Спроведен тренинг за инспекциски надзор во животната средина
декември 6, 2023

Инспекцискиот надзор во животната средина претставува клучен механизам во борбата со аерозагадувањето. Државата прави постојани напори и подобрувања во инспекцискиот надзор, а во април минатата година беше усвоен новиот Закон за инспекциски надзор во животна средина. Целта на Законот е подетално уредување на инспекцискиот надзор во животната средина заради надминување на проблемите поврзани со вршењето на инспекцискиот надзор во животната средина. Законот за инспекциски надзор во животна средина го следи текстот на Законот за инспекциски надзор, но истиот како посебен Закон врши дообјаснување и дополнување на одредбите кои се само генерално уредени или воопшто не се уредени во рамковниот закон.

Досегашниот систем бележи и одредени недостатоци кои се поврзани со координирано планирање на целата територија на државата, кое резултира со пропусти или преклопувања во надзорот на одредени медиуми или области или субјекти на надзор, но и потреба за посериозна анализа на резултатите од извештаите и соодветно планирање и координиање на национално и локално ниво.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“* во петте партнерски општини (Кавадарци, Струмица, Струга, Куманово и Гостивар) активно работи на јакнење на капацитетите на локалните инспектори за животна средина. За таа цел на 6 декември 2023 г. во просториите на Државниот инспекторат за животна средина се одржа првиот тренинг за инспекциски надзор каде овластени инспектори од Струга, Кавадарци, Гостивар, Куманово и Струмица имаа прилика да се запознаат со новиот акон за инспекциски надзор во животна средина, Е-инспектор платформата, Водичот за инспекциски надзор во животна средина, но и да се стекнат со практично искуство за вршење инспекциски надзор над Б ИСКЗ дозвола во делот на емисии во воздух.

Повеќе информации од тренингот може да најдете овде

 

*Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

 

Други содржини кои можеби ќе те интересираат