со комплементарни политики (достапност на чисти технологии, решавање на ограничувањата на информации, недостаток на капацитетите и решавањето на предрасудите во однесувањето).

Промена на начинот на субвенционирање е поволна за сиромашните. Верувањето дека реформите за субвенционирање несразмерно ги погодуваат сиромашните не е секогаш поткрепено со податоци. Во некои случаи, како што се субвенциите за енергија, богатите имаат поголема корист поради нивната поголема потрошувачка. Во речиси сите земји, побогати домаќинства трошат значително повеќе енергија од посиромашните, па ако се отстранат субвенциите – губат повеќе. За да се заштитат ранливите групи за време на реформите за субвенционирање, извештајот препорачува обештетување на оние кои можат најмногу да настрадаат, користејќи мерки како директни парични трансфери. 

Пренамена на овие расипнички субвенции ќе помогне да се обезбеди зелена и правична транзиција која може да обезбеди работни места и можности за сите. За споредба, државите годишно трошат шест пати повеќе за субвенционирање на потрошувачката на фосилни горива отколку за нивните обврски за справување со климатските промени преземени со Договор од Париз. 

Пренасочувањето на овие субвенции може да отклучи значителни средства за чист воздух и одржливи цели!

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат